Астални проекции

страници 202; формат 205 x 205; цена 400 ден.

„Астални Проекции“ – поетскиот маратон кој четириесет месеци им даваше посебен „шмек“ на скопските вечери и ноќи – на астал.

Скопскиот „пијан брод“ што го кормилареа Ана Голејшка и Ѓоко Здравески секој прв вторник во месецот се прибираше во својот пристан, чаршиската „Менада“, за да прими нови патници, а оттаму пловеше без котва и сѐ уште се снове по нашите мисли и животи. На неговата палуба запознавме стотици поети и поетеси од нашето маало и од светот. Екипажот ни го пренесува во книгава курсот на патешествието, за да го фатат и оние што задоцниле, а на другите да не им избега од вид.
Втората, исклучително драга книга во монографската едиција „Плочка“ го документира – со стихови и слики – едно од нашите најубави градски искуства.
„Кај и да е, кај и да е…“

Астални проекции.pdf

Васко Марковски – Урбани легенди

страници 232; формат 205 x 205; цена 400 ден.

Книгата „Урбани легенди“ од Васко Марковски по многу свои нешта е вредно и необично остварување во доменот на нашата хроничарска литература. Ваквиот вид хроничарски записи не се многу чести кај нас. Тој факт зборува дека самиот овој жанр е доста комплексен и специфичен. Затоа, потребен е особен пристап, истражувања и пишувачка дарба. Потребно е суптилно прелевање на сите овие аспекти едни во други за да може да се дојде до саканиот резултат, а тоа значи пластично да се наслика едно време, неговата специфика, случувањата и личностите. Без оглед дали станува збор за музиката, некој друг вид на уметноста, спортот, или секојдневното урбано живеење.

Во своите истражувања авторот користи еден метод кој е неопходен за ваквиот вид пишување: максимално ги користи сопствените сеќавања и личното сведоштво за настаните и личностите кои се предмет на неговиот интерес. Но потешкиот дел на овој вид ангажман се трагањата по настаните кои дамна се случиле, како и напорот да се откријат личностите кои судбината ги одвела по други патишта, а чии сведоштва се клучни за приказната. До таквите личности и настани понекогаш се доаѓа случајно, но главно преку долготрајни и исцрпни истражувања, како што тоа е направено во „Урбаните легенди“.

Данило Коцевски

Урбани легенди.pdf