Јоханес Анјуру – Ќе се удават во солзите на своите мајки

Превод од шведски јазик: Родна Русковска страници: 276 формат: 195×125 цена: 350

„Ќе се удават во солзите на своите мајки“ е книга за надежта и за безнадежноста. Дејството е сместено во сегашноста и почнува со хаотичен, страшен терористички напад за време на промоцијата на делото на контроверзен цртач на стрипови во книжарница во Гетеборг. Девојката, која е еден од напаѓачите, чувствува дека умот сака да ѝ каже нешто – дека не треба да е таму каде што се наоѓа, дека не треба да го прави тоа што го прави – и во последен момент прави очаен избор, става крај на сè. Потоа приказната се поместува за две години од тој настан и централен лик е писател, кој, по иницијатива на девојката, ја посетува во психијатриската институција во која таа се наоѓа. Му дава страници испишани со нејзиното видување за тоа што ѝ се случувало и вели дека е од паралелна иднина. Писателот почнува да го истражува настанот и тука, фокусот на романот се префрлува на прикажувањето на можната иднина што го чека западноевропскиот свет, доколку не се справи правилно со исламофобичните тенденции во неговите рамки.

„Ќе се удават во солзите на своите мајки“… е текст којшто е длабоко поврзан со времето во кое е создаван, со духот на нашето време. Се работи за многу актуелен роман кој претставува неколку страшни тенденции карактеристични за денешницата: пред сè тенденцијата стравот и омразата да доаѓаат во пакет во нашето време и да раѓаат и потхрануваат тероризам и фашизам. Матијас Хагберг, Göteborgs-Posten

Ќе се удават во солзите на своите мајки.pdf

Нарачај

Алек Попов – Црната кутија

Превод од бугарски јазик: Душко Крстевски страници: 315 формат: 195×125 цена: 350

Мала црна пластична кутија со пепел е сè што Нед и Анго, двајца браќа од Бугарија, добиваат од смртта на татко им, професор Банов, генијален математичар што умрел во мистични околности како професор во Америка. Петнаесет години по смртта на таткото, патиштата на Недко и Ангел Банови, кои живеат сосема различни животи, се пресекуваат токму преку океанот, во Њујорк – едниот како претставник на Бугарите што „успеале во животот“, а другиот – на генерацијата транзициски губитници. Врз заднината на различните табиети и перспективи, на заедничкото лично минато и на урнебесните заплети на околностите во њујоршките авении, паркови, клубови и канцеларии, Нед и Анго влегуваат во серија фантастични авантури. Играјќи на границата на цела низа стереотипи поврзани со „современите теми“ (миграција, исток-запад, права на животните, светски заговори, корпоративни игри, судир на цивилизации, американизација, балканска сатира итн.), Попов плете динамична приказна, полна со тривијални сцени и фантастични настани, успешни залетувања и иронични пресврти, најбанални карактери и најчудни каприци. И никогаш не станува здодевно. На секоја страница, нешто ново и неочекувано провоцира и си поигрува со претпоставките.

Црната кутија.pdf

Нарачај

Ирена Вркљан – Свила, ножици

Превод од хрватски јазик: Иван Шопов страници: 121 формат: 195×125 цена: 200

Романот „Свила, ножици“ е автобиографски роман во кој авторката раскажува за своето детство во Белград, за преселбата на семејството во Загреб во 1941 година по избувнувањето на војната, за растењето, школувањето и созревањето во тој град, за пропаднатиот брак и за животната рутина што ја прекинува со заминувањето во Западен Берлин. Од специфична женска позиција, авторката го преиспитува својот однос спрема мајка си и татко си, односно спрема женскиот и машкиот свет, и потребата, како жена воспитана во традиционални патријархални рамки, да се избори за своето место што нема да биде само повторување на научените и наследени обрасци. Во ова автентично „женско писмо“ се преплетени автобиографското раскажување, лиричното евоцирање на минатото, како и нагласено рефлексивниот однос спрема настаните и малите детали на секојдневноста за кои се раскажува.

Свила, ножици.pdf

Нарачај

Владислав Рејмонт – Ветената земја

Превод од полски јазик: Филип Димевски страници: 599 формат: 210×135; тврд повез; цена: 700

„Ветената земја“ е панорамски роман за раѓањето на еден индустриски град. Трогателна слика за бруталните почетоци на капитализмот во срцето на Европа. Фабрики, пожари, беда и лукавство. А среде индустрискиот налет – големи планови, заеднички интереси и пријателство. Нобеловецот Рејмонт со неверојатен раскажувачки размав ги фабуларизирал опсервациите што ги правел во 1896 година во Лоѓ, во тоа време индустриски град што динамично се развивал, мелејќи ги реликтите од одминатите времиња во својата циглена утроба: селото, аристократијата, чесноста, спокојот и префинетите манири. Главниот јунак на романот е токму градот – немирниот град-свет, преплетен од различни култури и карактери, жесток кон послабите, а наклонет кон посилните и одлучните. Богатството е на дофат, а челустите на бедата безмилосно ги докрајчуваат оние што потклекнале со телото или со духот. Во општиот маскенбал, среде сеприсутниот шкарт и вредно колекционираното ѓубре, лежат длабоко погребаните вистински човечки мечти, зраци светлина што продираат низ слоевите нечистотија. Дали „машинската“ стварност на ветената земја е благослов или, поскоро, проклетство? Каде плови оваа џиновска лаѓа и за кого има место на палубата?

Ветената земја.pdf

Нарачај

Џозеф Конрад – Пред западни очи

Превод од англиски јазик: Андреј Јованчевски страници: 293 формат:210×135; тврд повез; цена: 600

Ликовно уредување: Наталија Лукомска

„Пред западни очи“ е психолошко-политички
роман за фаталната игра на човекот со судбината
во вителот на големите историски собитија. Запи-
сите на студентот Кирило Сидорович Разумов и
односите на руската политичка емиграција во
Женева ја изложуваат пред погледот на еден прис-
тар Англичанец, наставник по јазици, стварноста
на судирот меѓу безочното руско самодржавие и
насилното револуционерно движење на почетокот
од XX век. Таа бурна претстава не се одигрува на
големата, општонародна сцена, туку се открива низ
нешто многу посуштествено – низ психолошката
драма на поединецот.
Џозеф Конрад, кој е познат како маринист и
автор на авантуристички романи, овде се зафаќа со
„руската тема“, односно со специфичниот однос
на Русите кон јазикот, кон слободата, кон власта,
кон метафизичкото, обидувајќи се притоа да се
загледа во магливите длабочини на руската душа.
Се служи со архетипски слики, но и со современи-
те политички идеи и настани, за да создаде ком-
плексна фабуларна заднина, врз која ќе го осветли
и истражи осамениот човек – неговата неразбра-
ност од околината, неговите стремежи и внатреш-
ни превирања, како и неговата нужна трагичност
во неподносливата тензија на световите и светогле-
дите.
Романов е напишан во зенитот на творечкиот
пат на Конрад и во него силно се пројавува авторо-
вото стилистичко мајсторство и вештината за пси-
холошко нијансирање. Книгата била голем умет-
нички и психолошки предизвик за самиот Конрад,
кој се борел со тегобноста на задачата, на сметка на
своето ментално здравје. Освен проникнувањето
во историјата и современоста на царска Русија,
овој роман се покажал и како релевантен поглед
кон иднината, откако некои негови спекулации се
оствариле по Октомвриската револуција.

Пред западни очи.pdf

Нарачај

Букер 2019: Маргет Атвуд

Маргарет Атвуд е една од двете добитнички на Букеровата награда за 2019 година. Две дела од Атвуд се достапни во издание на Бегемот: „Приказната на робинката“ и „Алиас Грејс“, два романи со несомнено култен статус во современата светска фикција. Преводот на двете книги е во авторство на Кристина Димкова.

Приказната на робинката“ е дистописки роман, сместен во блиска иднина во една тоталитарна христијанска теократија која извршила преврат врз американската влада. Романот е психолошко „реалистично“ и убедливо истражување на еден спротивен свет, кој во себе има значајна надреална врска со реалноста. Жестоко политички и мрачен, а истовремено мудар и хумористичен, „Приказната на робинката“ отвора голем број општествени прашања. Јазичната умешност на Атвуд блеснува низ наративот темен од терор, низ острите перцепции, свети во силните слики и саркастичната мудрост.

Во издание на Бегемот, покрај овој култен роман, објавен е и романот „Алиас Грејс“, во кој — врз фонот на историските настани поврзани со фигурата на Грејс Маркс — Атвуд расплетува богата приказна низ која длабински истражува цела низа проблеми: женскоста, мачното созревање, сетилното и духовното осознавање на светот, борбата и играта со воспоставените општествени улоги и вредности, новите методи на истражување на длабоките пориви (извесна предисторија на психоанализата), институциите на социјална изолација (затвор, лудница) итн.


Маргет Атвуд

„[…] Посетителките носат попладневни фустани со редови копчиња до горе од предната страна и крути кринолини под нив. Вистинско чудо е како можат воопшто да седат, а кога одат ништо не им ги допира нозете под надуваните здолништа, освен комбинезоните и долгите чорапи. Како лебеди се, се нишаат на невидливите стапала; или, пак, како медузите во водите на карпестото пристаниште во близина на нашата куќа, кога бев мала, пред да тргнам на долгото, тажно патување преку океанот. Беа топчести и набрани, елегантно и убаво мавтаа од под морето; но кога ќе бидат исфрлени на плажата и исушени на сонцето од нив не останува ништо. Ете такви се дамите: претежно вода.

Кога за првпат бев донесена тука, немаше жични кринолини. Ги правеа од коњски влакна бидејќи жичните сè уште не беа измислени. Ги гледав како висат во плакарите кога влегував внатре за да средам и да ги испразнам легените. Како кафези за птици се; ама што е затворено во нив? Нозе, дамски нозе; нозе затворени внатре за да не можат да излезат и да се протријат од панталоните на господата. Сопругата на управникот никогаш не вели нозе, иако весниците ги нарекоа нозе кога пишуваа за Ненси со мртвите нозе кои стрчеа од под коритото.

Не доаѓаат само дамите-медузи. Во вторниците го имаме Женското прашање и еманципацијата на ова или она, со прогресивни умови од обата пола […]“

Од „Алиас Грејс“ — Маргарет Атвуд.

„Алиас Грејс“ — Маргарет Атвуд

Алиас Грејс

Нобелова награда за Олга Токарчук

Олга Токарчук, еден од најсвоеобразните и најпроникливите гласови на современата светска книжевност, е добитник за Нобеловата награда за литература! Наградата, која лани беше вонредно одложена поради скандал во Кралската шведска академија, годинава е двојно доделена: на Олга Токарчук (Полска), за 2018 г., и на Петер Хандке (Австрија), за 2019 г.

„За раскажувачката вообразба што со енциклопедиска страст го застапува преминувањето на меѓите како форма на живот“ — со овие зборови е соопштена одлуката на деветчлениот одбор кој на Токарчук ѝ додели место во плејадата Нобелови лауреати. Кратката изјава достојно го уважува значајниот влог на Токарчук во идејните и тематските релјефи на светската книжевност. Сепак, она што најмногу восхитува во нејзиното писмо е сликовната и стилската разгранетост, распространетоста на една моќна и богата имагинација низ многу страници. Тоа може да се види и ужива само со читање на нејзините книги!

За среќа, досега на македонски јазик се издадени три нејзини дела од страна на дури три издавачки куќи: „Правек и другите времиња“ (Македонска реч, 2007; добитник на „Златно перо“ за превод во 2008 г.), „Талкачи“ (Или-или, 2013) и „Е. Е.“ (Антолог, 2014). Сите три преводи се во авторство на Лидија Танушевска.

Бегемот најавува дека пред нашиот праг чека уште еден важен наслов од Токарчук. Во преведувачката лабораторија на Танушевска се препишува на македонски нејзиниот последен роман, „Терај го својот плуг по коските на мртвите“. Книгава ќе биде уште еден, свеж влез во широкиот свет на Токарчук. Ве очекуваме на неговото отворање!

Црниот мачор останува посветен на најдоброто од светската книжевност, а кој ја познава нашата книжевна програма, добро знае дека класиците и современите врвови на полската книжевност, особено оние непослушни гласови — кон жанровските правила, кон доминантата етика и естетика, кон секоја општествена власт — сочинуваат значителен дел од нашите едиции.

In Books We Trust!

Токарчук 2

Токарчук 1

Чеслав Милош – Заробениот ум

Превод од полски јазик: Филип Димевски страници 348 формат: 190 x 120 цена: 600 ден. тврд повез

„Заробениот ум“ е збирка од девет есеи пишувани во 1951 г., а објавени во 1953 г. од Литературниот институт во Париз. Првото издание во Полска било објавено во 1978 г., во тајност од цензурата, а официјалното – дури во 1989 г. Делото, во кафкијанско-орвеловски стил, преку параболи и алегории, го анализира процесот на развивањето интелектуална зависност кај источноевропската интелигенција во однос на политичките и економските принципи на сталинистичката доктрина. Карл Јасперс го опишал „Заробениот ум“ како фантастична студија за „разбивањето на човекот на две личности“ под влијание на огромниот идеолошки притисок. „Мојата книга, во одредена смисла, беше обид за борба против својот сопствен фатализам и песимизам.“ – Чеслав Милош

Заробениот ум.pdf

Нарачај

Миљенко Јерговиќ – Сараевско марлборо

Превод од хрватски јазик: Ѓоко Здравески страници: 140 формат:195×125 цена:300

Кога духовната срж на овие приказни, типот на постоењето од кое се опфатени неговите ликови, би требало да се определени со кратка, афористична формула, најточно би било да се рече дека таа пред читателот се појавува како одговор на прашањата што би му се случило на Швејк кога, по некоја случајност, би се затекнал во светот на „Процес“ од Кафка. Бидејќи, војната во која се сместени не се појавува во нивниот живот како целен процес, како нешто што, колку и да е страшно, има релативно разбирлив почеток и барем ронка предвидливост, туку како нешто сепроникливо но неспознајно, како анонимна сила на прелевањето на светот… Ликовите на Јерговиќ се чувари на душата на малите нешта, на нешто, што било, во себе или околу себе што притаено ќе опстане во меѓупросторот на животот и смртта… Иво Жаниќ, Вјесник Читајте ја оваа книга: во Сараево умираа многу луѓе, а таму се раѓаше и XX век. Овие раскази зборуваат за она што ќе се случи кога ќе заборавиме на својата есенцијална трошност; Јерговиќ покажува дека она што нѐ обединува не може да се негира, а она што нѐ раздвојува лесно може да стане кобно. Овој класик на антивоената проза е предупредување за огромната човечка цена што ја плаќаме кога ги мразиме другите. Ричард Фланаган

Сараевско марлборо.pdf

Нарачај

Вилијам Б. Јејтс – Црвениот Ханрахан и други приказни

Превод од англиски јазик: Кристина Димкова страници: 183 формат:180×110 цена: 250

Збирката „Црвениот Ханрахан и други приказни“ е рефлексија на длабокиот, долготраен интерес на Јејтс за зачувување и величење на ирската историја и култура, неговата посветеност кон зачувувањето на спомените за келтските митолошки ликови и суштества, а особено неговата фасцинација со поетот, бардот, чија мудрост и значајност во секојдневниот живот на луѓето го издигнуваат од обичните смртници и го возвишуваат кон божествата. Сите приказни го содржат препознатливиот печат на Јејтс и неговата лична интерпретација на келтската митологија и окултните легенди, чие богатство со настани, ликови и значења е мошне импресивно. Овие шармантни фантазии, обвиени во мистичен тон и преплетени со стихови, ќе бидат особено привлечни за обожавателите на богатата келтско-ирска култура.

Црвениот Ханрахан и други приказани.pdf

Нарачај