Голема хала наполнета до таван со буриња. Бурињата лежат на држачи, огромни, тешки, заспани.

Во бурињата созрева коњак.

Не знае секој како настанува коњакот. За да се направи коњак, потребни се дури четири работи: вино, сонце, дабово дрво и време. А освен тоа, како и во секоја уметност, треба да се има вкус. Останатото изгледа вака:

Наесен, по гроздоберот, се прави гроздова ракија. Таа ракија се става во бурињата. Бурињата мора да бидат од дабово дрво. Целата тајна на коњакот се крие во слоевите на дабовото дрво. Дабот расне и собира сонце во себе. Сонцето се таложи во слоевите на дрвото, како што килибарот се таложи на дното од морињата. Тоа е долг процес, кој трае десетици години. Од младо дапче не би излегол добар коњак. Најдобар коњак даваат осамените дабови, кои раснеле на изолирано место, на сува почва. Таквите дабови се изложени на сонце. Во еден таков даб има толку сонце колку што има мед во саќето. Влажната почва е кисела и тогаш дабот во себе има премногу горчина. Во коњакот тоа веднаш се чувствува. Дабот кој како млад бил повреден со кршење, исто така не дава добар коњак. Во повреденото стебло соковите не кружат добро и дабовото дрво веќе го нема тој вкус.

Потоа бочварите прават буриња. Еден таков бочвар мора и да знае што прави. Ако лошо го засече дрвото, дабот ќе нема арома. Ќе пушти боја, а арома нема да даде. Дабот е мрзеливо дрво, а со коњакот дабот мора да работи. Еден таков бочвар треба да има осет како мајстор што прави виолина. Доброто буре може да трае сто години. А има буриња што имаат и двесте, па и повеќе години. Не успева секое буре. Има буриња без вкус, а пак други даваат коњак како злато. По неколку години веќе се знае кои буриња какви се.

Во бурињата се става гроздова ракија. Петстотини, илјада литри, зависи. Бурето се става на држач и така се остава. Ништо повеќе не треба да се прави, треба да се чека. Сѐ во свое време. Ракијата сега се впива во дабот и тогаш дрвото испушта сѐ што има. Го испушта сонцето, испушта мирис, испушта боја. Дрвото ги исцедува од себе соковите, работи.

Затоа треба да има мир.

Потребен е провев, бидејќи дрвото дише. Дрвото сака да му биде суво. Влагата ќе ја расипе бојата, ќе даде тешка боја, без светлина. Виното сака влага, а коњакот не ја поднесува. Коњакот е покаприциозен. Првиот коњак се добива по три години. Три лета, три Бадника. Бадниковите коњаци се најмлади, од понизок ранг. Најдобрите коњаци се специјалните едиции, без класификација со ѕвездички. Тоа се коњаците кои созревале десет, дваесет, до сто години. Но вистината е дека староста на коњакот е уште поголема. Треба да се додаде староста на дабот од кој било направено бурето. Сега се работи на дабови кои никнале за време на Француската револуција.

Дали е коњакот млад или стар се препознава по вкусот. Младиот коњак е остар, брз, некако импулсивен. Вкусот ќе му биде скоминав, рапав. А стариот, пак, оди благо, меко. Дури потоа почнува да зрачи. Во стариот коњак има многу топлина, многу сонце. Тој ќе отиде во главата мирно, без брзање.

А тоа што треба и така и така ќе го направи.

____________________________________________

Од „Империјата“ на Ришард Капушќињски