
Миљенко Јерговиќ
Миљенко Јерговиќ (род. 1966 во Сараево) е еден од најистакнатите босанскохерцеговски и хрватски писатели. Член е на хрватскиот ПЕН центар, а членството во босанскохерцеговскиот ПЕН центар го повлекол во 2020 год., поради протестното писмо на Здружението од 9 мај по повод одржувањето на комеморативната миса за Масакрот во Блајбург во 1945 г. Неговата проза и поезија се преведувани на голем број јазици. Јерговиќ е роден и израснал во Сараево, каде што завршил филозофија и социологија на Филозофскиот факултет при Сараевскиот Универзитет. Дебитирал во 1988 г. со збирката поезија „Опсерваторија Варшава“. Автор е на многу прозни, поетски и драмски дела, како и на бројни есеи. Неговата прва, најпозната и најуспешна збирка раскази за хаотичниот секојдневен живот во завојуваната Босна и Херцеговина – „Сараевско марлборо“ (1994), му обезбедува меѓународно признание. Делото е наградено со наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“и наградата „Ксавер Шандро Ѓалски“. Добитник е и на бројни други домашни и меѓународни награди.






