Милена Баиш е родена во 1976 година во Бохум. Студирала на филмската академија во Берлин. Почнала да пишува приказни за деца уште кога била во средно училиште. Денес живее со својата мачка во едно селце во близина на Берлин. Пишува драми, сценарија за филмови и телевизиски емисии, а објавила и дваесетина сликовници и книги за деца. Нејзината најпозната книга е „Антон нурка“, објавена во 2010 година, за која ја добила Германската награда за детска книжевност и која е преведена на петнаесетина светски јазици.
**********
Раазговорот го водеше Андреј Јованчевски
Андреј Јованчевски: Антон е самостојно и правдољубиво момче. Ги следи своите идеи и желби, не дозволува возрасните лесно да го убедат или разубедат, размислува за сите предлози пред да ги прифати или отфрли и не дозволува силата да застане на патот на правдата. Сепак, Антон има некаков страв, страв од непознатото езеро, кој го совладува сосема случајно. Неговиот страв од големата вода не е проверен, туку е поврзан само со некои замисли за тоа што се крие зад површината. Зошто токму водата е големата одбивна и опасна тајна за Антон, кој инаку е прилично разумен и храбар?
Милена Баиш: Зошто водата е тајна за Антон? Значи, мене ми беше интересно да раскажам приказна за водата и за стравот од водата, затоа што тоа е случај кај многу луѓе, и возрасните се плашат од вода, а ако погледнете едно езеро, тоа во средината е темно и морничаво, но на работ е провидно и всушност многу убаво. Тука пливаат мали риби што слатко изгледаат. Тоа беше идејата за приказната. Така дојдов до идејата за приказна во врска со стравот од водата. Тоа е исто така можеби, или сигурно метафора за нешто друго, но за што би можела да биде таа метафора, треба секој сам да си размисли.
А.Ј.: Во книгата „Антон нурка“, главниот јунак, Антон, си наоѓа најдобар другар во рибата што ја нарекува Пирана. Запознавајќи ги подобро нејзините потреби, учи важни нешта за пријателството, а на крајот разбира дека најпријателски е да го врати својот пријател, рибата, онаму каде што припаѓа – во езерото. Дали ова другарство на две сосема различни суштества е приказна за можноста најдалечните точки да се спојат и какви светови сака да поврзе ова другарство?
М.Б: Кои светови ги поврзува другарството? Прво, другарството е меѓу два лика, помеѓу Антон и Пирана – момче и риба, но би можело да бидат и двајца луѓе или две животни. Станува збор за две личности и тие личности се спротивни. Постојат и други противречности што се поврзуваат преку ова другарство, тоа е, секако, противречноста меѓу природата и сите акциони филмови и компјутерски игри што секогаш се вртат во главата на Антон. Или противречноста помеѓу храброста и стравот на Антон. Тие, исто така, се поврзуваат малку преку другарството со Пирана.
А.Ј.: Се чини дека стравот е главната тема во книгата, Антон практично се бори со стравот низ целата книга, за најпосле да го победи. Дали мислите дека Вашата книга би можела да влијае врз децата за да го победат ирационалниот детски страв што понекогаш владее со некои деца?
М.Б.: Дали сакам да ги охрабрам децата со приказната? Немам некоја конкретна цел што сакам да ја остварам со приказната. Тоа го препуштам на поединецот. Ако на децата приказната им е возбудлива или забавна, тоа ме радува, а ако им е здодевна – исто така е во ред. А, ако приказната можеби ги охрабри, и тоа многу би ме израдувало. Може да се случи, некој кој има сличен страв како Антон, но не знаел каков страв е тоа и откако ќе ја прочита приказната ќе забележи: ,, Ах, ова ми е познато, можеби и мене ми се случува истото‘‘– тогаш тоа може многу да го охрабри, и доколку тоа би се случило, би била многу среќна.
А.Ј.: Во микро-светот на Антон се опфатени многу од општествените односи за кои децата нужно стекнуваат и развиваат свест: односите меѓу родовите, односите меѓу возрасните, односите меѓу различните суштества, односот на човекот кон познатото и кон непознатото… Какви насоки сакате да им дадете да младите читатели исцртувајќи им ги овие односи и нивните неизбежни загатки и кризи?
М.Б.: За односите. Кога ќе зачекорите во светот и ќе се сретнете со други луѓе, тоа понекогаш води до конфликти и кавга. Антон досега се криеше и ги избегнуваше проблемите. Иако е безобразен и многу му зборува устата, кога ќе стане сериозна работата, можеше набрзина да се сокрие. Но, во приказната не може веќе да се крие, затоа што кампот е многу мал за такво нешто. По неколку дена може каде било да го најдат. Така Антон мора да научи, а за среќа, Пирана и му помага во тоа, да не се крие веќе. Да застане и самиот да се одбрани. Ако некој го нападне, едноставно мора да се одбрани. А ако некој сака да се тепа, како Пудлица, тогаш дури и Антон мора да се тепа за да се одбрани. Тоа бара многу храброст и е тешко за сите луѓе. И на возрасните им е потребна храброст. Да се караш, не е секогаш едноставно, но Антон тоа го прави одлично и смело и успева во тоа, ја брани и Пирана, но исто така се брани и себеси.
А.Ј.: Се чини дека литературата за деца денес не заостанува – во поглед на општественото внимание и на културната улога што ѝ се доделуваат – зад литературата за возрасни. Дури и во земјите или културните контексти каде што постоел расчекор, сега тоа се менува и поправа: литературата за деца се пишува, илустрира, печати и промовира на достојни и инвентивни начини. Го делите ли овој впечаток и што значат ваквите промени за еден писател на литература за деца? Чувствувате ли дека има сè поголема и поподготвена публика на која ѝ се обраќате и како се развива вашиот однос кон неа?
М.Б.: За детската и литературата за млади. Сметам дека е различно од земја до земја. Мислам дека отсекогаш имало високо квалитетна литература за деца и млади. Класиците се со многу висок квалитет, значи Чарлс Дикенс, Марк Твен или Астрид Линдгрен. За Германија не можам да кажам дека квалитетот се подобрил или се влошил. Она што се случува е тоа дека има многу, многу нови изданија. Секоја година има 9000 нови книги за деца и млади, а тоа е екстремно многу. Како резултат на тоа, многу книги брзо и ги снемува од пазарот, има големо варирање. Тоа е штета и можеби понекогаш оди на сметка на квалитетот, но тоа е така и во многу други области. Лично за мене, нема некоја голема разлика. Значи, литературата за млади е жанр и тука важат истите услови како и за другите литератури. Мора да биде подеднакво добра како онаа за големите, со тоа што таа е напишана за малите луѓе.
**********
Линк до книгата Милена Баиш – Антон нурка, во издание на Бегемот (едиција: Вртелешка), во превод од германски јазик на Катерина Јосифовска.