Вилијам Б. Јејтс – Црвениот Ханрахан и други приказни

Превод од англиски јазик: Кристина Димкова страници: 183 формат:180×110 цена: 250

Збирката „Црвениот Ханрахан и други приказни“ е рефлексија на длабокиот, долготраен интерес на Јејтс за зачувување и величење на ирската историја и култура, неговата посветеност кон зачувувањето на спомените за келтските митолошки ликови и суштества, а особено неговата фасцинација со поетот, бардот, чија мудрост и значајност во секојдневниот живот на луѓето го издигнуваат од обичните смртници и го возвишуваат кон божествата. Сите приказни го содржат препознатливиот печат на Јејтс и неговата лична интерпретација на келтската митологија и окултните легенди, чие богатство со настани, ликови и значења е мошне импресивно. Овие шармантни фантазии, обвиени во мистичен тон и преплетени со стихови, ќе бидат особено привлечни за обожавателите на богатата келтско-ирска култура.

Црвениот Ханрахан и други приказани.pdf

Нарачај

Витолд Гомбрович – Бакакај

Превод од полски јазик: Филип Димевски страници: 274 формат:180×110 цена: 300

Збирката раскази „Бакакај“ ги содржи раните творби на Гомбрович. Тоа првото дело што го објавил Гомбрович под насловот „Мемоари од пубертетот“, но при преобјавувањето на делото, самиот Гомбрович го променил насловот во „Бакакај“, според називот на улицата на која живеел во Буенос Аирес. Читањето на овие раскази дава поим за литературното мајсторство и за оригиналната опсервациска замисла на авторот и го олеснува разбирањето на неговите подоцнежни дела. Расказите во „Бакакај“ го откриваат фасцинантниот свет што го создал Витолд Гомбрович, еден од најважните и најдобрите писатели на дваесеттиот век. Во бизарните, фантастични и комични раскази, неговите ликови стануваат дел од модерното време, тие сонуваат, патуваат, лудуваат… Во „Бакакај“ се претставени луѓе од соседството во театрален секојдневен апсурд, во кој се можни и најфантастичните мисли и случки.

Бакакај.pdf

Нарачај

Алис Манро – Мил живот

Превод од англиски јазик: Кристина Димкова страници: 356 формат:180×110 цена: 350

Илустрација на насловна страна: Наталија Лукомска

Облеани со онаа типична јасност на визијата на Алис Манро и нејзината неспоредлива дарба за раскажување, овие приказни за крајот и почетокот, за несреќата и опасноста, за заминувањето и враќањето, измислени и реални, сликаат блескави, неизбришливи портрети на чудниот, опасен и извонреден обичен живот. Едноставноста на јазикот во функција на комплексноста на животот достигнува неизмерни длабочини во чувствата. Манровата единствена способност да ни ја дава суштината на животот во често куси, но секогаш пространи и безвременски приказни, уште еднаш е очигледна  во оваа брилијантна збирка раскази. Приказна по приказна, таа го осветлува моментот кога животот е трајно променет поради некоја случајна средба, непреземен чекор, или едноставно поради играта на судбината која ја носи личноста од вообичаениот, навикнат пат кон нов начин на битисување или размислување.

Мил живот.pdf

Нарачај

Хорхе Луис Борхес – Книга за измислените суштества

Превод од шпански јазик: Ненад Велковски страници: 230 формат:180×110 цена: 300

Измислените суштества што се појавуваа на страниците на оваа книга, која ги сплотува ерудицијата и привлечноста, некогаш поттикнувале восхит или страв, ги инспирирале човечките верувања и суеверијата. Особени примери од фантастичната фауна, расеани по разни религии и митологии, а исто така и по литературните дела, се закануваат со пеколни страдања, некогаш со волшебнички благослов, а понекогаш влегуваа во сферата на метафизиката. Како што пишува самиот Борхес: „Насловот на оваа книга ќе ги оправда вметнувањата на принцот Хамлет, на точката, на линијата, на површината, на хиперкубот, на сите општи зборови и, можеби, на секој еден од нас и на Господ. Начелно, на речиси целиот свет. Како и да е, прибегнавме кон она што веднаш го навестува изразот измислени суштества. Составивме прирачник за чудните суштества што ги има создадено, во текот на времето и во просторот, фантазијата на луѓето.“

Книга за измислените суштества.pdf

Нарачај

Валтер Бенјамин – Еднонасочна улица / Детството во Берлин

Превод од германски јазик: Катерина Јосифоска страници: 293 формат:180×110 цена: 300

„Валтер Бенјамин е своевиден архетип за европскиот интелектуалец од првата половина на XX век. Иако неговото дело се потпира на непретенциозност, фрагментарност и жанровска хибридност, за Бенјамин слободно може да се каже дека е еден од авторите што имаат оставено длабока и неизбежна трага во современата филозофија и литературата.“

Ди Цајт

„Двете експериментални дела на Бенјамин претставуваат сериозен предизвик за секој читател: иако кратки, опфаќаат широк ранг жанрови – од афоризми до политичка сатира, од носталгичен мемоар до автобиографска метафикција, од филозофска рефлексија до мајсторски напишан краток расказ.“

Тајмс

„Вештината на Бенјамин како писател е особено забележлива во Еднонасочна улица и Детството во Берлин, каде што авторот ја користи својата стандардна изразна форма – филозофскиот есеј – но значително ја скратува и ја зачинува со лиричност, автобиографија, хумор, мемоарска проза, создавајќи еден прекрасен меланж каков што во книжевноста се среќава исклучително ретко.“

Сузан Сонтаг во предговорот кон англиското издание на Еднонасочна улица

Еднонасочна улица / Детството во Берлин.pdf

Нарачај

Боб Дилан – Тарантула

Превод од англиски јазик: Кристина Димкова страници: 172 формат:180×110 цена: 300

Овој книжевен обид несомнено има силна енергија, зборовите како да скокаат по парчињата хартија создавајќи слики, останувајќи за кратко пред нас, за потоа да бидат заменети со нови и уште посилни. Најверојатно тоа би бил и најпрецизниот опис на Тарантула, низа од слики што како вагони од некој психоделичен воз се нижат низ свеста без намера долго да се задржат, но, сепак, да остават силен впечаток дека сме доживеале ново и поинакво читачко искуство. Текстот претставува дестилат на Дилановиот занес, ексцентричност, мудрост и имагинативна енергија. Експлодира пред нас како некаков вербален пандемониум. Воодушевеноста од Бит-движењето, од слободата на изразот на Бит-генерацијата, од експериментирањето со психотропни супстанции како креативен стимуланс можеби било она што го натерало Дилан да го напише ова експериментално парче проза преплетено со поезија. Надреалистичкиот стил (наводно во тој период Дилан обожавал да го чита Рембо) под силно влијание од Џек Керуак, Алан Гинсберг и Вилијам Бароуз, изведен со Џојсовата техника „тек на свеста“, ни најмалку не е спокојна литература за обичниот читател, туку динамична јазична анархија што напати сосема ја губи смислата. Брзата испресечена синтакса го прави јазикот напнат, го нарушува нормалниот тек на мислата и создава чудни и неочекувани идеи и слики.

Тарантула.pdf

Нарачај

Федериго Тоци – Три крста

Превод од италијански јазик: Наташа Сарџоска страници: 150 формат:180×110 цена: 250

Романот Три крста во италијанската книжевност се вбројува во оние дела што го обележале значајниот пресврт на границата меѓу веризмот, натурализмот и психоаналитичките алузии на симболизмот. Со нарацијата и стилот на Федериго Тоци се занимавале критичарите Борџезе, Дебенедети, Казола, како и писателите Калвино и Моравија, додека во егзистенцијалната нитка тој наликува  на Кафка, Музил, Ман и Џојс. Иако Тоци не го познава Фројд, неговите описи на личности продорно се ткаат преку ракурсот на сиров и груб раскажувач, кој без многу книжевни инструменти го воведува читателот во тажните и тмурни реалности на човечката егзистенција.

Светот во кој живеат ликовите на овој роман не е ни ведар ни спокоен, туку е сплет од лаги, похота, среброљубие и цревоугодие, вител е на измами и илузии, и на горчливи емотивни полнежи, кои ги водат кон тешки душевни состојби, кон болест и гибел, но конечно и кон себепознание и соочување со себеси, иако трагично и неповратно. Овие ликови се беспомошни, немоќни, несмасни, вклештени, закочени, инертни, исклучени, маргинализирани и отфрлени.

Три крста.pdf

Нарачај

Теофило Брага – Фантастични раскази

Превод од португалски јазик: Наташа Сарџоска страници: 197 формат:180×110 цена: 250

Фантастични раскази е едно од првите португалски книжевни дела што ја следи фантастично-готската литература. Расказите, инаку првично објавени во Бразил, интертекстуално се инспирирани од поетиката на Едгард Алан По и од езотеричната филозофија на Сведенборг. Освен тоа, ова дело се вбројува во книжевниот стил и движење што се јавуваат во европската книжевност и како книжевна матрица ги имаат расказите на Хофман. Расказите на Брага ги прикажуваат психолошките колебања, осцилирања и распаќа на личноста, но, исто така, навлегуваат во посложените толкувања на чувствата, дури и на некои состојби на ментална деменција и опсесивни состојби на умот. Збирката раскази навлегува во френетични и екстремни страсти: самоубиства, умирања, предавства, убиства од патолошки љубомори, опсесии, средновековни мистерии, мрак, тмурни, хтонски сцени, бури и внатрешни превирања се само неколку од загадочните теми со кои се занимава овој автор. Полни со ерудитни и поетски референции, често лирични, со раскошен и симболичен поетско-прозен јазик, овие раскази се изблик на филозофските размисли на овој многустран португалски автор и најавуваат особено иновативни аспекти со воведувањето на чудното, мистериозното, мрачното, морбидното.

Фантастични раскази.pdf

Нарачај

Славомир Мрожек – Слон

Превод од полски јазик: Филип Димевски

страници: 209 формат:180×110 цена: 300

Расказите од збирката Слон ги презентираат сите карактеристики на литературната дејност на Славомир Мрожек. Критиката ги прогласила за најкарактеристични за неговото творештво: гротескно прикажани ситуации во кои е вплеткан дезориентираниот главен лик, компромитација на прогресивноста и наводната наука, апсурдноста на постапките на бирократската власт. Една од главните карактеристики на неговиот стил е и феноменалното користење на јазикот преку примената и пародирањето на разни стилови и конвенции.

Сите овие карактеристики ги прават расказите на Мрожек универзални и актуелни за сите контексти на политичкиот тоталитаризам.

Слон.pdf

Нарачај

Семјуел Бекет – Повеќе бодила од ритање

Превод од англиски јазик: Кристина Димкова

страници: 247 формат:180×110 цена: 300

Повеќе бодила од ритањe (1934) е циклус од 10 раскази кои, според првичната замисла, формираат наративна целина во која е исцртан животот на првиот Бекетов антијунак. Од раните студентски денови во Даблин, па сè до неговата смрт, прикажани се животните патешествија, средби и вљубувања на Белаква Шуа. Делово, второ во фикционалниот опус на Бекет, по многу црти ги најавува подоцнежните плодови на неговото творештво. По својата интонација тоа е трагикомично, во јазикот е исклучително богато, а стилот служи како совршен пример за книжевната интертекстуалност и интермедијалност.

Повеќе бодила од ритање.pdf

Нарачај