Ришард Капушќињски

Ришард Капушќињски – легенда на полската и светската репортажа. Познат како „човекот надарен со апсолутно чувство за информација, атмосфера и настани“. Поседува неверојатна способност за опсервација и забележување на тоа што за другите е невидливо. Има репортерски инстинкт, којшто го води секаде каде што се случува нешто. Умее совршено да го анализира опкружувањето, брзо станува дел од набљудуваната средина, а благодарение на својата неутралност, може објективно да го оцени тоа што го гледа. Ришард Капушќињски, професија – репортер. Роден е на 4 март 1932 година во Пинск во Полесје (денешна Белорусија). По студиите (1952 – 1956) на Историскиот Факултет при Варшавскиот Универзитет, пишува за „Штандар Млодих“ – дневник за младина. По нередите во 1956 година казнет е со отстранување од „Штандар“, а набргу потоа станува уредник на рубриката за вести од татковината во неделникот „Политика“, што му овозможува пракса, можност за патувања и пишување. Неговите репортажи од татковината му носат голема популарност, но сепак вистинска слава му носат рапортите од Конго, коешто е зафатено од граѓанска војна во 1958 година. Патувањето во Африка вистински ја разбудило репортерската љубов кај Капушќињски, ја открила неговата „фастинација за земјите коишто оживуваат, за новите континенти, каде што сѐ допрва настанува, каде што бедата и гладот се испреплетуваат со надежите за подобро утре“. Литературното деби на познатиот и тогаш веќе ценет репортер – циклус репортажи од татковината – е „Буш на полски“ од 1962 година. Истата таа година се вработува во Полската информативна агенција и од нејзина страна е испратен дури на шест години во Африка, каде што се менувале влади, избувнувале бунтови и востанија. Капушќињски бил секаде каде што другите се плашеле да бидат. Умеел на совршен начин да го предвиди тоа што требало да се случи, да го почувствува внатрешниот притисок. Честопати го ризикувал својот живот и здравје. Непосреден ефект од тоа патување биле книгите „Црни ѕвезди“ (1963) и „Доколку цела Африка“ (1969). Во 1968 година Капушќињски се враќа во татковината на лекување од маларично запаление на мозочната ципа и од туберкулоза. Сепак, набргу оди на Кавказ, патува по јужните републики на СССР. Ефектот од тоа патување е „Киргизот слегува од коњ“ (1968). Истата година заминува на пет години во Јужна Америка, повторно е постојан кореспондент од Чиле, Бразил и Мексико. Таму, слично како во Африка, станува сведок на крвави нереди и државни удари. Плодови на тие опсервации се книгите „Христос со пушка на рамо“ (1975) и „Фудбалска војна“ (1978). Во 1974 година ги посетува Азија и Африка, во 1975 Блискиот Исток, во годините 1975/1976 – Ангола, што има свое место во книгата „Уште еден ден живот“ (1976). Особено важни книги од тој период се „Цесар“ (1978) и „Шахиншах“ (1982). Во тие книги Капушќињски ги изненадил сите со начинот на претставувањето на репортажата. Овозможил да биде запознат како одличен писател, соединувајќи ја репортажата со романот. Тие книги доживеале силен светски одѕив, носејќи големи признанија за перото на Капушќињски. Особено голема врева се кренала околу „Цесар“, книгата којашто ги покажува на виделина кулисите на дворот на цесарот Хајле Селасие и којашто ги разоткрива општите механизми на тоталитарниот поредок. Таа книга била преведена на триесет јазици.80-тите години се период на одмор и оддишка. Капушќињски од репортер станува публицист, писател, поет и мислител. Ефектот од тоа се збирката поезија „Нотес“ (1986) и „Лапидариум“ (1990) – циклус афоризми и рефлексии за животот. Во 1993 година писателот се навраќа на репортажата, издавајќи ја „Империјата“ – книгата којашто е рапорт од патувањата по поранешните јужни републики на СССР. Навраќање на африканската тема е „Хебан“ (1998). Во 2000 година се појавува четвртиот дел од Лапидариумите, „Лапидариум IV“. Есента 2000 година објавен е фотографски албум од Африка, којшто содржи фотографии од патувањата на Капушќињски. Потоа се појавува „Лапидариум V“ (2002), а во 2003 се појавува „Автопортрет на репортерот“. Во 2004 година е објавена „Патувања со Херодот“, а пак во 2006 збирките поезија „Законите на природата“ и „Оној другиот“. Ришард Капушќињски почина на 23 јануари 2007 година.

Книги во издание на Бегемот

Original price was: 250,00 ден.Current price is: 175,00 ден.

Original price was: 400,00 ден.Current price is: 280,00 ден.