о најновиот ракопис Ѕвездан Георгиевски ги истражува границите на романот како жанр на еден навидум парадоксален начин – однапред откажувајќи се од можноста да напише, односно да заврши еден роман. Ракописот е составен од шеснаесет почетоци, своевидни скици или идеи за роман, кои меѓусебно се поврзани само со тоа што се наоѓаат во истиот бележник за идеи на авторот. […] Авторот, на прв поглед, се задоволува само со каталогизација на наративните потенцијали, без да чувствува обврска да ги систематизира и да воведе ригиден ред во хаосот. Но, повнимателното читање ни покажува дека токму наводната ослободеност од обврската да се доведат приказните до крај доведува до необична, шармантна, непретенциозна и заводлива лежерност во раскажувачкиот тон. […] Авторот ни дава увид во својата писателска работилница, добиваме своевиден пренос во живо од неговиот писателски work in progress: пред нас се изложени авторовите дилеми, амбиции, стравови, па и неуспеси… Тој ги претставува, ги сецира, а некогаш дури и ги изложува на потсмев своите идеи за романи што никогаш не се реализирани до крај. Радоста со која се раскажува за „неуспешното“ раскажување, како резултат донесува брилијанти прозни фрагменти. Без разлика дали ќе ги наречеме скици, раскази, поглавја или почетоци од романи, во хаосот од идејни концепти, тие функционираат и независно, но и како целина.
Хуморот и автоиронијата се неизоставен дел на стилот и наративната стратегија, и често провејуваат низ текстот: „Кога во главата немам чиста ситуација, тогаш сѐ ќе заврши на некоја скица, а немам некоја особена волја да пишувам скици“, се вели во една од – скиците!
Иван Шопов
Автор: Ѕвездан Георгиевски
Дизајн на корица: Наталија Лукомска
Број на страници: 150
Едиција: Наше маало | Формат: 185×120