
Мирослав Крлежа
Мирослав Крлежа (1893, Загреб – 1981, Загреб), поет, драмски писател, есеист, раскажувач, романсиер и енциклопедист. Според многумина, од најважните југословенски писатели и најголемиот хрватски писател на дваесеттиот век.Во родниот град завршил пониска гимназија. Во периодот од 1908 до 1913 година учел во воената кадетска школа во Печуј, а образованието го продолжил во Воената академија „Ludoviceum“ во Будимпешта. Во 1913 година пребегнал во Србија со цел да биде доброволец во српската војска. Бил осомничен дека е шпион, поради што бил протеран назад во Австроунгарија. Во 1915 година, Крлежа бил мобилизиран и испратен на Источниот фронт, но поради лошото здравје, голем дел од мобилизацијата ја поминал по болниците. Во 1919 година се оженил со хрватската актерка Лепосава (Бела) Кангрга, која настапува во речиси сите драми на Крлежа и останува со него до крајот на животот.Во периодот меѓу двете светски војни, живеејќи како независен книжевник, Крлежа развива многу жива книжевна дејност: покренува списанија, објавува книжевни дела, полемизира со своите книжевни и идеолошки противници, а освен тоа и често патува. Ги основа и издава списанијата „Пламен“ (1919), „Књижевна република“ (1923-1927), „Данас“ (1934) и „Печат“ (1939-40); по Втората светска војна, еден е од основачите и уредниците на списанијата „Република“ и „Форум“ (1962). Од 1950 година е директор на Лексикографскиот завод во Загреб, кој денес го носи неговото име.Од влегувањето во светот на книжевноста во 1914 година па сè до смртта во 1981 година, во распон од речиси седум децении, Крлежа создал огромен книжевен опус, составен од песни, раскази, романи, драми, есеи, патописи, полемики и др.Делото на Крлежа, разгледувано поединечно или во целина, сведочи за еден голем книжевник, уметник и интелектуалец кој со неверојатната сила на пишаниот збор знаел да продре длабоко во општествената стварност на своeто време и жестоко да се пресмета со неговите аномалии. Иако бил приврзаник на марксистичката идеологија и социјализмот, во своето творештво се издигнува над идеолошката исклучивост и догматизмот, определувајќи се за критички однос кон стварноста и вистински хуманизам. Крлежа е најплодниот хрватски писател и неговото книжевно дело е многу разнолико и богато. Меѓу позначајните негови дела се: збирките песни „Пан“ (1917), „Три симфонии“ (1917), „Песни I и II“ (1918), „Песни III“ (1919), „Баладите на Петрица Керемпух“ (1936); драмите „Голгота“ (1922), „Волчјак“ (1923), „Господа Глембаеви“ (1928), „Во агонија“ (1928), „Леда“ (1931), „Аретеј“ (1963); збирките новели „Хрватскиот бог Марс“ (1922) и „Новели“ (1924), романите „Враќањето на Филип Латинович“ (1932), „Банкет во Блитва“ (1938, 1939, 1963), „На работ од паметот“ (1938), „Знамиња“ (1967); книгите есеи и полемики „Есеи“ (1932), „Мојата пресметка со нив“ (1932) и др.

