Иван Шопов разговара со Васко Марковски

Неодамна во рамки на фестивалот ArtArea 2 беше промовирана книгата „Урбани легенди“ од Васко Марковски, која Бегемот ја објави во едицијата Плочка. Книгата содржи педесетина текстови првично објавени во неделникот Форум во периодот 2010-2011 година. Со авторот разговаравме за почетоците на циклусот текстови, поривот за собирање необични градски приказни, начинот на откривање нови градови, односот кон некогашно и сегашно Скопје…


Кажи ни нешто за корените на твојот интерес за урбаната митологија. До каде досегаат корените на овој циклус текстови и што претходеше на создавањето на книгава?

Интересот за уникатните нешта околу нас веројатно се буди кај сите нас уште во најраното детство, кога се формираме како личности, обликувани од маалскиот живот. Кај да е, маалото ќе ни стане тесен и изџвакан простор, па почнуваме со првите пустоловини, откривајќи ги физиономиите и границите на безбедното движење низ соседните маала. Набргу, ќе почнеме да ги стекнуваме првите познанства и пријателства во дотогаш непозната средина, па со првите дружби ќе треба да извадиме кој што носи со себе како нематеријален багаж, што од желба за споделување на радостите, што – како капитал за градење на своите позиции во средината во која треба да се претставиме како интересни ликови, со уникатни квалитети и духовен капитал. Веројатно и кај мене љубопитноста за урбаната митологија почнала да се буди тогаш. И како што нашиот свет станува поголем, така се зголемува и територијата на нашата љубопитност.

Во текстовите од „Урбани легенди“ главно се фокусираш на малите приказни, оние што нема да се најдат во учебниците по историја. Чувствуваш ли некаква, условно кажано, должност да се бориш против минливоста и да спасиш од заборав одредени луѓе, места, феномени?

Ми се чини дека влегувањето во „месијански“ филм — дека мораш нешто да спасиш или дека токму ти си тој што би требало нешто да спаси — ако не е од почетокот, тогаш набргу ќе стане лош пријател, кој знае да те фрли во претенциозност или во несамокритичност. Експериментирајќи низ разни форми на споделување на своите радости со луѓето околу мене, сфаќам дека креативниот процес е најпродуктивен кога е растоварен од мислата што ќе биде со делото што се создава откако ќе се создаде. Колку побргу ѝ пуштиме пат во нашите срца на пораката дека треба да бидеме како децата, толку побргу ќе бидеме радосни од самиот чин на креирање и креативно споделување на нашите радости. Не постои поголема радост од мигот кога ќе се видиш себеси како заиграно дете. Луѓето, местата и феномените од нашето опкружување се, на некој начин, податлив драгоцен материјал преку кој ќе можеме да си поприкажеме, со нашите современици и сограѓани, на јазик што ни е заеднички, за убавите лица на човештината, денес заџбунети од вревата на алчноста, себецентричноста и непродуктивноста.

Видлива е твојата страст за откривање градови. Дали откривањето на градовите повеќе значи да се откриваат луѓе, а не простори?

Некако ми се неразделни. Две лица на една целина. Просторот, особено во градовите, речиси во целост е обликуван од луѓето. Но, и просторот ги обликува луѓето – да ја споменеме повторно себеидентификацијата. Од кој агол и да трнеш, откривањето ќе биде возбудливо. Некогаш можеме да бираме, па да одбереме од кој крај на приказната ќе тргнеме, некогаш, пак, како што ќе ни се погоди к’сметот. Некогаш разговор на маса со неколкумина од еден град ќе ти раскаже многу за градот, некогаш, пак, прошетка во црна темница или по жештини од +40 степени ќе ти раскажат многу за луѓето и за градот што го создале: зошто баш таков, зошто е таков биоритамот на денот, зошто коритото на реката е пренасочено и што сè е способен да направи нивниот заеднички дух.

Работиш и како туристички водич. Значи, неизбежно е да ги раскажуваш и „големите“ приказни, веројатно и по некое општо место. Како држиш рамнотежа помеѓу големите и малите наративи, помеѓу историските приказни и урбаните легенди?

Ја сакам работата како туристички водич и решив најголемиот дел од моите професионални ангажмани да го посветам на тоа, кога сфатив дека е тоа дејност во која можам да си играм со сите форми на креативност со кои четири, речиси пет децении се занимавам. Секое излегување низ градот може да биде приказна за себе. Постои стандардна програма, низ која го вденуваш конецот на прошетката, но секогаш има простор за непредвидени радости што ќе ти се појават на патот. Секоја група посетители е приказна за себе: луѓе дојдени од разни краишта на светот, секој со свои специфични интереси, секој со свој табиет. Градот е поинаков кога го раскажуваш на македонски, поинаков на турски, поинаков на англиски. Некогаш на прошетката ќе се придружат уличните кучиња, со кои веќе добро се познавате, некогаш случајно ќе сретнете стар познајник, кој не сте го виделе одамна, кој на некој начин е интересна приказна токму спроти интересите на човекот во килт, тргнат со стар автомобил од Шкотска накај Јужна Африка. Понекогаш е како во училница, кога учителот треба да најде начин да го одржи вниманието и на расеаниот ученик, интервенирајќи токму со неговите интереси, кои веќе ги насетил. Балансот е дресингот на салатата, која ти е позната, а токму тука ти е посебно убава.

Со оглед на тоа дека текстовите првично се објавувани во неделник, дали очекуваше тие да го надминат „рокот на траење“ карактеристичен за новинските текстови?

Ќе бидам неискрен ако речам не. Да. Бев свесен дека си имам работа со приказни што допираат многу луѓе и цели генерации и токму тоа, не ретко, го правеше предизвикот до последните атоми сила исцрпувачки: како да ја поставиш приказната, како да ја додржиш концентрацијата да останеш докрај фер и непристрасен, како да го управуваш драмскиот набој за да го одржиш вниманието до крајот на приказната, честејќи ги низ наративот читателите со неочекувани возбудливи изненадувања. Од другата страна, притисокот од редакцијата, каде што се очекува процесот да тече глатко како на фабричка лента, каде што четивото од страниците на рубриките „Култура“ и „Живот“ се очекува што побргу да биде „проплескано“, за да има доволно време за работа со „посериозните“ рубрики. Огромна благодарност на колегите за трпението!

Во „Урбани легенди“ претежно се застапени приказни од Скопје, иако ова не е чисто скопска книга – во неа има приказни од Битола, Велес, Охрид, Струга… Колку денешното Скопје те провоцира да продолжиш со слични хроничарски потфати?

Некогаш му бевме поголеми пријатели на градот и бевме посочувствителни едни кон други. Да ни беше сопружник, до сега можеби и ќе нѐ имаше напуштено. Како што ми белее брадата се обидувам колку што е можно повеќе да ја додржам концентрацијата да не им наоѓам кусури на луѓето околу мене и што повеќе да се плескам по уста кога ќе се фатам дека го правам токму тоа. Така и со градот. На чисто сум дека треба да живееме во мир — јас со него и тој со мене — и да си помагаме, без да гледаме ред и да си фаќаме кусури. Фраер е тој што ќе даде повеќе, безусловно и без предумисла. Би сакал да носам маица со дедото „Авраам“ од The Simpsons, како вели „Го мразам овој век!“, но, и денешно Скопје има убави работи. Наш е изборот што ќе видиме — дали ќе бидеме муви или пчели, како што вели Св. Пајсиј Светогорецот.

За крај, една молба – дали би можел накратко да ја раскажеш последната интересна урбана приказна која си ја открил?

Ми се чини дека, дефинитивно, тоа е Кирил, еден прекрасен уличен свирач, кој низ годиниве свири на потегот од ќошето кај некогашна Коцка до скулптурата со питачот на улица „Македонија“. Свири на една намачена акустична гитара, можеби намачени му се и прстите свирејќи на неа, но репертоарот!? О, репертоарот! Во само една секвенца слушање ќе ви се открие многудецениско студиозно, монашки посветено истражување на репертоарот на Бах, Хендл, Скарлати.. родени една година пред Пиколомини да го запали Скопје. Каков блесок во очите може да разбуди само едно, прецизно, прашање за градењето на прстометот, додека го свири Бах, Bourrée во Е мол! Ај, после, ако можеш, не го сакај Скопје!?


Интервјуто со Васко Марковски го водеше Иван Шопов.

Книгата „Урбани легенди“ од Васко Марковски е наше издание во монографската едиција Плочка и е достапно за продажба. Книгата беше претставена пред книжевната публика на 27 јануари, во рамките на второто издание на фестивалот ArtArea / Артерија. Претставувањето го водеа Иван Шопов и Александра Јуруковска, како промотори и соговорници на авторот.

V_Markovski_2 V_Markovski_3 V_Markovski_4 Урбани_легенди_1 Урбани_легенди_2