За нас

Бегемот е издавачка куќа основана во 2009 година и примарно посветена на објавување книжевна фикција. Корпусот објавени книги изнесува повеќе од 80 изданија соодветно организирани во неколку серии. Во нив се вброени автори од светскиот книжевен канон, како Борхес, Гомбрович, Шулц, Булгаков и Вајлд, како и современи автори кои ја дефинираат книжевноста на нашето време, како Алис Манро, Маргарет Атвуд и Шчепан Твардох. Сепак, покрај основната сосредоточеност на издавање прозна фикција, во Бегемот посветуваме значително внимание на нестандардните жанровски потфати и на генерално помалку застапените книжевни жанрови како литературна репортажа и детска литература. Упорноста во овој потфат нè има доведено до приопштување на македонски јазик на класици како Ришард Капушќински и Светлана Алексиевич, како и до битни пробиви во областа на квалитетната илустрирана литература. Прегледот на досега објавените книги е достапен во веб секцијата Изданија, како и во каталогот на Бегемот.

Голем дел од нашите изданија се преводи од десетици јазици од повеќе од 20 земји. Сфаќајќи го преводот како комплексен процес, Бегемот применува и промовира концепт на органска соработка на сите чинители вклучени во преносот на книжевното дело од еден културен контекст во друг (автори, преведувачи, уредници, лектори, промотори). Примената на овој концепт на книжевен пренос ја има созреано соработката на Бегемот со низа авторитетни и докажани преведувач(к)и, како и млади преведувачки таленти. Квалитетот на објавените преводи е досега повеќекратно награден од релевантни национални и меѓународни институции.

Работата на Бегемот се темели врз принципот на опширно претставување на делата. Во таа насока, ја водиме веб рубриката „À propos“ – виртуелна библиотека со текстови поврзани со објавените книги, насочени кон подлабоко истражување на авторските профили и збогатување на електронската книжевна содржина на македонски јазик. Дополнително, делови од сите наши изданија се бесплатно достапни во pdf формат на нашиот сајт.

Покрај основната издавачка дејност, два пати годишно Бегемот спроведува отворен конкурс за кратка фикција, како резултат на кој ја објавуваме збирката „Очудувања“, преку која се трудиме да поддржиме што повеќе нови книжевни гласови.