Хенрик Сјенкјевич – Крстоносци

страници:860 формат:200×140 цена:570 ден.

Крстоносци е историски роман, во кој авторот го опишува полско-тевтонскиот конфликт во фазата на неговото најголемо насилие. Главен мотив во романот е битката кај Грунвалд, во која Полјаците извојувале огромна победа над моќниот Тевтонски крстоносен ред. Безбројни измами, неправди, битки за живот или смрт, обичаи од огромно морално значење, авантури, љубов… сето тоа во еден роман, којшто на Хенрик Сјенкјевич му донесе огромна светска слава.

Крстоносци.pdf

 

Роберт Луис Стивенсон – Киднапиран

страници: 245 формат: 200×140 цена: 250 ден.

Киднапиран е класична авантуристичка приказна, подеднакво возбудлива денес, како и кога била за прв пат издадена.Кога тргнува во потрага по својот последен жив роднина, чичкото Ебенизер, младиот Дејвид Балфур воопшто нема претстава за опасностите и интригите кои оваа средба ќе ги предизвика. Наскоро сфаќа дека чичко му е стар скржавец и лажго, но пред да ги открие неговите ѓаволски планови, Дејвид е измамен да се качи на бродот Ковенант, како род на пат кон Каролина… Совладувајќи ги опасностите на морето и неизвесноста од лошата судбина која го снаоѓа откако е исфрлен после бродоломот, вклучувајќи ги и обвинувањата за убиство, на крај Дејвид победнички си го бара своето вистинско наследство.

Киднапиран.pdf

Нарачај

„Книга од песок“ во издание на Бегемот

„… неговата книга се вика Книга од песок, зашто ни книгата ни песокот немаат ни почеток ни крај“

Во збирката Книга од песок, која се состои од 13 раскази,Борхес ги продолжува своите творечки искуства, слободно користејќи ги културолошките, историските, литературните и филозофските контексти, а фабуларните настани ги обојува со авторска интелектуална рефлексија. Расказите од оваа збирка ја засегнуваат темата на алтер егото, љубовта, судбината, претпоставениот ерес, на вечните дела и на мистериозната и фасцинантна книга, бескрајна како песокот…

Нобеловката Алис Манро – за првпат на македонски!

Ниту еден жив писател не може толку убедливо да пишува за „текот на љубовта“ како Алис Манро. Таа е жив џин на модерниот расказ, а нејзиниот чеховски реализам, длабоката психолошка интуиција, инстинктивното чувство за емоционалната аритметика на животот, оставија неизбришлив печат на современото пишување. Вештината на Манро во прикажувањето на човековите чувства и богатството на овие приказни, прави тие да делуваат како заокружени романи. Под нејзиното перо ликовите – жени од секакви средини и возрасти и нивните пријатели, љубовници, родители и деца – оживуваат како да ни се соседи. Бегалка е збирка од 8 раскази која критичарите ја сместуваат на највисокото скалило од опусот на Алис Манро.

„Фердидурке“ за првпат на македонски

Фердидурке, или – Големата маскарада, метафоричен роман на Витолд Гомбрович, прогласен за најпознатиот и најкреативниот полски роман на XX век, преведен од огромен број светски јазици.

Главниот лик на романот е 30-годишниот почетник-литерат Јузефчо, кој е неочекувано посетен од бескомпромисниот професор Пимко и е вратен назад во школо. Сегашноста одеднаш се наоѓа во минатото и станува реалност за Јузефчо. За време на престојот во школото е изложен на процесот на таканареченото „напупување“, односно на процесот на инфантилизацијата на школската младина. Следуваат голем број гротескни и сатирични перипетии, кои со својата иреалност, имагинација и зборовите-клучеви, го водат читателот низ романот до самиот крај, не оставајќи го да здивне.

Големата маскарада може да започне!

Мајсторот на гротеската – во издание на Бегемот!

 

Ѓаволијада и Кобни јајца се две новели кои имаат една иста карактеристика – и двете се критика и сатира упатени кон Советскиот Сојуз.

Во Ѓаволијада е претставен проблемот на „малиот“ човек како жртва на советската бирократска машинерија, која во болната фантазија на главниот лик, Коротков, склучува пакт со пеколните сили (иако тој никогаш не го кажува тоа директно). Отпуштениот службеник не може да ја совлада таа моќ и, откако ја губи борбата против неа, во очај скока од покривот на облакодерот, спасувајќи се од тоа пеколно лудило.

Дејството на новелата Кобни јајца е сместено во иднината, во 1928 година, кога Советскиот Сојуз го напаѓа наезда од чудовиштни суштества. Пронајдокот на професорот Персиков, човек кој над сѐ го цени здравиот разум, докажува дека логиката не е нешто што би можело да најде разбирање кај властите на Советскиот Сојуз. Како ефект на тоа, тргнуваат толпи од стравотни чудовишта, коишто ништат сѐ пред себе…

Добитникот на престижната награда Голем калибар – во продажба!

Сандомјеж, 2009 година. На брутален начин е убиена почитувана сандомјежанка, грлото ѝ е длабоко пресечено со остар предмет. Нејзините посмртни останки имаат чудна, нетипична алабастерска боја. Теодор Шацки доаѓа од престолнината Варшава во малиот живописен Сандомјеж и ја води истрагата за грозоморното убиство. Истрагата наидува на многубројни препреки и ѕид од молк, а едновремено неа ја придружува медиумска треска. Фактите наведуваат на мрачните полско-еврејските односи, како и на древно еврејско ритуално убиство, оживуваат легендите за киднапирањето деца од страна на Евреите и нивно карактеристично убивање, кои сеат страв меѓу луѓето. Високо ценетата сандомјежанка не е единствената жртва…

За магијата, вечноста, огледалата, лавиринтите… – во продажба!

Хорхе Луис Борхес (1899 – 1986) – аргентински писател, поет и есеист, еден од најкарактеристичките ликови во светската литература од XX век. Објавувал кратки есеи, раскази и поезија. Неговите дела, толку многу важни за литературата и за хуманистичката мисла, станале објект на проникливи анализи и многубројни интерпретации. Борхес се смета за еден од главните претставници на магичниот реализам и на филозофската мисла во латиноамериканската литература.

Речиси 30 години бил номиниран за Нобеловата наградаво областа на литературата, но никогаш не ја добил.

За негови најпознати дела се сметаат: Алеф, Фикции,Книга од песок, Извештајот на Броди, Универзална историја на нечесноста и др.

Исландскиот крими-хорор „Те паметам“ – низ книжарниците!

Ирса Сикуртартоутир – исландска писателка, добитник на неколку литературни награди, еден од најпродаваните автори на криминалистички и хорор романи. Дебитирала со криминалистичкиот роман Последните ритуали во 2005 година, што воедно е првиот роман од серијата криминалистички романи со адвокатот Тоура Гутмунтстоутир. Досега е автор на 10 романи и добитник на неколку награди и номинации, меѓу кои најзначајната еИсландската награда за најдобар криминалистички роман во 2011 година, како и номинацијата на Стаклен клуч, најпрестижната општоскандинавска награда за криминалистички роман, за романот Те паметам.

„Банкарот анархист“ од Фернандо Песоа за првпат на македонски јазик

Фернандо Песоа (1888 – 1935) – португалски поет, писател, литературен критичар, преведувач и филозоф, претставник на модернизмот.

Иако познат како еден од најголемите поети кои твореле на португалски јазик, Песоа пишувал и објавувал кратки раскази, драми, детективски романи, книжевна и политичка критика. Бил водечка фигура на авангардното книжевно списание Орфеј. Неговите дела претставуваат почеток на португалскиот книжевен модернизам.

Творештвото на Песоа се материјализира низ неговите хетероними, измислени книжевни алтер ега со сопствени биографии, ставови, стилови и литературни изрази, често во потполна спротивност со неговите. Најплодни биле Алберто Каиру, Рикардо Реиш, Алваро де Кампуш. Тој имал особен интерес и познавање од окултните учења, спиритизмот и астрологијата. За негово ремек-дело се смета Книга на немирот (1982).