Пишува: Владимир Јанковски
Најинтересните нешта во животот понекогаш започнуваат од најмалото: една реченица, една фраза, еден идиом, еден гест, една навика, еден предмет што никому друг не му значи ништо. Во збирката раскази на Филип Димевски токму таквите ситници отвораат простор за еден цел нов свет. Околу таквите мали-големи-работи се собираат човековата страст за животот, стравовите, надежите, опсесиите. Во таквите пукнатини на реалноста почнуваат да се создаваат и да се живеат биографии. Да се живее животот.
Збирката раскази „Секојдневието на Војомир“ е составена од 42 раскази, кои не се поделени во циклуси. Станува збор за стилски компактни раскази, сите напишани во слична наративна постапка.
„Секојдневието на Војомир“ е книга за (навидум) обичните луѓе. Навидум обичните луѓе, од кои секој од нив носи нешто необично, нетипично, нешто што најчесто останува невидливо за другите. Тие живеат со своето чудаштво, често без воопшто да го доживуваат како чудаштво. За нив тоа е едноставно начинот на кој светот функционира. Тоа се Војомирите на реалноста. Тие луѓе на работ од перцепцијата, на работ од веројатното, маргиналци незабележани од никого… Освен од писателите од типот на Филип Димевски.
Затоа овие раскази можат да се читаат и како своевидна одбрана на индивидуалното. Не на индивидуалното како некаква голема декларација за слободата на личноста. Индивидуалното во смисла на она малото, приватното и необјаснивото што секој човек го носи во себе. Она што другите можеби не го забележуваат, а без кое животот на поединецот би изгледал сосема поинаку. Можеби посреден, но никаков толку внатрешно драматичен.
Филип Димевски има особено чувство за таа несразмерност: меѓу малечкоста на поводот и големината на неговото значење. Она што однадвор изгледа како случајност, навика или ситница, однатре може да биде пресуден настан. Една обична перцепција може да одреди цела судбина. Една реченица може да стане животно уверување. Еден предмет може да стане центар на постоењето.
Расказите во „Секојдневието на Војомир“ често тргнуваат од реалистична, секојдневна ситуација. Ништо не навестува дека ќе се случи нешто необично. Но, токму тука авторот започнува да ја поместува перспективата. Необичното постепено се засилува, ситуацијата се доведува до крајност, а она што било препознатливо станува парадоксално, се претвора во својот апсурден двојник. Апсурдот е извлечен од самата стварност, а авторот не ја напушта реалноста за да измисли чуден свет. Тој ја турка реалноста малку подалеку, до точката во која таа почнува да ја покажува сопствената скриена чудност и изобличеност.
Хуморот и иронијата се главните алатки на овие раскази. Но, хуморот и иронијата се нешто повеќе од стилска постапка. Тие се начин на гледање на светот. Тие му овозможуваат на авторот да ги согледа апсурдите на реалноста без да ги претвори во теза. Во овие раскази нема објаснување, нема морализирање. Но, затоа има многу разбирање за човековите слабости. За самоизмамата. За малите механизми со кои луѓето се обидуваат да внесат ред во еден свет што често нема многу интерес за нив.
Војомирот е оној што има своја мала-голема опсесија. Војомирот е оној што нешто погрешно разбрал и цел живот го носи тоа недоразбирање со себе. Војомирот е оној што од една ситница направил правило. Војомирот е оној што својот свет го изградил околу нешто што за сите други е безначајно.
Авторот е исклучително емпатичен кон овие Војомири. Емпатичен е кон овие Војомири на реалноста, има разбирање за нивните слабости, опсесии, илузии, грешки… Веројатно затоа што по малку е уверен дека ваквите чудаци му се потребни на светот кој малку по малку целосно се обојува во боите на прагматизмот.
А токму таквите ликови, тие непрагматичните чудаци, прават оваа книга да се чита со блага насмевка и разбирање. Нивната трагикомичност не е поврзана само со смешното. Во нивната потреба да веруваат во сопствената слика на светот има нешто длабоко човечко. Човекот не ја поднесува лесно хаотичноста на животот. Постојано создава врски, значења и објаснувања, дури и таму каде што можеби нема ништо од тоа. Понекогаш токму илузијата е она што му овозможува да продолжи. Во таа смисла, овие раскази се занимаваат со големи егзистенцијални прашања без да се чини дека се занимаваат со нив. Осаменоста, стравот, потребата за смисла, самоизмамата, надежта, признанието, играта… ништо од тоа не доаѓа како голема тема. Се појавува како мала пукнатина во секојдневието. И така малото станува голема тема.
Во светот на овие раскази нема потреба од големи настани за да се открие нешто суштинско за човекот. Доволна е една ситница, ако некој знае доволно внимателно да ја погледне. Доволно е еден човек да ѝ даде доволно големо значење.
Токму затоа најсилните моменти во овие раскази не се нужно најнеобичните. Тоа се оние во кои чудното одеднаш станува блиско. Во кои се насмевнуваме на туѓата опсесија, а потоа ја препознаваме сопствена. Во кои туѓата илузија престанува да биде смешна затоа што сфаќаме дека без некоја своја илузија, можеби, и самите не би знаеле како да го одржиме светот на свое место.
Малите луѓе. Малите случки. Малите заблуди. И големиот, понекогаш смешен, понекогаш тажен напор да се живее. Војомирски во секојдневието.

