Ирена Вркљан – Свила, ножици

Ирена Вркљан – Свила, ножици

Р

оманот „Свила, ножици“ е автобиографски роман во кој авторката раскажува за своето детство во Белград, за преселбата на семејството во Загреб во 1941 година по избувнувањето на војната, за растењето, школувањето и созревањето во тој град, за пропаднатиот брак и за животната рутина што ја прекинува со заминувањето во Западен Берлин. Од специфична женска позиција, авторката го преиспитува својот однос спрема мајка си и татко си, односно спрема женскиот и машкиот свет, и потребата, како жена воспитана во традиционални патријархални рамки, да се избори за своето место што нема да биде само повторување на научените и наследени обрасци. Во ова автентично „женско писмо“ се преплетени автобиографското раскажување, лиричното евоцирање на минатото, како и нагласено рефлексивниот однос спрема настаните и малите детали на секојдневноста за кои се раскажува.

 

Превод од хрватски јазик: Иван Шопов

Број на страници: 121 

Едиција: Аквамарин | Формат: 195×125

Извадок од книгата

Нарачај дома

Ирена Вркљан
(1930)

Ирена Вркљан е хрватска поетеса, прозаистка, есеистка, преведувачка и автор на радиодрами, позната и како „хрватска Вирџинија Вулф“. Активна е на хрватската книжевна сцена повеќе од педесет години. Дописен член е на Хрватската академија на науките и уметностите.

Студирала на Филозофскиот факултет во Загреб (археологија, етнологија и германистика) и на Филмската академија во Берлин. Од 1960 до 1971 год. работела во телевизија како уредник на емисијата „Портрети и средби“. Се обидела во различни книжевни жанрови, објавувајќи над дваесет книги: поетски збирки, романи, автобиографска проза и есеи. Пишува и сценарија за телевизиски драми и радиодрами. Нејзините дела се преведени на повеќе странски јазици.

Добитник е на бројни книжевни награди, како „Ксавер Шандор Ѓалски“ за книгата „Свила, ножици“ (1984), наградата „Иван Горан Ковачиќ“ за романот „Марина или за биографијата“ (1987) и наградата ХАЗУ за романот „Последно патување во Виена“ (2000).

Во 2009 год. го добива признанието „Владимир Назор“ за животно дело.  

Препорачај ја книгата