
Данил Хармс
Данил Хармс (1905, Петербург – 1942, Ленинград) бил авангарден руски и советски писател од периодот меѓу двете светски војни.Кон крајот на декември 1931 год., Хармс и неговите пријатели и соработници – Веденски, Андроников, Сафонова и Јермолаева биле уапсени, а биле ослободени во 1932 година. Биле обвинети дека со своите дела смислено ги одвраќале децата и работниците од изградбата на социјализмот. Во 1932 год., Веденски и Хармс биле депортирани во Курск. Во 1939 год., на Хармс му била дијагностицирана шизофренија, така што бил ослободен од војската. Во 1941 год., Хармс бил повторно уапсен за ширење на антисоветска пропаганда. Марина (втората сопруга на Хармс) и Хармс биле однесени во затворот Лубјанка при што тој бил затворен. Со месеци таа не можела да дознае каде се наоѓа Хармс и најпосле открила дека лежи во затворската болница и во два наврати успеала да му однесе храна. Меѓутоа, при третата посета ѝ било соопштено дека умрел. Хармс умрел на 2 февруари 1942 год. Иако се занимавал со пишување, Хармс е познат и по тоа што цртал одлично, а покрај тоа, свирел на рог и на хармониум, степувал, измислувал гатанки и вицеви и пишувал филозофски расправи. Хармс бил познат и по чудната смисла за хумор и по необичниот стил на облекување. Хармс е автор на бројни кратки раскази, поезија, новели и драми.

