Џозеф Конрад – Пред западни очи

Џозеф Конрад – Пред западни очи

„П

ред западни очи“ е психолошко-политички роман за фаталната игра на човекот со судбината во вителот на големите историски собитија. Записите на студентот Кирило Сидорович Разумов и односите на руската политичка емиграција во Женева ја изложуваат пред погледот на еден пристар Англичанец, наставник по јазици, стварноста на судирот меѓу безочното руско самодржавие и насилното револуционерно движење на почетокот од XX век. Таа бурна претстава не се одигрува на големата, општонародна сцена, туку се открива низ нешто многу посуштествено – низ психолошката драма на поединецот.

Џозеф Конрад, кој е познат како маринист и автор на авантуристички романи, овде се зафаќа со „руската тема“, односно со специфичниот однос на Русите кон јазикот, кон слободата, кон власта, кон метафизичкото, обидувајќи се притоа да се загледа во магливите длабочини на руската душа. Се служи со архетипски слики, но и со современите политички идеи и настани, за да создаде комплексна фабуларна заднина, врз која ќе го осветли и истражи осамениот човек – неговата неразбраност од околината, неговите стремежи и внатрешни превирања, како и неговата нужна трагичност во неподносливата тензија на световите и светогледите.

Романов е напишан во зенитот на творечкиот пат на Конрад и во него силно се пројавува авторовото стилистичко мајсторство и вештината за психолошко нијансирање. Книгата била голем уметнички и психолошки предизвик за самиот Конрад, кој се борел со тегобноста на задачата, на сметка на своето ментално здравје. Освен проникнувањето во историјата и современоста на царска Русија, овој роман се покажал и како релевантен поглед кон иднината, откако некои негови спекулации се оствариле по Октомвриската револуција.

Превод од англиски јазик: Андреј Јованчевски

Број на страници: 293

Едиција: Атлас | Формат: 210×135, тврд повез

Извадок од книгата

Нарачај дома

Препорачај ја книгата