Алек Попов – Црната кутија

Алек Попов – Црната кутија

М

ала црна пластична кутија со пепел е сè што Нед и Анго, двајца браќа од Бугарија, добиваат од смртта на татко им, професор Банов, генијален математичар што умрел во мистични околности како професор во Америка. Петнаесет години по смртта на таткото, патиштата на Недко и Ангел Банови, кои живеат сосема различни животи, се пресекуваат токму преку океанот, во Њујорк – едниот како претставник на Бугарите што „успеале во животот“, а другиот – на генерацијата транзициски губитници. Врз заднината на различните табиети и перспективи, на заедничкото лично минато и на урнебесните заплети на околностите во њујоршките авении, паркови, клубови и канцеларии, Нед и Анго влегуваат во серија фантастични авантури. Играјќи на границата на цела низа стереотипи поврзани со „современите теми“ (миграција, исток-запад, права на животните, светски заговори, корпоративни игри, судир на цивилизации, американизација, балканска сатира итн.), Попов плете динамична приказна, полна со тривијални сцени и фантастични настани, успешни залетувања и иронични пресврти, најбанални карактери и најчудни каприци. И никогаш не станува здодевно. На секоја страница, нешто ново и неочекувано провоцира и си поигрува со претпоставките.

Превод од бугарски јазик: Душко Крстевски 

Број на страници: 315  

Едиција: Аквамарин | Формат: 195×125

Извадок од книгата

Нарачај дома

 

Алек Попов 
(1966)

Алек Попов е еден од најважните и најпознатите современи бугарски писатели. Автор е на романите „Мисија Лондон“, „Црната кутија“ (и неговата втора верзија: „Црна кутија: кучиња што ниско летаат“), „Сестрите Палавееви во бурата на историјата“, како и на неколку збирки раскази. Попов е познат како мајстор на спојот на комичното и сериозното преку вешто ситуирање на животот на балканецот во матичната средина и во западниот свет. Во овој роман, Попов воведува и елементи од личната биографија, како смртта на сопствениот татко математичар во Америка, добивањето на пепелта во црна пластична кутија и животот на братот во Њујорк, со што ја користи фикцијата за си ги преиспита своите искуства со светот, останувајќи притоа вешто еманципиран од личната приказна и раскажувајќи на многу софистициран и саркастичен начин. Како автор од европски ранг, Попов е преведен на повеќе од 15 јазици. Член е на најважните писателски институции во Бугарија и награден е со многу домашни и меѓународни награди.

Препорачај ја книгата