Хорхе Луис Борхес - За „Книга од соништа“

Хорхе Луис Борхес - За „Книга од соништа“

В

о еден есеј објавен во Спектејтор (септември 1712 г.), поместен во оваа кни­га, Џозеф Адисон забележува дека човечката душа, кога сонува одвоена од телото, тоа истовремено претставува театар, глумци на сце­ната и публика. Би можеле да додадеме дека е воедно и авторот на дејството што се гледа. Има аналогни места кај Петрониј и дон Луис де Гонгора. Буквалното читање на метафората на Ади­­­сон би можело да наведе на една опасно при­влечна претпоставка дека соништата се нај­стариот и не помалку сложен книжевен вид. Оваа интересна претпоставка, со која лесно би се согласиле за потребите на овој пред­говор, како и за читањето на текстот, би мо­жела да го оправда составувањето на една општа историја на соништата и на нивното вли­јание врз книжевноста. Оваа разнородна збир­­ка, составена заради разонода на љубопитниот читател, ќе понуди само дел од тој материјал. А целта на таа хипотетичка историја би била да ги истражи еволуцијата и разгранувањето на подвидови на тој древен жанр, од пророчките соништа на Истокот до алегоричните и сатиричните соништа во Средниот век, па сè до подигрувањата на Карол и на Франц Кафка. Би биле издвоени, секако, соништата измислени од сонот и ­соништата измислени од јавето. Оваа книга од соништа што ­читателите ќе можат повторно да ги отсонуваат, ги вклу­чува ноќните соништа – како, на ­пример, тие што ги потпишувам јас – дневните сониш­та, како доброволна активност на нашиот ум, и други соништа од непознато потекло, како да речеме, англосаксонскиот Сон за крс­тот. Шестата книга од Ајнеида ја следи традицијата на Одисеја и во неа се вели дека има две божествени врати преку кои соништата доаѓаат до нас: едната е од слонова коска, низ која доаѓаат лажливите соништа, а и другата, направена од животински рог, низ која до­аѓаат пророчките соништа. Со оглед на из­бра­ни­те материјали, би можело да се каже дека по­етот почувствувал на еден опскурен начин дека соништата што ја предвидуваат иднината се помалку вредни од лажливите, дека се спонтан изум на човекот што спие. Особено внимание заслужува еден конкретен вид соништа. А тука мислам на кошмарите, што на англиски се нарекуваат nightmare или ноќна кобила, збор според кој Виктор Иго ја сковал метафората cheval noir de la nuit, иако според етимолозите попрво одговара на ноќна измислица или приказна. Германскиот ек­вивалент alp, алудира на елф или на инкуб што го измачува сонувачот и му предизвикува ужасни слики. Грчкиот термин ephialtes, доаѓа од аналогно суеверие. Колриџ напишал дека сликите од јавето будат чувства, додека на сон чувствата будат слики. (Какво ли мистериозно и комплексно чувство, плод на некаков сон, се родило за Кублај Кан?) Ако во собава влезе тигар, ќе почувствуваме страв; ако почувствуваме страв во сонот, ќе создадеме тигар. Ова би била причината зошто нашето чувство за тревога има визионерска природа. Го зедов тигарот како пример, но бидејќи стравот ѝ претходи на провизорната појава, за да го разбереме, ние можеме да го проектираме на каков било друг облик, што на јаве не мора нужно да е страшен. Мермерна биста, подрум, другата страна на паричката, огледало. Нема нешто во универзумот што не може да прерасне во ужас. Оттаму, можеби, произлегува необичната нота во кошмарот, сосема различна од ужасот и од ужасите што може да ни ги приреди јавето. Германските народи се чини дека биле почувствителни од романските на злото што притаено демне; да се потсетиме на непреводливите зборови: eery, weird, uncanny, un­heimlich. Секој јазик го произведува тоа што му е потребно. Уметноста на ноќта полека ­навлегувала во уметноста на денот. Инвазијата трае со векови; царството на болката во ­Божествената комедија не е некаков кошмар поради ­потис­нат немир, освен можеби во Четвртото пеење; тоа е место каде што се случуваат ­свирепи нешта. Поуката од ноќта не е лесна. Сониш­тата во Светото писмо не се во стилот на некаков сон; тоа се пророштва што на прилично кохерентен начин го движат механизмот на метафорите. Соништата на Кеведо се чинат како дело на човек што никогаш не сонувал, како Кимеријците што ги споменува Плиниј. Потоа ќе дојдат другите. Влијанието на денот и на ноќта ќе биде реципрочно; Бекфорд и Де Квинси, Хенри Џејмс и По, влечат корени од кошмарот и умеат да внесат немир во нашите ноќи. Не е неверојатно митологиите и религиите да имаа аналогно потекло. На крајот, би сакал да остане забележана мојата благодарност кон Рој Бартоломеу и неговата научна пожртвуваност, без која составувањето на оваа книга не ќе беше можно.

Х.Л.Б. Буенос Аирес, 27 октомври 1975

 

Превод од шпански јазик: Сања Михајловиќ-Костадиновска

Број на страници: 287

Едиција: Арс Магна| Формат: 180 x 110 мек повез

Извадок од книгата

 

Нарачај дома

Хорхе Луис Борхес (1899–1986)

Хорхе Луис Борхес (1899 –1986) – аргентински писател, поет и есеист, еден од најкарактеристичните писатели во светската литература од XX век. Објавувал есеи, раскази и поезија. Неговите дела, толку многу важни за литературата и за хуманистичката мисла, станале објект на проникливи анализи и многубројни интерпретации. Борхес се смета за еден од главните претставници на магичниот реализам и на филозофската мисла во латиноамериканската литература. Речиси 30 години бил номиниран за Нобеловата награда во областа на литературата, но никогаш не ја добил. За негови најпознати дела се сметаат: АлефФикцииКнига од песокИзвештајот на Броди, Универзална историја на нечесноста и др.

Препорачај ја книгата