Оскар Крун за рубриката À propos

Оскар Крун за рубриката À propos

Здраво, јас сум Оскар Крун. Писател сум, главно пишувам приказни, романи, сликовници. Моите книги честопати се претставени како книжевност за млади читатели или книжевност за деца, но јас мислам дека сите книги се за секого. Нема потреба да ставаме возрасни граници на книгите. Книгава што денес ви ја претставувам „Чекајќи го ветрот“ (Vänta På Vind), на шведски, вака изгледа шведското издание, е за секого. Можеби треба да имате околу девет години за да ја читате, но не мора да имате девет години, може да имате повеќе, тоа сакав да кажам. Кога почнав да го пишувам овој роман, знаев дека сакам да пишувам за океанот, и само тоа го знаев. Не, знаев, исто така, и дека сакам да пишувам за копнежот и за тоа да бидеш свој. Всушност, не ми се допаѓа фразата „да бидеш свој“ или „да се најдеш себеси“, но за да се објаснат овие нешта е потребен еден цел роман. Па, на некој начин, за тоа е и книгата. Кога почнав имав слика од еден остров, далеку од копно, а таму едно девојче, седнато на стрмна карпа. Таа се вика Винга, главниот лик во книгава, и таа ми раскажуваше за себе и за својот навистина посебен летен одмор на овој остров. За мене, честопати, е така кога пишувам. Барам некој тон, или глас, или метод за раскажување приказна, иако не сум сигурен која приказна ќе ја раскажувам. Овој пат гласот на Винга ме доведе до приказнава и ми кажа каде таа ќе се движи. Звучи малку чудно, но честопати е така. Значи, го имав островот, а островот е можеби единственото место каде што Винга се чувствува слободна или каде што се чувствува како дома, на овој остров далеку од копното. Тоа е островот на нејзиниот дедо, а дедо ѝ е можеби единствената личност со која чувствува дека може да биде, добро, своја. А на другата страна на океанот се случуваат нешта. Родителите на Винга се разделуваат, татко ѝ штотуку основа ново семејство, а Винга сака да се сокрие од сите овие лоши чувства поврзани со копното, чувства на вознемиреност, осаменост, тага. Дедо ѝ ѝ дава еден чамец што таа треба да го подготви за пловидба. Обновувањето на чамецот ѝ го одзема сето време на почетокот на летото. Тоа е добро. Наеднаш, на плажата се појавува друго девојче, чудно девојче, малку таинствено. Честопати средбите на плажата тоа лето ќе бидат навистина посебни. Навистина се надевам дека ќе уживате во приказната за Винга или Вингината приказна. Оваа книга пред две години во Шведска ја доби наградата за најдобра книга за млади читатели. Сега се преведува на неколку јазици, и многу ми е мило што Винга продолжува да ја раскажува оваа приказна, нејзината приказна, бидејќи за мене таа е посебна на некој начин, сè уште е жива и со мене, на некој начин, зборува и навистина ми се допаѓа. Затоа, грижете се за неа. Ви благодарам.

**********

Винга сонува за морето. Таа ќе биде морнар кога ќе порасне, ќе плови до далечни пристаништа и можеби ќе спаси морнари од бродолом. Дома во градот, мама е тажна, а тато си заминува засекогаш. Но, конечно, лето е и таа го поминува со дедото на островот и сè друго е далечно. Дедото ѝ подарува на Винга старо бротче што таа ќе го направи пловно. На островот сè е како и обично, но истовремено и не навистина. Топлината вибрира преку ден и наеднаш се појавува девојка со црна капа додека Винга работи на своето бротче. Нејзиното име е Рут. Се чини дека единственото нешто што им е заедничко е нивната возраст и тоа што се на островот. Но, се покажува дека има многу повеќе.

„Чекајќи го ветрот“ е длабока приказна за едно необично лето кога детството завршува. Со многу емпатија и љубов, Оскар Крун пишува за тоа како Винга учи да го одржи својот курс за време на бурата од збогувања, новооткриеното пријателство и насуканиот кит.

**********

Превод од шведски јазик: Родна Русковска