
Ѓоко Здравески
Ѓоко Здравески е роден 1985 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и на ИНАЛКО во Париз, како уредник во издавачките куќи „Бегемот“ и „Темплум“, како библиотекар на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје, а како уредник соработувал и со интернет-порталите „Репер“, „Блесок“ и „Окно“. Од јуни 2014 до јуни 2018, заедно со Ана Голејшка, во „Менада“ ги организирал книжевните читања „Астални проекции“, бил дел од организацијата на неколку изданија на скопскиот фестивал за кратки фикции „Друга приказна“, а од 2021 година е еден од организаторите на „Скопскиот поетски фестивал“. Објавил четири книги поезија, сите во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“: „Палиндром со две н“ (2010), „Куќичка за птици преселници“ (2013), „Љубавина“ (2016) и „Дедикар икарал“ (2017). Поезијата му е објавена на десетина европски јазици. Од 2015 година е дел од европската поетска платформа „Версополис“. Во 2019 година во издавачката куќа „Бегемот“ ја објавил книгата кратки раскази „Отсечки стварност“. Досега превел дваесетина книги од српски/хрватски/босански на македонски јазик.

