
Михаил Булгаков
Михаил Афанасиевич Булгаков (1891 во Киев – 1940 во Москва) – руски писател и драматург од првата половина на XX век. Најпознат е по своето ремек-дело Мајсторот и Маргарита.Булгаков во почетокот и средината на ’20-тите години на XX век објавил неколку дела, но веќе во 1927 година започнал да биде под удар на критичарите и бил оценет како антисоветски настроен. Поради тоа, до 1929 година неговата кариера била целосно уништена и ниедно од неговите дела веќе не било издадено поради цензурата. Во последната декада од својот живот работи на Мајсторот и Маргарита, пишува драми, критики и раскази, направил и неколку преводи и драматизации, но тие останале необјавени. Булгаков никогаш не го поддржувал режимот и го исмејувал во многу од своите дела. Токму поради тоа, најголемиот дел од неговите дела останале заклучени во фиока барем уште неколку декади.Негови најпознати дела се: Мајсторот и Маргарита, Театарски роман, Кобни јајца, Ѓаволијада, Белата гарда, Песјо срце.



