Разговор со Диего Арболеда за рубриката À propos

Разговор со Диего Арболеда за рубриката À propos

Разговорот го водеше и го преведе од шпански јазик Сања Михајловиќ-Костадиновска.

Здраво, јас сум Диего Арболеда. Моите пријатели од Македонија побараа од мене да одговорам на неколку прашања. Еве ги пред мене, па, да почнеме.

Како станавте писател за деца?

Во мојот случај, писателот е само читател што направил чекор напред. Мојот восхит кон автори како Роалд Дал, како Михаел Енде,  опстојал низ годините. Никогаш не престанав да читам литература за деца, дури и кога бев возрасен. Така што, кога решив да создадам мои приказни, пишувањето книги за деца и младинци дојде како природен израз на мојата креативност.

Што значат за Вас книжевните идоли? Им се восхитувате, им се плашите, се натпреварувате со нив или бргу ги заменувате со други?

Мојот восхит, и почитта кон моите книжевни идоли, опстојуваат низ годините, како што претходно кажав. Тоа се истите идоли од времето кога бев дете, па и сега, кога сум возрасен, а потоа на нив се додаваа нови идоли, нови автори што за мене претставуваат светилници што ме водат при пишувањето. Чувствувам восхит кон нив, и со текот на времето, исто така чувствувам и длабока благодарност бидејќи да се читаат овие големи книжевни идоли, овие писатели и писателки што толку добро пишувале и со толкава фантазија, ми овозможи и јас да се стекнам со потребните техники за да ги напишам моите приказни. Може да се каже дека јас чекорам качен на рамената на џинови.

Во Вашата книга, малата Алиса има своја соба на чудата каде што го пресоздава магичниот свет на Земјата на чудата со помош на фантазијата. Што е разликата меѓу едната и другата Алиса?

Ова е многу интересно прашање и многу често ми го поставуваат читателите, а се однесува на врската меѓу малата Алиса, протагонистката во мојата книга, и светот во „Алиса во Земјата на чудата“, којшто не може да се ограничи само на светот за којшто читаме во оригиналната книга, туку во него спаѓа целиот тој корпус филмови, адаптации, дури и стрипови нацртани од љубителите на оваа книга, што го збогатуваат овој свет, ги шират неговите граници и го прават уште „позаразен“. Малата Алиса е читателка, таа се наоѓа повеќе од нашата страна отколку од страната на Земјата на чудата, но е опседната со овој свет. Таа, всушност, го претставува тој мост, таа врска што се воспоставува кога ќе влеземе во еден волшебен и привлечен свет. Преку неа, јас сакав да ја претставам страста кон читањето што некогаш нè обзема и што и самиот ја имам почувствувано.

Во илустрираните книги многу е важно како приказната се надополнува со илустрациите. Во колкава мера соработувате со илустраторот Раул Сагоспе пред конечниот изглед на книгата? Како неговото визуелно видување влијае на Вашата замисла за текстот?

Мојата соработка со илустраторите е многу интимна, многу блиска, во неа се вложува многу труд и, како што може да забележите од моите книги, многу плодна. Јас секогаш работам така што уште од самиот почеток, уште додека идејата е во зародиш, знам кој ќе биде илустраторот на таа книга. И така, ги создавам ликовите, го осмислувам дејството и почнувам да им ги праќам материјалите на илустраторите со кои ќе работам. Во овој случај, Раул Сагоспе е во проектот уште од неговиот зачеток. Неговата улога во книгата и во процесот на создавањето на книгата е од суштинско значење. Ваквата соработка навистина го исполнува авторот, кога тоа му го овозможува издавачката куќа, и времето, во овој свет на брзаници во којшто живееме. И дава прекрасни резултати, нешто во што можете да се увери ако разгледате кое било од изданијата. Освен тоа, за нас писателите ова е голема предност бидејќи, и ова е една јавна тајна, нашите текстови изгледаат многу подобро одошто реално се, благодарение на работата на илустраторите.

Денес, барем засега и во одредени делови од светот, читањето книги не е забрането. Треба ли да се забрани нечитањето книги?

Насловот на книгата, „Забрането е да се чита Луис Карол“ е стапица. Јас не сакам да се забрани читањето на ниедна книга. Всушност, забраната за нештата што ни предизвикуваат страст, само уште повеќе ја разгоруваат таа страст. Точно е дека постојат разни начини како може да се забрани читањето книги. Постојат директни, но и индиректни забрани. Ако немате пристап до одредени книги, било да е книга или друг производ од културата, на крајот, нема да можете да дојдете до нив. Во мојот случај, она што сакам да го постигнам е сосема спротивното: да ги поттикнам луѓето да читаат книги, не само мои, туку и на други писатели.

Ете, тоа беа прашањата. Им праќам срдечни поздрави, од сè срце, на моите читатели од Македонија и се надевам дека ќе уживате, како во моите книги така и во книгите на кој било писател или писателка кому се восхитувате.

**********

Линк до книгата Диего Арболеда – Забрането е да се чита Луис Карол, во издание на Бегемот (едиција: Вртелешка), во превод од шпански јазик на Сања Михајловиќ-Костадиновска.