
Џозеф Конрад
Џозеф Конрад – биографија Џозеф Конрад (1857–1924), роден на територијата на денешна Украина како Јузеф Теодор Конрад Кожењовски, е полско-британски романсиер, кој се смета за еден од најзначајните автори од крајот на XIX и почетокот на XX век. Уважуван е како вистински мајстор на романескната уметност и еден од најголемите стилисти во англиската книжевност, иако англискиот јазик, во кој е вдомен целиот негов опус, го совладал дури во дваесеттите години од својот живот. Во случајот на Конрад, личните животни искуства имаат видливо влијание врз обликувањето на неговиот светоглед и врз уметничкиот сензибилитет. Конрадовото писмо се темели на три искуствени заднини – европскиот Исток, морепловските патешествија и мирниот живот на англиската периферија.Конрад е роден како Полјак во време кога Полска не постои на мапата на Европа. Неговиот татко, активист, писател и преведувач, е дел од револуционерното движење за независна Полска, поради што е протеран во руските казненички колонии. Таму Конрад ги губи двајцата родители, кои умираат од туберкулоза, а тој останува под старателство на вујко му. Овој период силно влијае врз политичките ставови на авторот, вплетени и во романот „Пред западни очи“. На седумнаесет години, се сели во Франција за да заврши морнарска школа. Набргу потоа ѝ се приклучува на британската трговска морнарица, кога за првпат започнува да го изучува англискиот јазик. Следуваат многу битни искуства низ британските колонии, кои подоцна ќе послужат како основа за неговите романи. За најзначајна епизода од неговата морнарска кариера се смета престојот во Конго во 1890 г., кој станува основа за создавање на делото „Срце на темнината“, еден од најважните романи на XX век. Конрад творечки другарува со најзначајните имиња на англиската книжевност на своето време. Поттикнат делумно и од овие пријателства, во 1894 г. го издава својот прв роман, а набргу потоа целосно се пренасочува кон пишувањето. Објавува низа романи, кои до денес важат за врвни достигнувања на англиската книжевност, меѓу кои и романот „Пред западни очи“ во 1911 г., во кој творечки ја набљудува Русија и луцидно полемизира со нејзините стожерни романсиери и политички дејци, а особено со Достоевски. Дела на Конрад доживуваат голем критички успех, но отпрвин не му носат слава и читателски успех. Се соочува со психички и финансиски проблеми. Умира како британски државјанин во 1924 во Англија, оставајќи зад себе еден незавршен роман.


