Второ издание на „Урбани легенди“ од Васко Марковски

Второ издание на „Урбани легенди“ од Васко Марковски

К

нигата „Урбани легенди“ од Васко Марковски по многу свои нешта е вредно и необично остварување во доменот на нашата хроничарска литература. Ваквиот вид хроничарски записи не се многу чести кај нас. Тој факт зборува дека самиот овој жанр е доста комплексен и специфичен. Затоа, потребен е особен пристап, истражувања и пишувачка дарба. Потребно е суптилно прелевање на сите овие аспекти едни во други за да може да се дојде до саканиот резултат, а тоа значи пластично да се наслика едно време, неговата специфика, случувањата и личностите. Без оглед дали станува збор за музиката, некој друг вид на уметноста, спортот, или секојдневното урбано живеење. Во своите истражувања авторот користи еден метод кој е неопходен за ваквиот вид пишување: максимално ги користи сопствените сеќавања и личното сведоштво за настаните и личностите кои се предмет на неговиот интерес. Но потешкиот дел на овој вид ангажман се трагањата по настаните кои дамна се случиле, како и напорот да се откријат личностите кои судбината ги одвела по други патишта, а чии сведоштва се клучни за приказната. До таквите личности и настани понекогаш се доаѓа случајно, но главно преку долготрајни и исцрпни истражувања, како што тоа е направено во „Урбаните легенди“.

Данило Коцевски

Број на страници: 323

Едиција: Плочка | Формат: 205 x 205 мек повез

Извадок од книгата

Нарачај дома

Васко Марковски (1973)

Васко Марковски е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Завршил студии по турски јазик и книжевност со чешки јазик и книжевност. Дваесетина години работел како новинар, патеписец и уредник во петнаесетина медиуми (радио, печатени и мултимедија). Се специјализирал во патеписното новинарство и документаристички серијали. Во периодот 2008–2011 бил главен уредник на месечникот „Free Time Guide – Macedonia“, каде што за неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година. Соработува со неколку консултантски куќи и маркетинг агенции, а од 2018 целосно се посветил на професијата туристички водич. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“ (2013), на монографијата „Урбани легенди“ (Бегемот, 2018), збирката репортажи „Непозната Македонија“ (Бегемот, 2020) и збирката поезија „Скопски улици“ (Бегемот, 2022). Застапен е во неколку антологии на современата македонска поезија. Реализирал самостојна изложба на фотографии во услови на пандемија, со наслов „Комши камераџик“ (КЦ 750, 2020). Како литературен преведувач, има преведено од турски на македонски јазик пет романи и избор од сто песни од знаменитиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, Антолог, 2014).

Препорачај ја книгата