Данило Коцевски – Интелектуалци, политика, култура

Данило Коцевски – Интелектуалци, политика, култура

Н

овата книга на Данило Коцевски – „Интелектуалци, политика, култура“, изобилува со критичко-есеистички интонирани текстови, сѐ до нагласено полемички теми. Во нив низ критичка опсервација на низа актуелни случувања од областа на книжевноста, културата, политиката, филозофијата и урбаните феномени е прикажан духот на нашето време. Данило Коцевски во оваа книга ја анализира улогата и позицијата на интелектуалците во современото општество.

Книгата е поделена на три дела. Секој дел од тријадата „интелектуалци, политика и култура“ го загатнува односот помеѓу интелектуалците, политиката и културата. Овој однос станува особено интригантен во денешното време, кога владее глобална релативизација на вредностите, каде што не постојат цврсти средишта, авторитарни тврдења, беспоговорни вистини, идеологии и толкувања.

Коцевски, на својот единствен и оригинален начин, преку своите текстови ги анализира основните прашања на денешното живеење – каква е и во што се состои политичката улога на интелектуалците денес и каков е нивниот однос кон политиката, општеството и културата. Всушност, книгата „Интелектуалци, политика, култура“ дава луцидни коментари за интелектуалната и политичката состојба кај нас и во светот.

Книгата „Интелектуалци, политика, култура“ е обид не да се „избега“, туку напротив, да се биде во фокусот на настаните.

Автор: Данило Коцевски

Број на страници: 293

Едиција: Перископ | Формат: 190 x 120 тврд повез

Извадок од книгата

Нарачај дома

Данило Коцевски
(1947–2020)

 

Данило Коцевски

Основно, средно и високо образование завршил во Скопје, каде што дипломирал на Филозофскиот факултет. Како стипендист на Француската влада, една учебна година престојувал на Универзитетот во Бордо на Факултетот за книживности, каде што ја истражувал француската книжевност, особено книжевната критика и теоријата. Во Скопје бил асистент на Факултетот на интердисциплинарните студии по новинарство, каде што ги водел вежбите по предметот практика и теорија на новинарството. Бил претседател на Советот на „Рациновите средби“ во Велес, а во периодот од 2008 до 2012 година година бил и директор на светската манифестација „Струшки вечери на поезијата“.

Првото професионално вработување му било во весникот „Млад борец“ веднаш по завршувањето на гимназијата. Во 1973 година се префрлил во културната рубрика во МРТВ, тогашната Радиотелевизија Скопје, каде што уредувал емисии од областа на културата, особено на издаваштвото и претставувањето на новите изданија. Истата година станува член на Друштвото на писателите на Македонија. Бил еден од иницијаторите за основањето на Институтот за македонска литература, заедно со Георги Сталев, Слободан Мицковиќ и Душко Наневски. Во 1982 г. е назначен за главен и одговорен уредник на едно од нашите најзначајни списанија за култура и литература „Разгледи“.

Во текот на 90-тите години, заедно со група еминентни македонски писатели, го основал „Здружението на независните писатели на Македонија“. Познат е и како хроничар на градот Скопје, со неколку издадени книги и повеќе документарни и телевизиски емисии посветени на градот. Коавтор е на популарната телевизиска серија „Досие Скопје“ (2000 г.), а неговите бројни колумни за Скопје во периодиката стекнаа голема популарност и читаност. Со својата пасионирана дејност за градот, Коцевски спаси од заборавот стотици легенди, анегдоти и куриозитети поврзани со значајни настани и личности од историјата на македонската метропола и притоа самиот се вгради како една од скопските легенди.

Досега има објавено околу триесетина дела од најразлични жанрови. Имено, Данило Коцевски, по својата долгогодишна критичко-теориска активност во 70-тите и 80-тите години, во 1989 година ја објави критичката книга „Поетиката на постмодернизмот“, прва од ваков вид во нашата критичко-теориска методологија и на тој начин, уште еднаш го потврди својот неприкосновен книжевен талент. Веднаш потоа ги објави кратките прози „Патување за Аркашон” и романот „Одисеј“, кој доби „Рациновото признание“ за најдобар роман во 1991 година.

Објавил и неколку драмски текстови од кои некои се наградени со „Еразмо Ротердамски“ на конкурсот на МНТ 1999 г., а за улогата на Ештро во неговата драма „Од првиот здив“ (1995), артистот на „Драмскиот театар“, Диме Илиев, ја доби наградата „Ристо Шишков“ на театарскиот фестивал во Струмица. Добитник е на еминентни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, a негови текстови се преведени на неколку светски јазици и се застапени во антологии.

Дел од неговата библиографија:

Книги од книжевната критика и теорија: „Да и Не“, Култура, 1981 г.; „За новите тенденции“, Наша книга, 1984 г.; „Сепак се движи“, Македонска книга, 1985 г.; „Критиката како заблуда“, Македонска книга,1986 г.; „Поетиката на постмодернизмот“, Култура, 1989 г.; „Антиномиите на критиката“, Мисла, 1992 г.; „Модерно и постмодерно“, Македонска книга, 1993 г.; „Нови есеи“, „Наша книга“, 2001; „Патишта на критиката“, Макавеј, 2009; и др.

Романи: „Одисеј“, Култура, 1991 г.; „Ќе одиме ли кај Џо“, Детска радост, 1992 г.; „Јустинијана, градот кој го нема“, Култура, 1999 г.; „Роман за Ное“, Слово, 2003 г.; „Пиколомини пред портите на Скопје“, Три, 2005 г.

Поезија: „Каде се раѓа песната“, Детска радост, 1992 г.; „Поетовата смрт“, Култура, 1995 г.;

Драми: „Мистер Бекет“ („Од првиот здив“), изведена во Драмскиот театар во 1995 година, награда „Ристо Шишков“ за артистот Диме Илиев истата година; „Еразмо Ротердамски“, награда на конкурсот на МНТ за драмски текст; „Кабаре Скопје“, кабаретска претстава за некогашно и современо Скопје, изведена во МКЦ 2002 година, во продукција на Дирекцијата за култура и уметност…

Кратки прози: „Патување за Аркашон“, Мисла, 1989 г.;, „Магијата на Скопје“, Дирекција за култура и уметност, 1996 г.; „Го сакам Скопје“, Скопско лето – Дирекција за култура и уметност, 2000 г.; „Чај од јужните мориња“, Магор, 2006…

 

 

Препорачај ја книгата