Кон ракописот „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски

Кон ракописот „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски

 

В

о најновиот ракопис кој го носи насловот „Базирано врз речиси вистинити настани (Првите реченици од романите што никогаш нема да ги напишам)“, македонскиот писател Ѕвездан Георгиевски ги истражува границите на романот како жанр на еден навидум парадоксален начин – однапред откажувајќи се од можноста да напише, односно да заврши еден роман. Ракописот е составен од шеснаесет почетоци, своевидни скици или идеи за роман, кои меѓубно се поврзани само со тоа што се наоѓаат во истиот бележник за идеи на авторот. Цитатот од Борхес на почетокот на книгата искористен како мото, може да функционира како своевиден патоказ и толкувачки ориентир за читателот, иако не ги исцрпува сите агли од кои може да се чита испрекршената проза на Георгиевски: „Сеќавањето на човекот не е збир; тоа е неред од неодреден број можности“. Авторот, на прв поглед, се задоволува само со каталогизација на наративните потенцијали, без да чувствува обврска да ги систематизира и да воведе ригиден ред во хаосот. Но, повнимателното читање ни покажува дека токму наводната ослободеност од обврската да се доведат приказните до крај доведува до необична, шармантна, непретенциозна и заводлива лежерност во раскажувачкиот тон. Георгиевски успева умешно да ја скроти лудата железница од наративи и микронаративи, доведувајќи го принципот „раскажување заради раскажување“ на ниво на стратегија за опстанок во прозата. Авторот ни дава увид во својата писателска работилница, добиваме своевиден пренос во живо од неговиот писателски work in progress: пред нас се изложени авторовите дилеми, амбиции, стравови, па и неуспеси… Тој ги претставува, ги сецира, а некогаш дури и ги изложува на потсмев своите идеи за романи што никогаш не се реализирани до крај. Радоста со која се раскажува за „неуспешното“ раскажување, како резултат донесува брилијанти прозни фрагменти. Без разлика дали ќе ги наречеме скици, раскази, поглавја или почетоци од романи, во хаосот од идејни концепти, тие функционираат и независно, но и како целина. Хуморот и автоиронијата се неизоставен дел на стилот и наративната стратегија, и често провејуваат низ текстот: „Кога во главата немам чиста ситуација, тогаш сѐ ќе заврши на некоја скица, а немам некоја особена волја да пишувам скици“, се вели во една од – скиците! Ѕвездан Георгиевски како да го радикализира идеалот на Итало Калвино од култниот роман „Ако една зимска ноќ некој патник…“: тој не сака да пишува за „незавршеното“ во литературата, зашто тука станува збор за „завршено со помош на прекин“, за „завршено со скриен и нејасен крај, бидејќи живееме во свет со започнати и незавршени приказни“.

Иван Шопов

 

Број на страници: 150

Едиција: Наше маало| Формат: 185×120

Извадок од книгата

Нарачај дома

Ѕвездан Георгиевски (1961)

Ѕвездан Георгиевски е роден 1961 година во Јесенице, Република Словенија. Работел како новинар во повеќе редакции: „Нова Македонија“, „Пулс“, „Утрински весник“, „Глобус“. Еден е од основачите на „Канал 4“, првото приватно радио во Македонија. Основач е на наградата „Роман на годината“ што своевремено ја доделуваше „Утрински весник“, а сега ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Ги објавил книгите: „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ (роман, „Темплум“, 2016, второ издание „Темплум“, 2018), „Урбани топоними“ (есеи, „Темплум“ 2018), „Да не бидам покусо“ (раскази, „Просветно дело“, 2018) и „Плачеш како кит“ (Бегемот, 2023). Преведува од англиски и од јазиците на некогашните југословенски републики. Досега превел десетина книги. Уредил повеќе зборници, алманаси и списанија. Во моментот работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Препорачај ја книгата