Патрик Девит - Интервју

Добриот, лошиот и невротичниот

Интервју со Патрик Девит по излегувањето на „Браќата Систер“

Чепкајќи по отфрлени драгоцености на пазар за старудии, Патрик Девит наишол на The Forty-Niners, книга со кожни корици нагризени од времето, во издание на Time Life во едиција Old West – предмет кој, впрочем, може да се најде само на пазари за старудии. Се работи за приказна за мажите, жените и децата кои, во средината на 19 век, отпатувале во Калифорнија во потрага по богатство. Иако стилот на пишување не бил ништо посебно, одредени слики му паднале в очи на Девит: дагеротипи на стари рудари и белобради трагачи по злато, бродови во пристаништето на Сан Франциско напуштени од екипажот кој кинисал да се збогати и други слични сцени од златната треска. Книгата чинела 25 центи. Ја купил.

Во тоа време, Девит само што започнувал да работи на својот втор роман. Неколку години пред тоа, тој во својата тетратка запишал: „чувствителен каубој“ – идеја која предизвикала фиктивен разговор помеѓу двајца раскарани одметници, но ништо повеќе од тоа. Кога дошло време да го започне новиот роман, Девит ја пронашол скицираната сцена и одлучил дека овие каубои ги чека уште карање. Откривањето на The Forty-Niners се случило во вистинскиот момент – пронашол конкретен период во американската историја во кој може да го смести дејството во романот. Ја „искасапил“ книгата, закачувајќи ги сликите од неа на табла над своето биро и почнал да пишува. За неколку месеци, двајцата каубои оживеале, отпрвин станувајќи браќа, а најнакрај „Браќата Систер“, името на неговиот роман.

Каубојот е еден од најстабилните архетипи во американската поп култура; зборот истовремено асоцира на разбојници како Били Кид или Џеси Џејмс и актери како Џон Вејн или Клинт Иствуд, романи како „Осамениот гулаб“ (Lonesome Dove) или „Вистинска храброст“ (Тrue Grit) и филмови како „Богатството на Сиера Мадре“ (The Treasure of the Sierra Madre) или „Добриот, лошиот и грдиот“ (The Good, the Bad, and the Ugly). „Браќата Систер“, пак, го испревртува стереотипниот каубој.

Романот раскажува за Илaj и Чарли Систер, двајца каубои на неодредена возраст, кои истовремено се и платени убијци. Покрај тоа, тие се и луѓе со проблеми: Чарли, шармантен психопат способен да одземе живот додека мавнеш чашка бренди, е пијаница; Илaj, раскажувачот во овој исклучителен роман, е каубој како никој друг. „Не сум ништо одредено,“ вели тој во еден момент во приказната, и тоа е точно: тој е несреќно вљубен будала, невротичен каубој со комплекс за својата телесна тежина, убиец неодлучен во врска со убивањето и, најмногу од сè, мил – иако контрадикторен – човек.

„Сакав да го подријам типичниот херој на вестерн романот, а неврозата е навистина запоставена тема во вестерн жанрот – речиси и да не постои,“ вели Девит по телефон од својот дом во Портланд, Оре. (Тој цело време патува помеѓу Канада и САД  од своето раѓање на островот Ванкувер пред 36 години.) „Секој за себе знае кој е и не се сомнева во себеси – освен ако не е кукавица.“

Тој поткопува и други аспекти на вестернот, жанр со многу конкретна иконографија и традиција: двобојот, човекот во црно, осамениот убиец. За Девит, кршењето на овие клишеа било дел од шармот.

„Уживав во тоа да доведам до нешто што е некако познато и веќе целосно оформено, како позадина… и потоа да го пополнам како што ќе посакам,“ вели тој. „Приоѓањето кон нешто што толку често досега било третирано претставуваше некаков предизвик, но истовремено беше и пријатно на некој начин.“ Според тоа, романот вклучува двобој и завршна пресметка помеѓу херој и негативец. „Колку што уживав да додавам нетрадиционални нешта, толку уживав и во адресирањето нешта кои се дел од традицијата, обидувајќи се потоа да ги направам поинакви на некој начин.“

Фактот дека токму вестерн роман предизвикува толкаво внимание не е изненадувачки; жанрот неодамна изникна, релативно негибнат, од период на непопуларност. Деведесеттите беа лош период – не сметајќи го оскарот за најдобар филм кој го доби „Непростено“ (Unforgiven) во 1993 – со ронки како „Доктор Квин, лекарката“ (Dr. Quinn, Medicine Woman) и „Авантурите на Бриско Каунти Џуниор“ (The Adventures of Brisco County Jr.) – дај боже никогаш повеќе да не се сетиме на него – кои ги загадуваа телевизиските екрани во Северна Америка. Всушност, самиот Девит не е фан на жанрот: „Искрено речено, тешко дека сум прочитал неколку вестерни,“ се смее. „Не ми се баш по вкус,“ иако признава дека се им восхитува на „шпагети“ вестерните и филмовите на Сем Пекинпа (Sam Peckinpah).

Кога започнал со пишување на „Браќата Систер“, Девит запрашал неколкумина пријатели во издавачката индустрија дали пишувањето вестерн е паметна одлука: „Добив консензуален одговор дека е тешко, дека можеби и не е толку добра идеја.“ За негова среќа, хоризонтите се променети. Оваа каубојска ренесанса веројатно започна со успешниот меѓу критичарите „Дедвуд“ (Deadwood), кој се прикажуваше на HBO од 2004 до 2006 и продолжи со филмови како „Вистинска храброст“ (Тrue Grit) и „Добриот, лошиот и грдиот“ (The Good, the Bad, and the Ugly), како и обновениот интерес за делото на писатели како Кормак Мекарти (Cormac McCarthy). „Слушнав дека Квентин Тарантино сега работи на вестерн. Не знам зошто се случува тоа, но ме радува тоа што се случува,“ вели Девит. За романот веќе има интерес од продукциската куќа на Џон Рајли (John C. Reilly) – кој одлично би ја одиграл улогата на Илај – иако Девит сè уште не открива ништо за потенцијален филм. Она што тој може да го открие е дека неговиот следен роман веројатно нема да биде уште еден вестерн и ветува дека нема да има повеќе коњи во неволја, како незаборавниот коњ на Илај, Корито. „Во мојата прва книга (Ablutions, 2009) се појавува коњ кој добива бокс во муцката. Луѓето ме прашуваат каков проблем имам со коњите. Не знам.“

Има една сцена, две третини од почетокот на книгата, каде што браќата среќаваат трагач по злато кој изгубил допир со реалноста; мисли дека прашината која ја вари е, всушност, кафе. Чарли ја осудува осаменоста како причина за лудилото на човекот. Го запрашав Девит дали писателите, кои често минуваат години осамени, работејќи на своите дела, се под закана на слични маки.

„Па да, мислам дека е ужасно нездраво да се троши толку време сам со себе,“ вели тој, смеејќи се. „Денес е првиот сончев ден во осум месеци, а јас седам во мојата канцеларија цел ден. Навистина нема смисла.“

Интервју на Марк Медли, објавено во National Post на 27 мај 2011

 

Романот „Браќата Систер“ е последното издание на Бегемот, веќе достапно во книжарниците.