Кажување на Павел Чех за книгата Големата авантура на Пепик Стреа.
Добар ден, се викам Павел Чех, се наоѓам во своето ателје и пред мене лежи книгата „Големата авантура на Пепик Стреа“, која ја напишав пред десет години и на моја голема радост деновиве ќе излезе во Македонија. Издавачот ме замоли ако можам да кажам нешто за неа. Немам прашања, така што ќе импровизирам. Веројатно, всушност, сигурно, тоа е најдебелата книга што сум ја напишал и што сум ја насликал. Има повеќе од двесте страници. Ја работев две години. Кога ќе се рече две години, тоа не звучи како долго време, но си спомнувам дека во тие месеци се задлабочив во приказната, со која легнував и се будев и многупати се наоѓав во ситуација да не знам како да продолжам. Многу од сликите ги прецртував без да знам како ќе излезе сето тоа на крајот, така што, всушност, книжевната приказна ја доживував со главниот лик. Главниот лик е момче на два-тринаесет години, по име Пепик Стреа, самотник, можеби по малку аутсајдер, веројатно од причина што пелтечи, кому светот ќе му се промени благодарејќи на тоа што во неговото одделение ќе се приклучи нова ученичка по име Елзевира. Таа почнува да другарува со Пепик и така продолжуваат да се одвиваат работите.
Се сеќавам дека пред околу две години ми се случи убав настан. Ми се јави докторка логопед, која ми рече дека ја користела книгата како и нејзините колеги и колешки, со замисла дека може да им помогне на некои деца во лекувањето на пелтечењето. Бев воодушевен. Ми побара да учествувам на конгрес на логопеди, на што се согласив. По два месеца ми се јави дека сè е веќе подготвено и дека во салата ќе има околу петстотини стручњаци за пречки во говорот. Помислата дека ќе зборувам нешто за пелтечењето во книгата, ме направи и самиот да пелтечам зашто тоа беше и мој проблем. Си изгледав смешно. Некој да ми кажеше кога имав дванаесет години дека ќе се случи ова, немаше да му верувам. На крајот се справив со тоа и си заминав со убаво чувство зашто, меѓу другото, ги продадовме сите примероци од книгата што ги носевме.
Многу е пријатно чувството кога книгата ќе излезе во друга земја, на друг јазик. Си спомнувам на тоа кога една книга ми излезе на француски јазик, кој не го зборувам. Човек ги врти страниците, а попусто се труди да го прочита текстот, па само се сеќава што е напишано таму. Особено е чудна помислата дека „Големата авантура на Пепик Стреа“ ќе излезе на македонски, што ќе звучи различно и воопшто нема да можам да го читам. Можеби Пепик Стреа ќе се вика сосема поинаку.
Ќе завршам со желба книгата да најде свои читатели и кај вас и да ви се допадне. Ви посакувам сè најдобро, а особено добро здравје.
Довидување.
**********
Големата авантура на Пепик Стреа, во издание на Бегемот (едиција: Вртелешка), во превод од чешки јазик на Маргарета Карајанова.