онам длабоко во своето тело како во бара, мочуриште, во кое само јас знам каде да стапнам. Предавничко тло, моја територија. Станувам земјата на која го ставам увото за да ги слушнам озборувањата од иднината.“ „Јас сум облак, згуснат околу еден средишен предмет во форма на крушка, којшто е цврст и повистинит од мене и руменее внатре во својата проѕирна обвивка. Внатре има простор, голем како небото; ноќе, темен и кривулест, повеќе црвено-црн одошто црн. Точките светлина набабруваат, болскотат, прскаат и свенуваат во него, безбројни како ѕвездите. Секој месец се појавува месечина, огромна, тркалезна, тешка, зол предзнак. Преминува, застанува, продолжува и заминува, а јас го гледам очајот како доаѓа кон мене како глад. За да се почувствувам толку празна, повторно, повторно. Си го слушам срцево, бран по бран, солен и црвен, продолжува и продолжува, го означува времето.“
Превод од англиски јазик: Кристина Димкова
Број на страници: 342
Издание вон едиција

Маргарет Атвуд
(1939)
Маргарет Атвуд е автор на повеќе од педесет книги проза, поезија и критички есеи. Во нејзините најзначајни дела спаѓаат романите Мачкино око, Невестата крадливка, Алиас Грејс, Слепиот убиец итн. Култниот роман на Атвуд од 1985 г. Приказната на робинката, се врати на листите на бестселери со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, кога робинките станаа симбол на отпорот против обезвреднувањето на жените, како и со промоцијата на наградуваната телевизиска серија на Канал 4, во 2017 г. Атвуд има добиено бројни награди, вклучувајќи ги наградата Букер, наградата Артур Ч. Кларк за имагинацијата во служба на општеството, наградата Франц Кафка, Германската мировна книжевна награда, како и наградата за животно дело на ПЕН САД. Во 2019 г, стана член на Редот на кавалерите на честа за своите достигнувања во литературата. Има работено и како илустраторка, либретистка, драмска писателка и кукларка. Живее во Торонто, Канада.
