Томислав Османли

Томислав Османли (1956) е автор на 30 книги: три романи, осум збирки раскази, три книги теорија, повеќе книги драмски текстови, две книги филмски сценарија, две книги за деца, две книги есеи, поетска книга… и на голем број меѓународни објави. Со своите книги посветени на теоријата на филмот („Филмот и политичкото“, 1982) и на стрипот („Стрип – запис со човечки лик“, 1987, 2002) тој е македонски пионер на медиумската теорија и во тие два домена: македонската филмологија и теорија на стрипот. Двете книги доживејаа не само домицилни, туку и пошироки афирмации и во односните творечки средини и на поранешна Југославија. Прозната работа ја започнал со книгата раскази „Пеперутката на детството“ („Мисла“, 1993), издадена по повод 30-годишнината од скопскиот земјотрес. Османли е автор и на осум збирки раскази. Сите раскази и новели од неговата прозната збирка „Светилка за Ханука“ („Форум“ 2009, „Икона“ 2014, 2017) се објавени во голем број респективни списанија во Европа и во светот (од Израел, САД до Аргентина), при што целата збирка во превод пред сѐ на англиски јазик, а потоа и на ладино, ја објави брисeлското списание за сефардска култура „Los Muestros“. Збирката раскази и новели „Светилка за Ханука“ („Форум“, 2008) стана лауреат на наградата „Прозни мајстори“. Оваа книга 2021 година ја објави престижната српска куќа „Прометеј“ од Нови Сад. Неговата најнова прозна книга, збирката „Парадоксикон“ е наградена со „Рациново признание“ за 2020 година. Автор е на три романи: „Дваесет и првиот“ („Блесок“, 2010), ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“. Истата година овој роман беше избран за македонски претставник во натпреварот за наградата „Балканика“ и нејзин финалист. Книгата е преведена и објавена на поголем број јазици и книжевни средини (Загреб, Цетиње, Москва, Белград, Каиро, Софија). Неговиот нареден роман насловен „Зад аголот“ („Магор“, 2012) – комплексна прозна творба, реализирана низ девет преплетени текови на деј­ствието, се шири низ целиот свет, но и низ историјата во многувековен опфат – ја доби наградата „Урбан“. Романот „Зад аголот“ е објавен во Турција и во Србија. Дис­топискиот роман „Бродот. Конзархија“ („Магор“, 2016) е лоциран во Скопје, но во блиско идно време, во 2039 година. Тоа е негативна утопија која се враќа во подоброто минато за да го наслика заканувачкото отуѓување на една идна стварност чии траги се препознаваат и денес. Објавил две книги есеи: „Медиумот што недостасува“ (1992, 2020) и „Ослушнувања во глуво доба“ и книга интервјуа „Средби и раговори“ (2021), со шест клучни личности на македонската култура и уметност. Во поголем број списанија, весници и магазини објавил голем број есеистички текстови. Во чест на Столетието на Конески, ја објави својата прва поетска книга со поемата „Бдеења Блажеви“ (2021).Како новинар, сиот четиридецениски работен век бил ангажиран во редакциите за култура и уметност на поголем број медиуми. Бил уредник за прилогот за уметност, наука и култура „Координати“ на неделникот „Млад борец“, новинар на македонското издание на „Комунист“, уредник за култура на неделникот „21“, уредник-коментатор на „Нова Македонија“ и одговорен уредник за култура и уметност во Телевизија Телма. Прозните текстови и книги му се објавувани во книги и списанија во странство, на: англиски, руски, француски, српски, грчки, словенечки, бугарски, хрватски, полски, романски, ладино (јудео­-шпански), арапски, хебрејски, турски и италијански јазик. Томислав Османли е автор е на критики, осврти, теоретски објави, хроники, предавања, презентации и на оваа книга за стрипот. Тој е првиот наш теоретичар, хроничар и основоположник на македонската стрип-историографија.

Книги во издание на Бегемот

Original price was: 500,00 ден.Current price is: 350,00 ден.

Original price was: 300,00 ден.Current price is: 210,00 ден.