Миљенко Јерговиќ е еден од најистакнатите босанскохерцеговски и хрватски писатели. Член е на хрватскиот ПЕН центар, а членството во босанскохерцеговскиот ПЕН центар го повлекол во 2020 год., поради протестното писмо на Здружението од 9 мај по повод одржувањето на комеморативната миса за Масакрот во Блајбург во 1945 г. Неговата проза и поезија се преведувани на голем број јазици. Јерговиќ е роден и израснал во Сараево, каде што завршил филозофија и социологија на Филозофскиот факултет при Сараевскиот Универзитет. Дебитирал во 1988 г. со збирката поезија „Опсерваторија Варшава“. Автор е на многу прозни, поетски и драмски дела, како и на бројни есеи. Неговата прва, најпозната и најуспешна збирка раскази за хаотичниот секојдневен живот во завојуваната Босна и Херцеговина – „Сараевско марлборо“ (1994), му обезбедува меѓународно признание. Делото е наградено со наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“и наградата „Ксавер Шандро Ѓалски“. Добитник е и на бројни други домашни и меѓународни награди.
**********
Разговорот го водеше Тони Димков и е првично објавен во бр. 97 од неделникот „Културен печат“, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“, на 18-19 септември 2021.
Хрватскиот писател со босанско потекло Миљенко Јерговиќ, секогаш кога ќе се појави таква можност, со задоволство доаѓа во Македонија. Јерговиќ е роден и израснал во Сараево, каде што завршил филозофија и социологија на Филозофскиот факултет при Сараевскиот универзитет. Дебитирал во 1988 година со збирката поезија „Опсерваторија Варшава“. Автор е на многу прозни, поетски и драмски дела, како и на голем број есеи, а работи како новинар и колумнист.
Неговата прва, најпозната и најуспешна збирка раскази за хаотичниот секојдневен живот во завојуваната Босна и Херцеговина – „Сараевско марлборо“ (1994), му обезбедува меѓународно признание. Досега има објавено 30-ина книги, неговата проза и поезија се преведувани на голем број јазици.
Покрај објавата на „Сараевско марлборо“ пред неколку години, издавачката куќа „Бегемот“ на 18 септември го промовира и преводот на македонски јазик на книгата „Иншала, Мадона, иншала“.
Овие денови сте во Скопје и учествувате на два книжевни фестивали – прво на „Арт ареа“, а потоа и на „ПроЗа Балкан“. Не доаѓате за првпат во Скопје, но како се чувствувате кога доаѓате тука?
– Добро се чувствувам. Секогаш добро се чувствувам кога доаѓам во Македонија. Навистина, ова е време на пандемија и затоа многу помалку и многу поретко се патува, но тоа е само дополнителна причина ова патување да ми биде уште подраго.
Вашето учество на фестивалот „Арт ареа“ е поврзано со промоцијата на збирката раскази „Иншала, Мадона, иншала“. Што на тематски план содржат расказите во збирката и како се одвиваше соработката со издавачката куќа „Бегемот“?
– Таа книга во своето оригинално издание и на изворниот јазик беше објавена прилично одамна, во 2004 година. Станува збор за раскази што се пишувани според текстови на босански севдалинки и далматински народни песни. Едноставно, се обидував да замислам што е тоа што стои зад секоја поединечна песна. А соработката со „Бегемот“ околу објавата на книгата течеше одлично.
Познато е дека Вашите раскази се однесуваат на социјални и други тематики од подрачјето на поранешна Југославија, со што стекнавте голем број читатели во регионот. Досега објавивте 30-ина книги, уште колку би можеле да пишувате на овие тематики?
– Ќе пишувам уште толку, колку што ќе ме служат здравјето и умот.
Пандемијата сѐ уште трае, но фестивалите, сепак, почнаа да се одржуваат со физичко присуство на учесниците. Колку пандемијата го промени книжевниот живот?
– Мислам дека воопшто не го промени. Книжевноста е осаменичка работа, базирана на читање и пишување. Ниту едното ниту другото не се прават во друштво, дури и за време на епидемиолошки ризичните ситуации.
Збирка раскази „Иншала, Мадона, иншала“
Расказите во збирката „Иншала, Мадона, иншала“ ги вкрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката.
Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите.
Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.