Светлана Алексиевич – Времето secondhand

Светлана Алексиевич – Времето secondhand

К

нигата „Времето secondhand“ е последната од петтомната епопеја „Гласови на утопијата“, во која авторката Светлана Алексиевич ги документира искуствата на стотици луѓе со различен статус и опит во советскиот и постсоветскиот свет, во вид на орална историја. Во бурната транзиција од комунистичкиот Советски сојуз и Горбачовската „перестројка“ кон Елциновата и Путиновата Русија, многу луѓе го губат својот интимен компас и се чувствуваат обездушени; многу други, пак, се исполнети со ентузијазам за новото време што надоаѓа. Она што ги обединува се спомените за едно одминато време, кон со кое сите имаат личен опит, за кое сите раскажуваат различно, кон кое и во своите души имаат непомирени чувства. Всушност, ваквиот начин на пренесување на историјата на едно време се чини безмерно поверодостоен од која било историја спокојно напишана во некоја канцеларија, архивирана во стерилните фиоки на официјалната историја. „Советската цивилизација… Брзам да ги прикажам нејзините траги. Познати лица. Не ги распрашувам за социјализмот, туку за љубовта, љубомората, детството, староста. За музиката, танците, фризурите. За илјадници детали на исчезнатиот живот. Тоа е единствен начин да се натера катастрофата во рамките на вообичаеното и да се направи обид да се раскаже нешто. За нешто да се сетиме. Не се изморувам од чудење колку е интересен обичниот човечки живот. Бескрајно количество од човечки вистини… Историјата ја интересираат само фактите, а емоциите остануваат надвор. Не е вообичаено тие да се пуштаат во историјата. Јас го гледам светот со хуманистички очи, а не со очите на историчар. Изненадена сум од човекот…“ од „Времето secondhand“

Превод од руски јазик: Максим Каранфиловски

Број на страници: 475

Едиција: На пат | Формат: 200×130

Извадок од книгата

Нарачај дома

Светлана Алексиевич (1948)

Светлана Алексиевич е белоруска писателка-новинарка, која во својата петтомна епопеја за последните 100 години од советско-руската историја ги има документирано искуствата на стотици луѓе со различен статус и опит во советскиот и постсоветскиот свет, во вид на орална историја. „Гласови на утопијата“, како што самата ја нарекува оваа епопеја, ги опфаќа делата: „Војната нема женско лице“, „Последните сведоци“, „Цинковите момчиња“, „Чернобилска молитва“ и „Времето secondhand“. Во нив, таа ги преиспитува границите на историографијата и литературата, создавајќи текст што е несовпадлив со востановените жанровски канони, а сепак со својата моќност ги пробива границите на убавото писмо и ја потврдува релевантноста на својата содржина како историски документ. За нејзиниот полифоничен дискурс, споменик на страдањата и смелоста на нашето време, Кралската шведска академија на науките ѝ ја додели Нобеловата награда за литература во 2015 година.

Препорачај ја книгата