Светлана Алексиевич – Последните сведоци

Светлана Алексиевич – Последните сведоци

К

нигата „Последните сведоци“ е, како што авторката вели во поднасловот, збирка од сто недетски раскази. Сто исповеди на детски искуства од еден настан што се чини најдалечен на претставата за детството. Сепак, децата не биле поштедени од ужасот и болката на Втората светска војна. Од расказите на сто возрасни луѓе од Советскиот Сојуз, кои тогаш имале меѓу 2 и 15 години, изграден е мозаичен приказ на војната, кој отстапува од стерилниот наратив на официјалната историографија. Овде, индивидуалните нијанси не се изоставени, туку сите гласови ја осветлуваат војната од свој агол. Сите раскази се интонирани различно, импрегнирани со личното минато на раскажувач(к)ите, проникнати со спомени за најтенките сетилни дразби и дребности што само децата можат да ги понесат како сеќавање од еден толку колосален настан. Стравот, засилен со неверојатната способност за чудење на децата, исплодува бесценето чисти слики на реалноста. „Првата година во евакуација не ја забележувавме природата. Сè што доаѓаше од природата ни будеше само една желба – да го пробаме: се јаде ли? Дури една година подоцна ја забележав убавината на уралската природа. Дивите елки, високите треви, цели шуми со диви цреши. Какви се таму зајдисонцата! Почнав да цртам. Немаше бои, цртав со молив. Цртав разгледници, им ги испраќавме на нашите родители во Ленинград. Најмногу од сè, сакав да цртам диви цреши…“

Превод од руски јазик: Андреј Јованчевски

Број на страници: 238

Едиција: На пат | Формат: 200×130

Извадок од книгата

Нарачај дома

Светлана Алексиевич (1948)

Светлана Алексиевич е белоруска писателка-новинарка, која во својата петтомна епопеја за последните 100 години од советско-руската историја ги има документирано искуствата на стотици луѓе со различен статус и опит во советскиот и постсоветскиот свет, во вид на орална историја. „Гласови на утопијата“, како што самата ја нарекува оваа епопеја, ги опфаќа делата: „Војната нема женско лице“, „Последните сведоци“, „Цинковите момчиња“, „Чернобилска молитва“ и „Времето secondhand“. Во нив, таа ги преиспитува границите на историографијата и литературата, создавајќи текст што е несовпадлив со востановените жанровски канони, а сепак со својата моќност ги пробива границите на убавото писмо и ја потврдува релевантноста на својата содржина како историски документ. За нејзиниот полифоничен дискурс, споменик на страдањата и смелоста на нашето време, Кралската шведска академија на науките ѝ ја додели Нобеловата награда за литература во 2015 година.

Препорачај ја книгата