Нобелова награда за Олга Токарчук

Олга Токарчук, еден од најсвоеобразните и најпроникливите гласови на современата светска книжевност, е добитник за Нобеловата награда за литература! Наградата, која лани беше вонредно одложена поради скандал во Кралската шведска академија, годинава е двојно доделена: на Олга Токарчук (Полска), за 2018 г., и на Петер Хандке (Австрија), за 2019 г.

„За раскажувачката вообразба што со енциклопедиска страст го застапува преминувањето на меѓите како форма на живот“ — со овие зборови е соопштена одлуката на деветчлениот одбор кој на Токарчук ѝ додели место во плејадата Нобелови лауреати. Кратката изјава достојно го уважува значајниот влог на Токарчук во идејните и тематските релјефи на светската книжевност. Сепак, она што најмногу восхитува во нејзиното писмо е сликовната и стилската разгранетост, распространетоста на една моќна и богата имагинација низ многу страници. Тоа може да се види и ужива само со читање на нејзините книги!

За среќа, досега на македонски јазик се издадени три нејзини дела од страна на дури три издавачки куќи: „Правек и другите времиња“ (Македонска реч, 2007; добитник на „Златно перо“ за превод во 2008 г.), „Талкачи“ (Или-или, 2013) и „Е. Е.“ (Антолог, 2014). Сите три преводи се во авторство на Лидија Танушевска.

Бегемот најавува дека пред нашиот праг чека уште еден важен наслов од Токарчук. Во преведувачката лабораторија на Танушевска се препишува на македонски нејзиниот последен роман, „Терај го својот плуг по коските на мртвите“. Книгава ќе биде уште еден, свеж влез во широкиот свет на Токарчук. Ве очекуваме на неговото отворање!

Црниот мачор останува посветен на најдоброто од светската книжевност, а кој ја познава нашата книжевна програма, добро знае дека класиците и современите врвови на полската книжевност, особено оние непослушни гласови — кон жанровските правила, кон доминантата етика и естетика, кон секоја општествена власт — сочинуваат значителен дел од нашите едиции.

In Books We Trust!

Токарчук 2

Токарчук 1