Станислав И. Виткевич - предговор кон „Ненаситност“

Предговор

 

Не навлегувајќи во прашањето дали романот е уметничко дело или не – (за мене, не) – би сакал да ја начнам проблематиката на односот на романописецот кон својот живот и кон околината. Романот за мене е, пред сѐ, опис на времетраењето на одреден отсечок од реалноста, фиктивен или вистинит – сеедно, на реалноста во онаа смисла дека главното нешто во романот е содржината, а не формата. Не ја исклучува тоа, се разбира, најневерејатната фантастичност на темата и на психологијата на ликовите што се појавуваат – само се работи за тоа читателот да биде принуден да верува дека токму така, а не поинаку, било или можело да биде. Тој впечаток зависи и од начинот на претставувањето на нештата, односно од формата на одредени делови и реченици и од општата композиција, но уметничките елементи во романот не претставуваат целина што делува формално непосредно со својата конструкција; тие поскоро служат за засилување на суштинската содржина, за на читателот да му го наметнат чувството на вистинитост на опишаните луѓе и настани. Сепак, конструкцијата на целината во романот, според моето мнение, е нешто второстепено, нешто што настанува како спореден производ од описот на животот и што не би требало однапред да влијае деформирачки врз вистинитоста поради чисто формални барања. Секако, подобро е да ја има, но нејзиниот недостаток не претставува фундаментална мана на романот, во спротивност на Чистата Уметност, каде што, едноставно, без формалната вредност на целината, не може да стане збор за уметнички впечаток, каде што ако ја нема – нема уметничко дело воопшто, туку тоа најмногу е, на одреден начин, преобразена реалност и хаос на чисто формални елементи неповрзани меѓусебно. Затоа, романот може да биде сѐ, независно од принципите на композицијата, почнувајќи од а-психолошка авантура, претставена однадвор, до нешто што може да се граничи со филозофски или со општествен трактат. Секако, во романот, сепак, мора нешто да се случува: идеите и нивната борба мораат да бидат прикажани на живи луѓе, а не да бидат обесени на изложбени кукли. Ако треба да биде така, тогаш е подобро да се напише брошура или трактат. Убедувањето дека романот дефинитивно мора да претставува ограничен отсечок од животот, при што авторот, со образници покрај очите, како плашлив коњ избегнува секакви реални или дури и привидни дигресии, ми се чини дека не е основано – со исклучок на графоманските глупости и никому потребните плитки експонирања на досадни луѓе, сѐ е оправдано – дури и најголемите скршнувања од „темата.“ Подлизувањето на најлошите вкусови на просечната публика и стравот од сопствените мисли или од антипатијата од страна на дадена клика, нашата литература ја прават (со мали исклучоци) онаа лимонада од која едноставно, ти доаѓа да повратиш. Антони Амброжевич оправдано тврди дека кај нас литературата беше само функција на борбата за независност – со моментот на нејзиното достигнување, се чини, доаѓа нејзиниот безнадежен крај. Ве молам да не ме обвинувате за мегаломанија и за желба на публиката да ѝ наметнам дека моите романи се идеалот, а сите други се глупост. Далеку сум (и тоа многу) од тоа. Но тврдам дека денешната критика, поради фалшивото чувство на општествена обврска и поради желбата малите луѓе да се научат на мали доблестчиња, се прави слепа за опасните проблеми и нивните можни решенија и, дефинитивно, влијае назадувачки врз развојот на големиот стил на нашата литература. Она што е незгодно, тоа е премолчено или редовно лошо сфатено и лошо интерпретирано. Фалшот и кукавичлукот го карактеризираат сиот наш литературен живот, а оние што дури оправдано се нафрлаат на разни незгодни симптоми (на пр. Слонимски), се немоќни поради програмскиот антиинтелектуализам и недостатокот на основните поими. Умствената недообразованост на повеќето критичари, недостатокот кај нив на еднозначни системи на поими за вреднување, недостатокот на интелектуален скелет, во комбинација со производството на просечност и преплавувањето на пазарот со преводи на странски шунд, дава тажна слика за литературната пропаст. Што може да се бара од публиката штом критиката е под нејзиното просечно ниво. Нема овде да се борам со поединечни критичари за општите идеи (полемиката ќе се појави во друга книга под наслов Последната пилула за душманите“) – сакам да се ограничам на еден проблем: односот на приватниот живот на авторот кон неговата работа. Во воведот на Збогување со Есента напишав реченица која овде ја цитирам буквално: „Тоа што го пишува вториот мој многу незгоден »душманин«, Карол Ижиковски, за односот на критиката кон уметничките дела преку авторот, е многу издржано. Да си бербатиш раце со авторот а пропо неговата творба е недискретно, несоодветно, неџентлменски. За жал, секој може да биде изложен на свињарии од тој тип. Тоа е крајно непријатно.“ Како одговор на таа изјава наидов на следниве реакции за мојот роман. Господинот Емил Брајтер на својата критика ѝ дал наслов „псевдороман“, а потоа на крајот нагласил, објаснувајќи ја недосетливата цел на тој наслов, дека мојата книга е „исповед.“ Претпазливо не го додал зборот „идеолошка“, за да може да биде протолкуван двозначно. Па, секој просечен човек си мисли дека (и на тоа смета г. Б., за да ми пркоси и да ми наштети) јас едноставно опишувам факти од мојот живот, за кои тој, г. Б., има некакви тајни информации – односно: дека јас, „под дејство на кокаин“, сум бил силуван од некој гроф, дека сум бил на издршка кај некоја богата Еврејка на Цејлон, дека во Татрите сум издрогирал мечка со кокаин итн. Не ме осудува за тоа дека сум бил застрелан од комунистите затоа што во Полска нема Совети и, јас, за жал, сум жив и засега пишувам уште. Потоа, врз основа на таквите критики и гласини, наидувам на муабети од овој тип: кога завршив со портретот на една дама, таа вели: „толку се плашев од вас – си мислев: како ли ќе издржам еден саат со таков страшен (!) човек како вас – а се покаже дека сте сосема нормален и дури добро воспитан.“ Мајките се плашат да нарачуваат портрети од своите ќерки во мојата фирма, дури возрасни мажи седнуваат „за сликање“ со нејасни гримаси, како да очекуваат дека, наместо да ги цртам, одеднаш ќе им ги откорнам забите и ќе ги им истерам очите со моливот. Друг факт: Карол Ижиковски (со чија Борба за содржината ќе се пресметам опширно во гореспоменатата брошура) пишува критика очигледно целисходно двозначна (се користи со поимот: генијален графоман – како да кажал квадратно тркало, а може и полошо), во која се користи со зборот „цинизам“, во доста недефинирано значење за просечниот читател, а потоа додава (токму тој, за кого ја напишав гореприложената реченица, врз основа на сопствените изјави) дека мојот роман премногу го базирам врз личните доживувања. Како ли тие господа се осмелуваат да претпоставуваат такви работи? Дали врз основа на одвратните трачеви чиј предмет сум јас? Можат да претпоставуваат – Бог нека е со нив – но пишувањето такво нешто во литературните критики е врв на безобразноста. Имам впечаток дека во овој случај сум исклучок – за никого уште не сум читал нешто слично. Не можам да го повлечам изразот што го употребив претходно бидејќи овие господа самите, така да кажам, се „подметнуваат“ под него. Затоа што, впрочем, реализмот на некој опис ни најмалку не имплицира непосредно копирање на одредена реалност – може да биде доказ, на пример, за реалистичкиот талент на авторот. Но што се однесува до мене, тогаш дури и она што би можело да биде комплимент, перфидно се извртува во прекор и, згора на тоа, во чисто личен и неоснован, а за мене практично штетен. Како поинаку да се нарече тоа одошто јас го сторив тоа? Уште почудно е тоа што ниту еден факт во Збогување со Есента не соодветствува со реалноста. Изгледа господата сметаат на тоа дека авторот на тој начин, оцрнет пред публиката, ќе престане да пишува или барем ќе ја загуби слободата на изразување, на штета на својот труд. На сличните, но помалку непријатни симптоми, му припаѓа правењето каша од произволно избрани цитати, притоа изјавите на „јунаците“ вешто се помешани со речениците на авторот, и на тој начин, фалсификуваниот текст е сфатен како негова идеологија. Не се работи за тоа да бидеш фален, туку да бидеш чесно победен – но дури и тоа е многу тешко кај нас. „Шо ќе зборуеш со глуп чоек“, како што велеше Јан Мардула. Ама дури и глупав е подобар отколку свесно безобразен критичар. Би сакал да верувам барем во добрата волја, но и тоа понекогаш едноставно е неможно. Не постои автор кој не би ја користел интроспекцијата и опсервацијата на другите луѓе за романескни цели. Впрочем, способноста за замислување вообразени состојби на ликовите или транспозицијата на дадената реалност, при што неизмерно мал факт може да биде доволен како средство за кристализација на целата концепција, мора да бидат фундаменталното обележје на романописецот. Тешко е некој што живее во определена атмосфера да не се храни со неа. Се работи за тоа на каков начин ја консумира таа храна. Има одредена граница на јасноста на типовите (некакво особено обележје, како во пасошите), зад која приближно може да се каже дека одреден автор навистина претставува одреден реален човек. Но потребно е, пред сѐ, тоа да се сака – за некакви таинствени цели: лична одмазда или реклама, или од политички причини. Нагласувам дека тоа ми е целосно непознато и дека секоја интерпретација од тој тип, како во однос на мене така и во актуелната општествена реалност, ќе го сметам за програмска свинштина спрема мене, со цел мене лично да ми се наштети. Штета што полемиката помеѓу Каден-Бандровски и Ижиковски, токму на таа тема, заглави во личните превирања не расветлувајќи го мракот што го обвива писателското творештво. Ако дискутираат вака: нашиот моментално најголем писател и оној кој се смета за најголема критичка моќ, тоа докажува дека е лоша ситуацијата во нашите литературни кругови.

С. И. В. 4/XII 1929