Оливие Бурдо е француски современ писател роден во 1980 во Нант. Човекот чија единствена диплома е „изводот на родени“, со години безуспешно се обидува да се вклопи во најразлични професии. На триесет години, откако ја губи работата како агент за недвижности, решава конечно да се посвети на својата голема љубов од детството – книжевноста. Неуспешниот обид да го издаде својот прв ракопис, не го спречува да продолжи да пишува. Неговиот прв роман „Чекајќи го Боџенглс“ (2016), напишан за само седум недели и објавен во издание на „Финитид“, доживува огромен успех и ги добива наградите „France Culture-Télérama“, „Grand prix RTL-Lire“, „roman France Télévisions 2016“, „Emmanuel-Roblès“. Вториот роман „Пактум Салис“ го издава во 2018 година. Во моментов работи на својот трет роман „Флорида“.
**********
Разговорот го водеше и го преведе од француски јазик Марија Коцевска.
1. Вие сте величествениот губитник, слабиот ученик на училиште. Дваесет години од животот трагате по вашето место под сонцето. Сте работеле различни професии, но сите завршуваат неуспешно. Конечно, на 35-годишна возраст, го пишувате вашиот прв роман, за само 7 недели, неверојатната книга „Чекајќи го Боџенглс“, која беше одлично прифатена од читателите. Бројните награди и фактот дека е преведена во повеќе од 36 земји на повеќе од 22 јазика се совршен пример за тоа. Велите дека учиме од неуспесите и дека помеѓу сите неуспеси, постои еден успех – да сме среќни што постоиме. Од каде го црпите овој ентузијазам, ваквата радост на живеењето? Која е искрата надеж која ве води низ животот?
О.Б.: Мислам дека мојата радост на живеењето произлегува од немањето избор. Во животот или се жалиме или се смееме на своите несреќи, обидувајќи се да ги насмееме другите луѓе со нашите проблеми. Одбрав да бидам од оние вторите. Секогаш да ги смеам луѓето со моите проблеми. Оттука произлегува мојата радост на живеењето. Кога ги претвораме тешкотиите во фарса, животот ни е повесел.
2. Чекајќи го Боџенглс“ е роман за еден пар кој се сака бескрајно, до крајот на животот и по него, и за нивното мало синче, воодушевено од нив. Ова е приказна за едно семејство што води необичен живот, волшебен, надвор од сите конвенционалности, кое го слави секој момент од животот, приредувајќи прослави дење и ноќе, семејство чие домашно милениче е елегантната птица – моминиот жерав. Овој роман, низ кој се испреплетува, тек-тук, по некоја лага, го раскажуваат таткото и синот. Особено уживав во детската нарација, која е искрена, наивна, чиста. Ме потсети на ликот на Малиот Никола и Оскар од Ерик Емануел Шмит. На кој начин успеавте да го доловите детското размислување и да ни ги пренесете детските мудрости? Како ги смислувавте игрите на зборови во романот?
О.Б.: Навистина, зачудувачки е, бидејќи немав среќно детство. Воопшто не си го сакав детството, па си го замислував детството што мечтаев да го имам. За чудо, не ми беше толку тешко да го изведам тоа. Сметам дека работата и творечката моќ на писателот е да измисли настани што не ги доживеал, да се стави себеси во туѓа кожа и во одредена ситуација. Едноставно, си го замислував детството што би сакал да го имав. Вистина е дека се работи за среќно детство во првите две третини од романот, но понатаму ситуацијата станува малку покомплицирана. Сметам дека сум човек што со леснотија им се восхитува на работите, а тоа е одлика што може да им се припише на децата. Ви се заблагодарувам за прашањето.
3. Од каде црпевте инспирација за прекарите на вашите ликови? Ѓубренцето, Мадмоазел Редундантна, Меурчето се само неколку од нив. Сигурни сме дека ќе останат врежани во главата на читателот засекогаш.
О.Б.: Баш сте љубезни. Прекарите ми дојдоа многу спонтано. На пример, Ѓубренцето, да бидам искрен со вас, е прекар со којшто еден од моите пријатели им се обраќа на сите луѓе, сите ги вика Ѓубренца. Кога го создавав ликот на Сенаторот, веднаш помислив дека овој прекар ќе му одговара совршено, па решив да го искористам. Птицата Мадмоазел Редундантна, сакав да се вика Мадмоазел (Госпоѓица), бидејќи се работи за момински жерав. Тоа некако само се наметна. Суперфетатоар (Редундантна), бидејќи сакав името да има некој магичен призвук. Оттаму Суперфетатоар. А и самата дефиниција на зборот означува нешто што е бескорисно, што е вишок. Сметав дека птицава е бескорисна, вишок, дека не е потребна, но сепак е тука. Самото тоа го прави нејзиното присуство магично. Прекарот на Меурчето си дојде природно. Таа ги минува деновите на клиниката, пукајќи воздушни меурчиња, па не ми требаше долго време за да го најдам прекарот.
4. Парот од романот ја слави Сент Жоржет, ден по Валентајн, бидејќи, ќе ве цитирам: „На моите родители не им беше романтично да одат во ресторан како на службена задача, опкружени со исфорсирана љубов. За нив, Сент Жоржет беше сè освен празник на краткотрајната љубов“. Како вие ја доживувате и славите љубовта ?
О.Б.: Ми поставувате навистина големо прашање. Би ни требале часови за да го одговорам. Се сметам за чувствителен и романтичен човек. Како ја славам љубовта? Со голема радост, добро расположение, страст и секојдневно покажување внимание. Ја имав среќата да најдам апсолутна љубов. Иако не се познававме додека го пишував романот, и тогаш бев романтичен, ја чекав и среќен сум што ја најдов.
5. Дали сте размислувале да напишете продолжение на „Чекајќи го Боџенглс“, кое би го раскажувало животот на семејството низ призмата на мајката? (ова е прашање од Ана, една од љубителите на книгата, овде во Северна Македонија)
О.Б.: Драга Ана, од Северна Македонија, ви благодарам за прашањето. Често ми го поставуваат ова прашање. Ќе ви го одговорам истото како и досега. Нема да има продолжение на овој роман. Сметам дека кажав сè. Крајот им го оставам на читателите. Тие нека одлучат што се случува понатаму онака како што тие посакуваат и мечтаат. Во однос на идејата да се напише роман низ призмата на мајката, сметам дека целта на романот беше да ја прикаже оваа сончева жена низ очите на двете лица што силно ја сакаат, нејзиниот маж и синот. Нејзината приказна нема да се појави во друг роман. Оваа жена е темата, таа е хероината опишана од луѓето што ја сакаат.
6. Пред Боџенглс, напишавте друг роман, кој не е објавен. Имате кажано дека оваа книга, поголема, помрачна и поцинична, на некој начин ја поттикнала формата и стилот на „Чекајќи го Боџенглс“ – пократок, светол и поетичен роман. Дали некогаш во иднина би го објавиле овој роман?
О.Б.: Едноставно е. Мислам дека овој роман нема да биде објавен во иднина, можеби по мојата смрт. Тој ми беше прв роман и благодарение на него, на некој начин, успеав и научив да пишувам. Две години напорно работев на овој ракопис. Ми помогна да осознаам дека можам да оформам една приказна во роман, да ја развијам. Овој роман ми беше многу корисен, иако сметам дека во ракописот има многу недостатоци. Многу е тежок и суров. Но, како што кажав, овој роман ми помогна да сфатам многу работи за начинот на којшто пишувам, односно да стекнам навика за пишување. Романот не е објавен, но ми беше крајно корисен. Неговата мисија е завршена.
7. Досега, читателите можат да уживаат читајќи го не само „Чекајќи го Боџенглс“, но и „Пактум Салис“, роман за пријателството помеѓу две лица што живеат сосема спротивни животи. Се надевам дека македонските читатели ќе имаат можност да се задлабочат и во неговите страници. Какви се вашите професионални планови за во иднина? Дали можеме да очекуваме нов роман?
О.Б.: Најпрво би сакал да ви се заблагодарам што ви се допаѓаат „Боџенглс“ и „Пактум салис“. Љубезно од ваша страна. Само што објавив нов роман, кој се вика „Флорида“. Правев промоција за него во Париз, последниве 15 дена. Во моментов е одлично прифатен од страна на новинарите, книжарите и читателите. Тоа е добра вест. Станува збор за една Мини мисица во САД, во Флорида, која еден ден одлучува да ѝ се одмазди на мајка си, која ја внела во светот на модата. Периодов ја правам промоцијата на „Флорида“. Имам и други ангажмани поврзани со пишување, во повеќе области. Бидејќи не сум сигурен дали ќе вродат со плод, претпочитам да не ви кажувам ништо. Нека биде тајна. Ако не успеат, барем добро сум направил што сум ги чувал во тајност.
8. Имам обичај да подвлекувам изреки од романите што ги читам, кои ме мотивираат и ме охрабруваат. Овие две реченици: „Кога реалноста е банална и тажна, измислете ми убава приказна“ и „Веќе немавме друг избор освен да му удриме една клоца во газот на разумот“, ме охрабруваат, потсетувајќи ме дека не смееме да заборавиме дека, дури и кога животот е тажен, тој е сепак убав. Можете ли да се сетите на некоја таква изрека од роман или од писател што ви е драг?
О.Б.: Би одбрал изрека од Оскар Вајлд: „Единствениот начин да му одолеете на искушението е да му подлегнете“. Сметам дека целокупниот талент на Оскар Вајлд се наоѓа во реченицава. Има и илјадници други што би ги цитирал, но оваа е цинична, вистинита, се спротивставува на она што би го помислиле. Токму поради ова, изрекава многу ми се допаѓа. „Единствениот начин да му одолеете на искушението е да му подлегнете“.
О.Б.: Би сакал да ви се заблагодарам за прашањата. Многу сум среќен што мојот роман е издаден во Македонија. Се надевам дека еден ден условите ќе бидат поволни за да ве посетам, да ги запознаам читателите во Македонија, да ве запознаам вас, кои многу работевте на објавувањето на мојата книга во Македонија. Се надевам ќе се видиме наскоро. На сите ви посакувам пријатно читање!
**********
Линк до книгата Оливие Бурдо – Чекајќи го Боџенглс, во издание на Бегемот (едиција: Аквамарин) во превод од француски јазик на Марија Коцевска.