Букер 2019: Маргет Атвуд

Маргарет Атвуд е една од двете добитнички на Букеровата награда за 2019 година. Две дела од Атвуд се достапни во издание на Бегемот: „Приказната на робинката“ и „Алиас Грејс“, два романи со несомнено култен статус во современата светска фикција. Преводот на двете книги е во авторство на Кристина Димкова.

Приказната на робинката“ е дистописки роман, сместен во блиска иднина во една тоталитарна христијанска теократија која извршила преврат врз американската влада. Романот е психолошко „реалистично“ и убедливо истражување на еден спротивен свет, кој во себе има значајна надреална врска со реалноста. Жестоко политички и мрачен, а истовремено мудар и хумористичен, „Приказната на робинката“ отвора голем број општествени прашања. Јазичната умешност на Атвуд блеснува низ наративот темен од терор, низ острите перцепции, свети во силните слики и саркастичната мудрост.

Во издание на Бегемот, покрај овој култен роман, објавен е и романот „Алиас Грејс“, во кој — врз фонот на историските настани поврзани со фигурата на Грејс Маркс — Атвуд расплетува богата приказна низ која длабински истражува цела низа проблеми: женскоста, мачното созревање, сетилното и духовното осознавање на светот, борбата и играта со воспоставените општествени улоги и вредности, новите методи на истражување на длабоките пориви (извесна предисторија на психоанализата), институциите на социјална изолација (затвор, лудница) итн.


Маргет Атвуд

„[…] Посетителките носат попладневни фустани со редови копчиња до горе од предната страна и крути кринолини под нив. Вистинско чудо е како можат воопшто да седат, а кога одат ништо не им ги допира нозете под надуваните здолништа, освен комбинезоните и долгите чорапи. Како лебеди се, се нишаат на невидливите стапала; или, пак, како медузите во водите на карпестото пристаниште во близина на нашата куќа, кога бев мала, пред да тргнам на долгото, тажно патување преку океанот. Беа топчести и набрани, елегантно и убаво мавтаа од под морето; но кога ќе бидат исфрлени на плажата и исушени на сонцето од нив не останува ништо. Ете такви се дамите: претежно вода.

Кога за првпат бев донесена тука, немаше жични кринолини. Ги правеа од коњски влакна бидејќи жичните сè уште не беа измислени. Ги гледав како висат во плакарите кога влегував внатре за да средам и да ги испразнам легените. Како кафези за птици се; ама што е затворено во нив? Нозе, дамски нозе; нозе затворени внатре за да не можат да излезат и да се протријат од панталоните на господата. Сопругата на управникот никогаш не вели нозе, иако весниците ги нарекоа нозе кога пишуваа за Ненси со мртвите нозе кои стрчеа од под коритото.

Не доаѓаат само дамите-медузи. Во вторниците го имаме Женското прашање и еманципацијата на ова или она, со прогресивни умови од обата пола […]“

Од „Алиас Грејс“ — Маргарет Атвуд.

„Алиас Грејс“ — Маргарет Атвуд

Алиас Грејс