Мрожек – Процес

Како резултат на усилната грижливост, трудот, интервенциите и стремежите – целта конечно беше постигната. Сите писатели беа униформирани, им дадоа рангови и одлики. Па, така, еднаш засекогаш заврши хаосот, недостигот на критериуми, нездравиот артизам, магливоста и колебливоста на уметноста. Проектот за униформата беше изработен на централно ниво, поделбата на кружоци и степени беше плод на долготрајната подготвителна работа во Главната управа. Оттогаш, секој член на Сојузот на литерати беше обврзан да носи униформа – широки виолетови панталони со лампас, зелено палто, појас и кивер[1]. Сепак, оваа облека, и покрај привидната едноставност, беше мошне разнородна. Членовите на Главната управа носеа шапки со златна нашивка, а членовите на теренските управи – шапки со сребрена нашивка. Претседателите – шпаги, замениците – анџари. Сите беа поделени на формации според жанрот што го обработуваат. Оттука настанаа два полка поети, три дивизии прозаици и егзекуциски вод составен од разни елементи. Меѓу критичарите, имено, беа спроведени длабоки промени. Едните беа преместени на галии­те, а другите беа вклучени во жандармеријата.

Сите беа поделени на рангови – од обичен војник до маршал. Се земаа предвид бројот на зборовите што даден писател ги објавил во текот на својот живот, аголот на наведнувањето на идеолошкиот ’рбет во однос на подот, бројот на проживеаните години, самоуправната и владината положба. Поради разликувањето на ранговите, беа воведени шарени одлики.

Предностите на новиот ред беа очигледни. Пред сѐ, сега веќе секој знаеше што треба да мисли за даден писател. Стана јасно дека писател-генерал не може да напише лош роман, дека најдобрите романи ги пишува писателот маршал. Одредени грешки може да направи писателот-полковник, кој, сепак, секогаш е значително поспособен од писателот-мајор. На редакциите сега им беше поедноставена задачата. Можеа да пресметаат точно во колкав процент делото испратено, на пример, од писател-бригадир е повеќе погодно за печатење одошто делото на писател-потпоручник. Со истото ова, беше регулиран и проблемот со хонорарите.

Се разбира, критичарот-писател-капетан веќе не можеше да напише негативна рецензија за книгата на автор од рангот писател-мајор или повисок. Само критичарот-писател-генерал можеше да искаже непристрасно мислење за творештвото на писателот полковник.

Надворешниот бенефит од новиот ред беше, исто така, значителен. За време на големите дефилеа, писателите што дотогаш изгледаа мизерно во заднина, на пример, на спортистите, сега блескаа со гајтаните. Лампасите сјаеја, светеа шпагите и анџарите на претседателите и замениците, како и киверите на целиот одред, поради што популарноста на писателите меѓу општеството неизмерно порасна.

Настана проблем со категоризирањето на еден писател-чудак, кој, рака на срце, пишуваше проза, но неговите творби беа прекратки како за роман, а предолги како за раскази. Освен тоа, се шушкаше дека е тоа поетска проза со сатирична нијанса, а други велеа дека чудакот пишува и фељтони, кои, всушност, беа кратки раскази со јасни црти на критички есеј. Не можеше да се класифицира ниту во проза ниту во поезија, а за еден човек не се исплатеше да се организира цел нов сектор. Имаше забелешки да биде исфрлен; на крајот, му дадоа портокалови панталони за да се разликува, го вклучија во обичните војници и го оставија на мир. Целата земја го гледаше како црна овца. Впрочем, дури кога би го избркале, не би бил прв случај. Неколкумина писатели, кои, поради лошата градба на телата, лошо се презентираа во униформите ги исфрлија уште порано.

Сепак, набргу општеството се увери каква грешка било да се остави овој чудак во редовите на сојузот. Неговата личност го зачна скандалозниот проблем, кој ги нарушуваше јасните и прекрасни принципи на авторитетот.

Еднаш, во главниот град, по булеварот минувал еден познат и почитуван писател-генерал-поручник. Во пресрет му доаѓал овој писател-редов во портокалови панталони. Пи­сателот-генерал-поручник го погледнал со презир, очекувајќи јасна работа, дека писателот-редов ќе му салутира. Одеднаш, на киверот на писателот-редов забележал највисока одлика, која му следува само на писателот-маршал – мало црвено бубаче. Принципите за почитувањето кон хиерархијата во писателот-генерал-поручник беа толку втемелени што, не размислувајќи за необичноста на своето согледување, веднаш зазел став, полн со најголема почит и салутирал прв. Зачуден, писателот-редов возвратил со поклон, така што малата бубамара, која застанала на неговиот кивер, а која на писателот-генерал-поручник му се видела како одлика за највисока власт – ги отворила крилцата и си одлетала. Разгневен и понижен, писателот-генерал-поручник веднаш го повикал дежурниот критичар, кој го одвел писателот-редов во воениот затвор во Домот на литературата, откако најпрвин му го одзел наливперото.

Процесот се одржа во главниот град, во Палатата на уметноста. Во долгата мермерна сала блескаа еполетите на судиите. Генералштабот ги зазеде местата долж масата од махагон и злато, одликите и ордените се одразуваа по мазната површина како во црно огледало. Писателот-редов беше обвинет за носење одлики што не му следуваат на неговиот ранг.

Обвинетиот, сепак, имаше среќа. Во предвечерието на процесот се одржа седница на Советот за култура, за време на која беше остро критикуван бездушниот однос кон уметникот, администрирањето со уметноста. Веќе утредента, ехото од тоа советување се рашири во судницата. Се обрати лично критичарот-писател-заменик-маршал.

„Обвиненијата не смееме да ги третираме бирократски, да навлеземе во суштината. Без сомнение, случајот што го разгледуваме е нарушување на принципите, благодарејќи на кои постигнавме прекрасен, и покрај одредени грешки, се разбира, расцут на нашата литература. Но, дали обвинетиот е целосно свесен, активен престапник? Треба да досегнуваме длабоко, да ги видиме причините, а не само ефектите. Да размислиме, кој го доведе обвинетиот до неговата жалосна состојба? Кој го деморализирал, кој ја искористил неговата почетна несвесност? Каква била инспиративната атмосфера што довела до криза? Кого би требало да го казниме за во иднина да превенираме слични процеси?

Не, колеги, обвинетиот не е главниот виновник. Тој бил само алатка во раката на бубамарата. Токму таа, бубамарата, несомнено водена од омразата кон принципите на нашата нова хиерархија, запенета од бес при глетката на нашите достигнувања, кои ѝ ги должиме токму на нашата апсолутна прецизност на критериумите, на совршената организација на нашиот сојузнички живот – предавнички застанала на киверот на обвинетиот имитирајќи маршалска одлика. За неа, нашата хиерархија е трн в око. Па, да ја казниме раката, а не слепиот меч!“

Говорот беше примен како достигнување до самиот корен на злото. Писателот-редов беше рехабилитиран, а, пак, главниот обвинителен акт беше изречен против бубамарата.

Водот на критичарите ја пронајде во дворот, каде што стоеше на лист од јоргован, ковејќи ги своите подли планови. Не се бранеше гледајќи дека веќе била демаскирана. Процесот се одржа во истата мермерна сала. Бубамарата беше поставена на масата од махагон и беше покриена со стаклена чинија за да не побегне. Сите го напрегнуваа видот сакајќи да здогледаат црвена точка на црната површина. Непопустлива во својата одвратност, до крајот го задржа презривиот молк.

Беше егзекутирана утредента в мугри, со помош на четирите томови од најновиот роман на самиот писател-маршал по литература, објавен на бела хартија во тврд повез, кои беа пуштани врз обвинетата од висина од метар и пол. Наводно не страдала долго.

Писателот-редов во портокалови панталони го мачеше сомнение дека, и покрај сѐ, дејствувал во пакт со престапничката, а не е исклучено, исто така, дека со неа го поврзувало и нешто повеќе бидејќи плачеше кога дозна за пресудата и молеше да ја пуштат на слобода, во дворот.


[1] Кивер – вид висока воена шапка што се носела од крајот на XVIII век до почетокот на XX век во воените одреди. Во некои земји до ден-денес се носи како репрезентативна шапка (заб. на прев.).


Расказот е од збирката „Слон“ од Славомир Мрожек, во превод на Филип Димевски. Во неговата матична земја, Полска, но и на светската книжевна сцена, Мрожек (1930–2013) важи за легенда на пародичната, сатиричната и апсурдистичката прозна и драмска фикција.