Ѓоко Здравески – Отсечки стварност

страници: 105 формат: 185×120 цена: 150

„Отсечките стварност“ обично се случуваат среде секојдневието, кое на прв поглед се чини банално. Но, Здравески успева да ни ги укаже пукнатините во реалноста, кои претставуваат влез во непредвидливи, можеби и опасни лавиринти. Со тон што не е врескачки, туку сталожен, со проникливост и интуитивност, со смелост да се ѕирне и во мрачните ќошиња на човековиот дух, авторот создал еден вид медитации на подвижна лента, успевајќи во невозможното – да изваја мали парчиња смисла среде сеопштата врева на современоста од која никој не е поштеден. Притоа, микроскопскиот поглед врз светот служи како алатка за проникнување во длабоките тајни на човечката егзистенција.

Но, не сите парчиња се натопени во истиот контемплативно-медитативен тон. Користејќи го хуморот, понекогаш на граница на црниот хумор, бизарноста, апсурдот, очудувањето преку врската со детството и детскиот поглед на светот, авторот создава текстови што се исто така епифанични, само што овој пат до епифанијата се доаѓа по сосема друг пат и на друг начин.

Иван Шопов

Отсечки стварност.pdf

Нарачај

Владимир Мартиновски – Зоостории

страници: 213 формат: 185×120 цена: 250

Пред нас е прозна книга составена од вкупно 77 раскази, поделени во 11 циклуси, секој изграден од по 7 прози. Зоосторија во ова дело на Мартиновски е именување на поетичка припадност кон едно универзално, наместа сосем духовно набљудување и регистрирање на сиот жив свет, оној на инсектите, на животинките, на ѕверовите, на билките, на природата, на пејзажите, на феномените, зад кои стои еден, така да се каже, спинозијански (пан)натурализам, во чие средиште, секако, стои човекот. Мартиновски умее да ги бележи и креативно да ги обработува своите суптилни и многустрани опсервации на процесот што го нарекуваме –  живот на сите нешта, пред сè на човекот меѓу нив. Поетичкиот свет на Мартиновски е лиричен, нежен, сочувствен, филантропски и филозофски. Неговиот дискурс е разнороден: во него се мешаат хаикуа и хаибуни среде или како поенти во неговиот прозен дискурс. Еднаш е раскажувачки, прозаистички екстензивен, другпат анегдотичен, третпат афористичен, често склон на стихување (римување) во проза, онака како што го влече чувството. Томислав Османли

Зоостории.pdf

Нарачај

Жил Менар – 50 раскази (избор од 10 збирки раскази)

страници: 240 формат: 185×120 цена: 250

Книгата „50 раскази (избор од 10 збирки раскази“ од Жил Менар опфаќа неколку „недовршени“ циклуси кратка прозна фикција, од кои сите, според своите стилски обележја, припаѓаат на различни жанровски парадигми (кус расказ, бајка, хаибуни итн.) и се изградени во согласност со нивните конвенции. Таквиот зафат го прави овој „циклус од циклуси“ вонредно стилски богат и новаторски. Воедно, збирката го исцртува по нагорна линија развојот на писателскиот сензибилитет на Менар, кој е еден од најбележитите припадници на македонската книжевност и кој се има силно пројавено во областа на прозната фикција.

50 раскази.pdf

Нарачај

Ѓорѓи Крстевски – Другата страна

страници: 114 формат: 185×110 цена: 200

„Другата страна“ е збирка кратки прозни форми од авторот Ѓорѓи Крстевски, создавани во текот на повеќе години. Тие се со различна големина и форма, при што секој од расказите е индивидуално дело, расказ кој гради еден свој специфичен свет што може да опстои и да егзистира самостојно. Централната точка, ѕвездата околу која гравитираат сите овие мали светови и векторот на нивното поврзување е светогледот на Ѓорѓи Крстевски. Во богатиот спектар на раскази може да препознаеме хармсовски бурлескни сцени и ликови, борхесовски сложени лавиринтни пејзажи, одеци од најмрачните шуми од бајките на браќата Грим, како и грст ликови изгубени во кафкијански свет на метаморфози, бирократски шалтери и бесчувствителен свет.

Другата страна.pdf

Нарачај

Виолета Бојковска – Барем наутро

страници: 75 формат: 185×110 цена: 150

Имагинарното, структуирано во конкретни простори и ситуации, ја обвива оваа збирка раскази на Виолета Бојковска со атмосфера слична како кај современите јапонски раскажувачи. Неочекуваното и очекуваното, надворешното и внатрешното се преплетуваат во „доживувањата“ на ликовите кои говорат во некоја определена животна рамка, но со различен јазик. Писмото на Виолета Бојковска има авторска препознатливост и засебен свет. Оваа куса, но впечатлива збирка раскази со чудна топографија (како во некои книги на Калвино) нуди читателско уживање во пишувачката умешност на авторката Бојковска, во нејзината потрага по затскриените чинови на денешното човеково однесување, кон светот, но и кон себе. Александар Прокопиев

Барем наутро.pdf

Нарачај

Очудувања #3

страници: 73 формат: 185×110 цена: 150

Во „Очудувања #3“ ви ги претставуваме:

Ѕвездан Георгиевски, Ѓоко Здравески, Тони Миленковски, Владимир Плавевски, Владимир Мартиновски, Иван Шопов, Ѓорѓи Крстевски, Ненад Јолдески, Наташа Сарџоска, Андреј Ал-Асади, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Билјана Ѓонеска.

Очудувања #3.pdf

Нарачај

Златко Ѓелески – Понор

страници: 351 формат: 185×120 цена: 300

„[…] Понор е збирка раскази, во кои авторот Ѓелески продолжува, со уште порадикална потреба, да ги истражува и да ги поместува креативните потенцијали на современиот, урбан и нему лично омилен – хорор-жанр, како и предизвиците на т.н. поетика на стравот, втемелена врз сознанијата дека стравот е основната и најискрена од човековите емоции. […]“

Елизабета Шелева

 

„Оваа книга почнав да ја пишувам со цел да ја проширам картографијата на мојот литературен свет и да ја прикажам сенката што ја пушта големиот град што ги привлекува сите жители кон своето јадро, со ветувањето за подобра иднина. Понор е град во кој, доколку еден жител одлучи да живее според туѓ терк или има намера да диктира туѓ живот, неговото тело станува транспарентно и лесно за запоседнување од неговиот двојник… Градот го третирам како жив организам што се храни од несреќата на неговите жители.“

Златко Ѓелески

Понор.pdf

Нарачај

Александар Прокопиев – Делфинот

страници: 200 формат: 185×120 цена: 300

Најновиот ракопис на Александар Прокопиев, книгата раскази „Делфинот“, претставува, пред сѐ, читателско уживање за оној што ќе влезе во неа. Леснотијата – која му прилега на еден од македонските мајстори на прозата (мајстор и по талентот и по занаетското искуство што го има зад себе) – со која се исткаени расказите просто го вшмукува читателот, го возбудува до степен што тој, така маѓепсан од неговата мајсторија, станува дел од нив. […]

[…]И токму таа игра –  тоа одење по конецот што ги дели имагинарното и стварносното – ја прави оваа книга заводлива. Читателот е постојано во недоумица и во некоја состојба на постојано „Хм…“, која го тера да излезе надвор од текстот и да отиде отаде сцената, во бекстејџот, за да види кој си игра со конците. Читањето на оваа книга е како водење љубов, постојано во некаква лебдечка меѓусостојба, ниваму-нитаму, ни сон ни јаве.

Ѓоко Здравески

Делфинот.pdf

Нарачај

Очудувања 1/2

страници: 155 формат: 185×120 цена: 250

Збирката „Очудувања“, истоимена со конкурсот преку кој ја генерира својата содржина, го свртува погледот кон современата кратка проза и прозната микрофикција на македонскиот книжевен релјеф. Првите два циклуси од збирката, вклучени во изданиево, претставуваат резултат на обидот да се создаде автономна лабораторија за развивање на оваа жанровска традиција. Во првиот циклус се вклучени текстови од дванаесет, додека во вториот – од четиринаесет автори. Некои од нив се веќе етаблирани „очудувачки“ гласови на младата македонска книжевна сцена, а други го привлекуваат вниманието кон себе со свежината и необичноста на својата творечка постапка.


101 година откако Виктор Шкловски го воведе поимот „очудување“ (остранение) во мислата за книжевноста, определувајќи го како скршнување од автоматизмот на рецепцијата на книжевниот текст преку постапка на создавање особено, необично видување на неговиот предмет. Наместо вообичаеното приближување на „значењето“ до сознанието на читателот, поетиката на очудувањето повикува предметот што уметникот го промислува да се претстави небаре првпат виден. Се работи за раскин со култот на авторската приземност заради освежување на уметничкиот текст. Определбата на поимот е дескриптивна и не ја заклучува постапката во фиксни рамки: на располагање е неограничен спектар наративни зафати преку кои може да се постигне очудување. Цело столетие од освестувањето (ословувањето) на раскажувачкото очудување, го свртуваме погледот кон она што денес на македонската книжевна сцена може да го понесе тој епитет.

Андреј Јованчевски

 

Очудувања 1/2.pdf

Нарачај

Сања Михајловиќ-Костадиновска – (Бес)конечни модели на расказот

страници: 136 формат:185×120 цена:250

„(…) (Бес)конечни модели на расказот содржи 80-ина куси раскази поделени во неколку циклуси и тоа: почетнички раскази, иритирачки, деликатесни, ситни, патувачки, вселенски, функционални, опасни, раскази за засолнување, среќни, несреќни, раскази со среќен почеток, а тажен крај и минијатурни раскази за пополнување страници. Веќе самите наслови укажуваат на креативноста и инвентивноста, оригиналноста и игривоста на нивната авторка. Имено, во средиштето на оваа книга се тринаесетина (според бројот на циклуси) модели на раскази, варијанти на пишување куси куси раскази; тоа се раскази за расказот, еден вид луцидни упатства и сугестии за тоа како се пишуваат раскази и какви сѐ облици и модели на краток расказ можат да постојат, како и кои се нивните парадигматични обележја. Фасцинира, притоа, богатството на аналогии и асоцијации на творечкиот чин со најобични, дури и банални ситуации и објективни предмети од непосредната реалност.“

„(…) Ефектни, енергични и динамични, минијатурите на Михајловиќ-Костадиновска се одликуваат со една згусната форма, нагласена сликовитост и висок степен на култура на изразот. Истите нудат мошне впечатливи, интересни и возбудливи коментари за видовите нарација кои, несомнено, ќе ја разиграат читателската фантазија и ќе понудат неповторливо читателско искуство. Авторката вешто си поигрува со поривот за раскажување/нарација на еден мошне инвентивен и оригинален начин.“

Лидија Капушевска-Дракулевска

(Бес)конечни модели на расказот.pdf

Нарачај