Хорхе Луис Борхес – Историја на вечноста

Превод од шпански јазик: Ненад Велковски

страници: 149 формат:180×110 цена: 300

„За нас проблем е времето, трепетлив проблем, можеби највиталниот од метафизиката; вечноста – игра или тегобна надеж.“ Овој цитат од славниот есеј на Борхес – Историја на вечноста (1935 г.), ја навестува темата на двете други скици – Доктрината за циклусите (1934 г.) и Кружното време (1943 г.) – во кои авторот аргументира дека идеите за вечното враќање и за кружното време, во суштина, имаат димензија на фантастични инвенции. Збирката, исто така, содржи и три книжевни есеи: фасцинантната студија за метафората (Кенингар, 1933; Метафората, 1952), како и феноменалната историја на преводите на Илјада и една ноќ (Преведувачите на Илјада и една ноќ, 1935 г.). Збирката ја комплетираат расказите кои имаат намера да бидат еден вид рецензии (Приближувањето до Ал-Мутасин, 1935) и духовитата расправа за стратегиите на навредувањето (Уметност за навредување, 1933).

Историја на вечноста.pdf

Нарачај

Ладислав Клима – Страдањата на кнезот Штерненхох

Превод од чешки јазик: Донка Роус

страници: 223 формат:180×110 цена: 250 ден.

Романот Страдањата на кнезот Штерненхох се смета за најважно дело на Ладислав Клима. Тој претставува гротескен пандан на славното дело Страдањата на младиот Вертер од Гете. Романот ги следи перипетиите на главниот лик, кнезот Штерненхох, претставникот на дегенерираната пруска аристократија од времето на Вилхелм II, кој по убиството на неверната сопруга не умее да се носи со одговорноста за својот чин. Романот е полн со ексцентричност и хорор елементи: монструми, сеништа и духови, небаре живи излезени од делата на Франциско Гоја.

Прозата на Клима е исполнета со мистериозност, не отстапува од гротеската, црниот хумор, шокантните теми и драстичните ефекти, се користи со мотиви од популарната литература (хорор, еротска литература), а воедно безрезервно полемизира за суштинските и компликувани филозофски проблематики. Таа го надраснува уметничкиот дострел на литературата од тој период, а воедно антиципира со значително подоцнежните појави во книжевноста. Меѓу другото, прозата на Клима некои критичари ја споредуваат со творештвото на Станислав Игнаци Виткевич. Неговите дела биле мошне популарни во литературните кругови на аутсајдерите, кои биле во потрага по нови решенија подалеку од општоприфатените литературни норми. Клима бил еден од уметничките и духовните патрони на чешкиот андерграунд.

Страдањата на кнезот Штерненхох.pdf

Михаил Булгаков – Доживувањата на еден мртовец

Превод од руски јазик: Ѓорѓи Крстевски

страници: 272 формат:180×110 цена: 300 ден.

Кратката проза на Михаил Булгаков по својот книжевен дострел стои рамо до рамо со неговите романи и драмски текстови. Пишувани во 1920-ите години и претежно објавувани во тогашните весници и списанија, овие раскази се полигонот во кој се развива писателскиот гениј на Булгаков. Тие неретко наликуваат на стилски етиди и тематски скици за идните долги прозни дела на овој книжевен еретик. Елементите на мрачност, гротескност и сатиричност – карактеристични за општата поетика на Булгаков – се подлога на стилот и тематските преокупации и на неговата кратка проза. Расказот, впрочем, и во неговиот случај се јавува како антиципација и сублимација на богатството на авторската фантазија.

Доживувањата на еден мртовец.pdf

Нарачај

Станислав И. Виткевич – Ненаситност

Превод од полски јазик: Филип Димевски

страници: том I 339; том II 425 формат:180×110 цена: комлет 500 ден.

Ненаситност е вториот од двата главни романи на Виткевич, кој почнал да го пишува веднаш по Збогување со Есента, а го завршил во 1927 г., иако бил објавен дури три години подоцна. Романот е обемна дистописка визија со колосални диспропорции, кој голем број критичари го сметаат за magnum opus на Виткевич. Визијата за совршено дисциплинираната држава на кинеските комунисти, која ја освојува замислената контрареволуционерна Русија и се подготвува за напад на површно комунизираните држави на Западна Европа, романот Ненаситност го прави еден од најуникатните романи во меѓувоената литература, а на неговиот автор чудниот стил на „црна комедија“ му обезбедува место помеѓу класиците на современата гротеска.

Романот го следи животот на младиот Генезип Капен, притоа брутално фрлајќи го во најмрачните подземја на метафизиката. Авторот се обидува да вникне во најдлабоките психички нивоа на младиот „јунак“,применувајќи вистинска „аутопсија“ на човечката душа.

Ненаситност.pdf

Нарачај

Евгениј Замјатин – Џенем

Превод од руски јазик: Мирјана Наумовски

страници: 138 формат:180×110 цена:150 ден.

 Џенем е новела од раниот творечки период на Замјатин, напишана во времето на Царска Русија (1914). Во неа, како и во неколку други свои дела, авторот ја разработува темата на руската паланка низ објективот на гротескниот реализам.

Новелата го претставува животот на еден сибирски воен гарнизон, далеку на рускиот исток, испреплетен со секакви пороци и обвиен во атмосферата на блуткавост и затвореност. Сижето ја отсликува темната страна од дуалниот светоглед на Замјатин: ентропијата. Наспроти енергијата, виталниот принцип, ентропијата води полека кон ужасот на пасивноста, глупавоста, ограниченоста, рамнодушноста.

Иако новелата била примена со одобрување од прогресивната критика, властите го забрануваат нејзиното печатење и дистрибуцијата поради нејзиниот антимилитаристички тон и сатиричниот однос кон паланечкиот менталитет и декадентниот живот на руските воени чиновници. Ова дело го означува Замјатин како еретичко и револуционерно перо во однос на конзервативниот царски систем, исто како што подоцнежниот критички однос кон дегенерираната револуција ќе го смести во редовите на дисидентите и еретиците.

Џенем.pdf

Нарачај

Мигел де Унамуно – Магла

страници: 303 формат:180×110 цена:250

Магла е едно од клучните дела на Унамуно, кое го нарекува нивола – литературен жанр измислен од страна на авторот за да го ослободи делото од цврстите рамки на романот.

Аугусто, главниот лик во романот, ни се прикажува како невротичен егзистенцијалист-романтичар. Тој страда од духовен неспокој поттикнат од неговата вертеровска егзалтација и, можеби, комичноста. Дали ние самите понекогаш не се чувствуваме како јунаци во куклен театар, како немоќни суштества? Дали потегнувањето за конците в очи на ваквиот свет ќе предизвика прекин на зависноста од судбината? Дали волјата на Аугусто ќе се покаже како посилна од волјата на авторот, независна? Особено последната сцена е вознемирувачка, кога самиот автор, Мигел де Унамуно, настапува во улога на јунак-креатор на целата сценерија. Веќе не се знае во каков степен животот и волјата на Аугусто зависат лично од него. Тоа го фрла во очај, во криза на самосознанието, го води до трескавична борба…

Магла.pdf

Нарачај

Михаил Булгаков – Белата гарда

страници: 372 формат:180×110 цена:300 ден.

Белата гарда е роман за снежниот Киев зафатен од домашната војна. Тоа е роман за машкото пријателство и братската љубов; исто така за радоста, еуфорична и погубна, што им се случува на младите луѓе во предвечерието на битката, додека никој сѐ уште не загинал и никој не се свил во клопче за време на преслушувањето. Најпосле, романот е ода во чест на Градот – градот на кој авторот му изразува толкава чест што неговиот назив ниту еднаш не го споменува во своето дело.

Белата гарда е делото сокриено некаде по патот на светската литература на кое наидуваат новите поколенија читатели восхитени од Мајсторот и Маргарита. А, сепак, Белата гарда е голем роман – најтипичен за Булгаков, а сигурно највкоренет во неговиот живот. Мајсторот и Маграрита е роман создаден од неговата визија, верата и стравот: Белата гарда е исткаен целосно од неговите спомени.

Белата гарда.pdf

Нарачај

Хорхе Луис Борхес – Сеќавањето на Шекспир

страници: 74 формат:180×110 цена:150

Збирката Сеќавањето на Шекспир ги содржи последните четири раскази на Борхес, претставува резиме на целиот негов прозен опус. Во нив ги пронаоѓаме симболите, темите и опсесиите на писателот познати од претходните негови раскази: смртта, сеќавањето на минатото, бесконечноста, магичниот збор, розата, тигарот… Борхес пишува свој сопствен тестамент, а ликовите кои ги креира, создаваат автопортрет на стариот мајстор од Буенос Аирес.

Сеќавањето на Шекспир.pdf

Хорхе Луис Борхес – Универзална историја на нечесноста

страници: 106 формат:180×110 цена:200

Универзална историја на нечесноста содржи девет раскази од годините 1933-1934, како и шест пократки форми, неверојатни приказни. Кратките форми, инспирирани од арапските легенди, имаат карактеристики на параболи. Додека, пак, расказите се класични отсечки од наративна проза. Нивните јунаци се разни ништожници: крадец на идентитет, лажен пророк, пирати, њујоршки гангстер или, пак, легендарниот Били Кид. Хорхе Луис Борхес ги пренесува своите читатели на мапите на Универзалната историја на нечесноста на разни места во светот – од САД во XIX век, во Јапонија од XVIII век, во Туркменистан, Чиле…

Иако авторските текстови на Борхес се помешани во збирката со оние што се создадени врз основа на чуени приказни, претставуваат негова сопствена интерпретација на туѓи приказни. Тие се позајмени, но живеат автономно, независно од примарните басни и легенди.

Универзална историја на нечесноста.pdf

Хорхе Луис Борхес – Фикции

страници: 179 формат:180×110 цена:300

Збирката Фикции, објавена во 1944 година, е најважната и најпознатата збирка раскази од Борхес која му донела на писателот меѓународна слава. Плетејќи ги своите фабули, Борхес начнува разни литературни видови и форми, слободно поврзувајќи рецензии од непостоечки книги, фиктивни биографии, псевдоесеи, параболи, фантастични и криминалистички раскази. Секоја творба претставува монументално дело, кое авторот на свој карактеристичен начин и стилска концизност го затвора во неколку страници. Светот што се образува од Фикции е бесконечен хаос, неистражлив лавиринт, сонета библиотека, која размножува огледални одрази – човечките судбини и времиња – а оваа визија за светот е ништо друго туку само Борхесова игра, иронично резиме на залудниот труд на безбројните поколенија мислители.

Фикции.pdf