Светлана Алексиевич - записничар на човечките емоции

„Долго барав жанр кој би одговарал на мојата визија за светот, кој би пренел како го гледаат моите очи и уши…. Испробував различни нешта и најпосле го избрав жанрот на човечките гласови… Јас своите книги ги согледувам и ислушувам на улиците. Зад прозорецот. Во нив вистински луѓе раскажуваат за главните собитија на своето време – војната, падот на социјалистичката империја, Чернобил… сите тие заедно во зборот ја оставаат историјата на земјата, општата историја, старата и најновата, а сепак секој ја раскажува и историјата на својата малечка човечка судбина.

Денес, кога светот и човекот станаа толку многулики и разнообразни (уметноста сè почесто ја признава својата немоќност), и документот во уметноста станува сè поинтересен, без него веќе е невозможно да се замисли целосна слика за нашиот свет. Документот нè приближува кон стварноста, ги зафаќа и зачувува оригиналите на минатото и слученото. По 20 години работа со документарен материјал, по пет напишани книги, цело време се убедувам и си повторувам дека уметноста не успева да открие многу нешта во човекот, да се досети, и она што останува неоткриено од неа исчезнува без трага.

Но јас не ја запишувам сувата, гола историја на фактите, туку историјата на чувствата. Тоа може уште да се нарече – пропуштена историја. Што мислел, разбирал и помнел човекот во времето на собитијата? Во што верувал или не верувал, какви илузии, надежи, стравови искусувал? Што сфатил за себе и за светот… Тоа е она што е невозможно да се вообрази, да се измисли при толкава количина веродостојни детали и подробности. Брзо забораваме какви сме биле пред десет, дваесет или педесет години. Понекогаш се срамиме или, пак, самите не веруваме во она што ни се случило. Уметноста може да излаже, но документот не лаже… Иако и документот е нечија волја и страст.

Но јас ги составувам своите книги од илјадници гласови, судбини, фрагменти од нашиот живот и битие. Секоја своја книга ја пишувам од четири до седум години, се среќавам и ги запишувам разговорите со 500-700 луѓе. Мојата хроника опфаќа десетици поколенија. Таа започнува со расказите на луѓето кои ја помнат револуцијата, ја поминале војната, сталинските логори и завршува со нашите денови – речиси 100 години. Историја на душата – руската душа. Или поточно, руско-советската душа. Историја на големата и страшна Утопија – комунизмот, чија идеја не умре и не завршува во Русија, туку во целиот свет. Таа уште долго ѓаволски ќе ги искушува и мами човечките умови. А јас сакав да ги запишам расказите на нејзините сведоци и учесници.“

 

Светлана Алексиевич (р. 1948) е белоруска писателка-новинарка која во својата петтомна епопеја за последните 100 години од советско-руската историја ги има документирано искуствата на стотици луѓе со различен статус и опит во советскиот и постсоветскиот свет, во вид на орална историја. „Гласови на утопијата“, како што самата ја нарекува оваа епопеја, ги опфаќа делата: „Војната нема женско лице“, „Последните сведоци“, „Оловните момчиња“, „Чернобилската молитва“ и „Времето secondhand“. Во нив таа ги преиспитува границите на историографијата и литературата, создавајќи текст кој е несовпадлив со востановените жанровски канони, а сепак со својата моќност ги пробива границите на убавото писмо и ја потврдува релевантноста на својата содржина како историски документ. За нејзиниот полифоничен дискурс, споменик на страдањата и смелоста на нашето време, Кралската шведска академија на науките ѝ ја додели Нобеловата награда за литература во 2015 година.