Билјана Ѓонеска – (Рас)кажувајќи ја бесконечноста

Кон „(Бес)конечни модели на расказот“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска.


Насловот од збирката „(Бес)конечни модели на расказот“, на Сања Михајловиќ-Костадиновска ѝ послужил како платформа за обединување парови противречни термини. Првиот пар е составен од двете последни именки. Тука зборот „модел“ потсетува на оперативниот чин на средување и усреднување, со безлично пакување во калапи. Наспроти него е зборот „расказ“ кој упатува на креативниот чин на творење и отворање, со интимно распакување низ зборови. Вториот пар е сочинет од спротивни придавки, со проширената „бесконечни“ и нејзиното (дефинитивно) подмножество „конечни“. Противречната употреба на претставката „без“ (која звучно се изедначила во „бес“) е бонус, зашто и таа треба да означува одземање, а во состав на придавката служи за бескрајно придодавање. Па сепак, во едно вакво соочување, спротивставените зборови од насловот меѓусебно не си попречиле, ниту еден со друг се ограничиле. Напротив, тие суштински се сврзале, ем се надоврзале. Поврзувањето е органско, а последователното редење раскази изгледа природно и нагонско. Тоа потсетува на биолошки процес, во кој воедначено спакуваните гени се распакуваат како бесконечни варијации луѓе и карактери.

Тргнувајќи од ваквата паралела, а целејќи кон повеќеслојноста на расказите, овој осврт се отвара пред читателот во целини кои (по своите наслови) потсетуваат на биолошки процеси, а (во својата суштина) припаѓаат на некои од тринаесетте циклуси раскази во оваа збирка. Целините се пригодно групирани во дел посветен на писателите, и посебен дел за читателите, иако расказите еднакво ги третираат и креативните процеси низ кои минува писателот (кога создава дело), но и креативните промени кои ги доживува читателот (кога чита едно дело).

Раскази за креативните процеси кај писателот

Инкубација е првична фаза, пригодно претставена низ циклусот „Почетнички раскази“. Тоа е период кога идејата за расказот е кревка и неразвиена, па тој е зачеток во зародиш, или рудиментиран запис. Тука спаѓаат: сите идеи со блескаво осмислен почеток, а вечно недоврешен („Вртимушка“) или никогаш оформен („Жижица“) завршеток; идеи чиј крај го сменил почетокот, па никогаш не можат да се вратат на ниво на изблик, и својот првобитен облик („Млечно запче“); идеи чија смисла на почетокот е заробена во прибелешки, за потем да ечи слободно низ прикаски („Куќичка за птици“).

Транслација означува период на преод, и превод на мислата во збор. Се исчитува низ циклусот „Функционални раскази“ бидејќи во оваа фаза писателските и писарските способности се обединуваат во функција на трескавично (за)пишување. Тоа се сите оние мигови кога по расказот посегнуваме со цел да ѝм дадеме: облик на некои несредени и недоречени идеи („Игла и конец“ и „Хефталка“); заеднички дом на насобраните зборови („Жлеб“ и „Штипки“); оддишка на несаканите, вознемирувачки и обеспокојувачки мисли („Чергиче“ и „Леѓен“); слобода на застарените, одвишни и непотребни теми („Стари чевли во нова кутија“ и „Чепкалка за заби“).

Формулација е напредна фаза на неуморно дотерување и постојано усовршување на расказот. Таа е опфатена во циклусот „Патувачки раскази“ зашто налик на пакување при патување, во оваа фаза прибегнуваме кон бескрајни „селектирања, отфрлања, премислувања, подредувања“ на материјалот со кој располагаме („Количка за багаж“). Од зборовите кои останале ги одбираме најпотребните, грижливо ги средуваме во реченици и го прилагодуваме стилот („Несесер“), пакувајќи го во конечен облик, постојано следени од чувството на некомплетност („Куфер“). И во една таква надреденост врз буквите и интерпункциските знаци, врз зборовите и сложените реченици, создаваме расказ кој „почнува онаму каде престанува да постои“, расказ кој е истовремено продукт на „заминување и на одминување“, на селективно бришење, но и на селективно запишување („Знак каде што завршува еден град“).

Нарација е завршен период на заокружено раскажување. Оваа фаза е насликана низ циклусот „Ситни раскази“ бидејќи тогаш нараторот е вистински загледан во ситните детали од големата слика. Токму тие привидни ситници го заокружуваат стилот на писателот, но и впечатокот кај читателот. Заради нив добиваме јасна слика за секоја раскажувачка постапка, па лесно знаеме да разграничиме дали прозата е соголена, исповедничка ем за авторот олеснувачка („Мрсул“); дали е вешта, намамувачка („Мамец“) или провоцирачка („Голо пупе“). Дали наликува на хаику, па е куса, мудра и освежувачка („Кесичка чај“); или е вербална вежба што почнува како збороигра а води до брза здосадувачка („Гума за џвакање“). Оваа фаза означува крај на еден раскажувачки циклус.

Инхибиција е меѓуфаза. Верно го следи завршениот, и му претходи на новиот раскажувачки бран. Претставена е низ циклусот „Суеверни раскази“ зашто е период исполнет со мали ритуали и лични суеверија на авторот со цел да се надмине писателскиот блок. Тој може да се јави заради немарност и расеаност („Талог за кафе“), или прекумерна опседнатост и засегнатост со некоја тема („Урочливи очи“). Тоа е воедно призив на ново вдахновување, и вовед во некое ново раскажување.

Раскази за креативните промени кај читателот

Рецепција е првичен и површен прием на четивото. Соодветствува на сетилна дразба, па затоа е опфатена во циклусот „Деликатесни раскази“. Тоа е фаза на прво исчитување и необработени впечатоци. На почетокот нѝ помага лесно да го одредиме квалитетот на дразбата (т.е. прочитана проза), а набрзо и да го истенчиме сопствениот праг за дразба (т.е. естетскиот критериум за проза). Во оваа фаза може да дознаеме дали расказот е умерен и угоден („Сладолед“ и „Лубеница“) или претеран, патетичен, и можеби здодевен („Тулумба“ и „Сол и црн пипер“).

Емотивна реакција е свесно доживување на прочитаното. Циклусот „Иритирачки раскази“ е упатен за состојбата по прочит на добар, силен и впечатлив расказ, зашто тој може да разбуди антагонистички, прогонувачки, па дури и вознемирувачки чувства. Тоа се чувства кои на еден кус миг посветен за кус расказ, му ја даваат моќта да го прекине текот на мислите („Мевце во заб“), следот на постапките („Каменче во чевел“), и да ги отвори очите („Трепка во око“).

Перцепција е воочување, кое следи по соочувањето со четивото. Најблизок е до циклусот „Вселенски раскази“, оти тоа е период за општи заклучоци и сумирање впечатоци. Тогаш дознаваме кои раскази задираат во колективното несвесно („Супернова“), а кои во личното и трауматичното („Кратер“). Тоа е сознанието што ќе нè следи долго по секој впечатлив прочит, и ќе нè гони во нов читателски подвиг.

Раскази за секоја прилика

Оваа збирка крие неколку трикови.

Прво, насловот најавува само модели на раскази, а циклусите откриваат раскази за модели на расказот. Нивната содржина пак открива раскази за раскази, кои се модели на расказот. И така слој по слој, ред по ред, (рас)кажувањето се продлабочува во бесконечност и недоглед.

ВторСања Михајловиќ-Костадиновскао, циклусите откриваат раскази групирани според тип на асоцијативност и разбудена алузивност т.е. според нивното преносно значење. Истовремено, циклусите ги групираат расказите водејќи се и од нивното буквално значење и практична применливост. Така, еден расказ може да послужи и како текст посветен на чинот на писателско творење, но и како потсетник при пакување („Несесер“ и „Куфер“) или бон-тон прирачник за етикеција на однесување („Хотелско сапунче“). Може да биде расказ за читателските доживувања, но и рецепт за приготвување („Кесичка чај“). Кога се губи границата меѓу симболичното и алегоричното од една страна, и практичното и буквалистичкото од друга, расказот станува повеќенаменски, повеќеслоен и посуштински.

Трето, спис раскази во рамки на еден циклус, не е само попис на тематски врзани приказни, туку и на сродни случки и состојби. За илустрација можат да послужат насловите од циклусот „Иритирачки раскази“ кои сеопфатно ги прибрале најчестите непријатности во секојдневието: мевце во заб, каменче во чевел, прдеж во лифт, трепка во око, дамка на маица, паста за заби при крај, скинато копче, резервна гума, коњско опавче, пепелник, плускавец.

Конечно, збор-два за релацијата автор-текст-тема и нивните (бес)конечни варијации. На оваа оска, стилските вежби на Рејмон Кено, низ 99 антологиски примери ги открија (бес)конечните можности во писателскиот третман на иста книжевна тема. Од друга страна, показните вежби на Сања Михајловиќ-Костадиновска, претставуваат 79 практични примери дека недобројните варијации во авторскиот пристап кон една тема, можат дополнително да бидат умножени од безбројни варијации во моделирачкиот пристап кон еден расказ. Од таму, не изненадува откритието дека различните стилски вежби на Кено, кај Михајловиќ-Костадиновска можат да постојат и во рамки на еден единствен расказ. Така расказот „Квака“ на кус простор  прави долг преглед на различни раскажувачки стилови вклучувајќи: страшен и смешен, реалистичен и фантастичен, криминалистичен и авантуристичен, а најпосле и конзервативен (бајковит) како и постмодерен оглед.

И воопшто, сите куси едноставни раскази имаат повеќеслојни, згуснати значења. Затоа оваа збирка наликува на џепна енциклопедија за прозни минијатури, и микро-музеј за расказни модели, макети и скулптури.