Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, инашала

Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, инашала

„И

ншала, Мадона, инашала“ е збирка раскази во кои се прекрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката.

Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите. Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.

 

Превод од хрватски јазик: Ѓоко Здравески

Број на страници: 493

Едиција: Аквамарин | Формат: 195×125

Извадок од книгата

 

Нарачај дома

 

Миљенко Јерговиќ (1966)

Миљенко Јерговиќ е еден од најистакнатите босанскохерцеговски и хрватски писатели. Член е на хрватскиот ПЕН центар, а членството во босанскохерцеговскиот ПЕН центар го повлекол во 2020 год., поради протестното писмо на Здружението од 9 мај по повод одржувањето на комеморативната миса за Масакрот во Блајбург во 1945 г. Неговата проза и поезија се преведувани на голем број јазици. Јерговиќ е роден и израснал во Сараево, каде што завршил филозофија и социологија на Филозофскиот факултет при Сараевскиот Универзитет. Дебитирал во 1988 г. со збирката поезија „Опсерваторија Варшава“. Автор е на многу прозни, поетски и драмски дела, како и на бројни есеи. Неговата прва, најпозната и најуспешна збирка раскази за хаотичниот секојдневен живот во завојуваната Босна и Херцеговина – „Сараевско марлборо“ (1994), му обезбедува меѓународно признание. Делото е наградено со наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“и наградата „Ксавер Шандро Ѓалски“. Добитник е и на бројни други домашни и меѓународни награди.

Препорачај ја книгата