Драго Јанчар за рубриката À propos

Драго Јанчар за рубриката À propos

Се радувам дека уште една моја книга се појави во Македонија, во државата за која ме поврзуваат многу работи, која ја сакам, чија книжевност ја ценам и каде што имам и многу пријатели.

Македонија не ја познавам само поради Скопје и Охрид, туку и поинаку. Во младоста отслужував воен рок на денешната српско-македонска граница, во Врање, и тогаш со автобус често патував до „Прохор Пчињски“ на македонско-српската граница и ги посетував македонските села. Секаде ме дочекуваа многу топло и пријатно, љубопитно, мене, чудниот странец што талка по нивните села. Но видов дека Македонија, секако, не се само нејзините урбани центри, значајната историја, литературата, туку, пред сѐ, најчесто се и едноставните луѓе, кои се прекрасни.

Така, многу години подоцна дојде времето кога на Македонскиот народен театар ја изведуваа мојата драма „Големиот брилијантен валцер“, и тогаш, се разбира, беше време на радост, претставата беше одлична, ја режираше Бранко Ставрев. Беше и време на долги вински ноќи со пријателите. Скопје ми стана многу близок град. Подоцна, драмата ја изведуваа и во Прилеп.

Следуваа моите романи во македонски превод, мислам дека еден допрва треба да излезе, и така некако почнав да се чувствувам како дома во оваа земја, барем преку своите текстови, штом физички не сум присутен.

Сега излезе и книгата „Џојсовиот ученик“, која зборува за работи што би можело да го заинтересираат и македонскиот читател. Имено, зборува за луѓе што живеат на работ на големата историја, чии животи се обележани од околностите на таа историја, и често некој безначаен настан, мал настан, предизвикува низа последици што им го менуваат животот, и често навлегуваме во трагикомични или во трагични ситуации.

Се одвиваат во денешно време во Њујорк, или во XVI век на аџилак за Компостела, во Шпанија, може да се одвиваат во касарна во јужна Србија, може да се одвиваат каде било и кога било, но секогаш се работи за индивидуи заплеткани во некој историски настан.

Тоа се раскази што не се некаква импресија, како што често се случува со кратките раскази, не се само исечоци од животот, туку, ако смеам да се пофалам со цитат од еден германски критичар, кој откако ги прочита расказите во „Џојсовиот ученик“, рече дека „писателот е многу дарежлив“ – тој вели дека „неговите кратки приказни се материјал од кој други писатели би напишале роман“. Како и да е, приказните се широки, комплетирани, се одвиваат во долг период, но секогаш се фрагмент од човековиот живот.

Насловниот расказ, „Џојсовиот ученик“, всушност, настана последен. Како што вели Борхес, кој иако не е мој тип на писател и на кого никако не се огледувам, но вели дека од книгите растат книги, па во монографијата на Елман за животот на Џејмс Џојс, налетав на фрагмент во кој пишува дека негов ученик во Трст бил некојси Борис Фурлан. Џејмс Џојс, имено, предавал англиски во Трст, во школа за јазици, а тогаш кај себе имал и неколку Словенци. Словенците се големо малцинство, значаен дел од населението во Трст.

И откако го прочитав тоа, името ми се чинеше познато од негде, ми се чинеше дека некаде имам видено фотографија од тој човек. И навистина, потоа се сетив, кога истражував некои работи, ја најдов фотографијата: Борис Фурлан стои пред судот, на монтиран сталинистички процес, во Љубљана во 1947 година.

Англискиот јазик, кој го учел кај големиот писател Џејмс Џојс, кој умеел многу да се вдлабочува во јазикот, го довел толку далеку. Борис Фурлан побегнал од фашистите од Италија, дошол во Љубљана, но Италијанците доаѓаат по него, зашто на почетокот на Втората светска војна, Италија окупира дел од Словенија.

Избегал од Италијанците и во Лондон работел во радиото BBC, на словенечки емисии. Во Словенија станува познат како Гласот од Лондон, луѓето му го познаваат гласот, а во 1945 година се враќа, иако го предупредиле да не заминува, зашто работите ни тука не се во подобра состојба. Станал декан на Правниот факултет во Љубљана и веднаш потоа, по две години, стоел пред судот како англиски шпион.

Тоа е таа фотографија од која е овој пример за еден од расказите, кој е и насловниот. И другите раскази се слични.

Се надевам дека моите новели, не само оваа новела што има политички контекст, има и неколку изразито љубовни и делумно еротски новели, се надевам дека овие раскази ќе ги најдат своите читатели во Македонија, барем оние читатели што веќе ги имам.

Ве поздравувам и ви посакувам успешен книжевен саем и среќно читање!

**********

„Џојсовиот ученик“ од Драго Јанчар е збирка раскази изградени околу ликови вовлечени во значајни историски настани. Насловниот расказ е инспириран од страшната и вистинска животна приказна за Борис Фурлан, млад човек што одел на часови по англиски јазик кај Џејмс Џојс, додека тој предавал на универзитетот во Трст, воведувајќи ги своите студенти во суптилностите на јазикот преку описите на газиена ламба.

Додека приказните обработуваат разни теми на различни локации и ситуации, од службено патување во Њујорк до аџилак до Сантијаго де Компостела, наративите споделуваат расположение на опасност и мрачност. Анонимни армии вршат масакри, лекар е опседнат со очите на Ајнштајн… Но, и покрај целата бруталност и смрт, читателот не ја чувствува книгата како мрачно или депресивно четиво. Низ расказите се чувствува и повев на остра смисла за хумор, што ја отвора вратата за нова светлина. Опишан како „сеизмолог на хаотичната историја“, Јанчар се потврдува како еден од водечките словенечки литературни гласови на неговата генерација преку оваа исклучителна збирка кратка фикција.

**********

Превод од словенечки јазик: Давор Стојановски