Стожерни протагонисти на културниот живот
Согледувањето и следењето на клучните дела, авторски потфати, тенденции и проблеми на современата македонска културна и уметничка сцена денес е незамисливо без неуморниот ангажман на Тони Димков, кој како новинар во културата работи уште од 1990 година, а незамисливо е да се проследи значаен културен настан без негово присуство, редовно засведочено со рецензија, осврт или разговор со авторите. Последниве неколку години преку саботното издание на прилогот за култура „Културен печат“ во дневниот весник „Слободен печат“ македонските читатели редовно добиваат детален и исцрпен увид во клучните случувања од доменот на сите уметности, а како особено драгоцени се издвојуваат интервјуата што Тони Димков ги води со стожерните протагонисти на културниот живот. Книгата „Рефлексии“ е сочинета од 32 текстови, од кои 20 се интервјуа, а 12 се пообемни разговори со академици и научници, поети и писатели, актери, режисери и продуценти, сликари, оперски пејачи и инструменталисти. Ако имаме предвид дека Тони Димков во последните три години има реализирано над 150 интервјуа и уште толку разговори, тогаш веднаш се наметнува констатацијата дека книгата „Рефлексии“ ни нуди строг избор на авторот на интервјуа што тој се определил да оформат нова компактна целина, во која има и големо разноличие на темите, но и голем број нишки преку кои меѓусебно се надоврзуваат разговорите, кои, на тој начин, оформуваат еден конгломерат на битни рефлексии за современата македонска култура.
Проф. д-р Владимир Мартиновски
Број на страници: 144
Едиција: Плочка| Формат: 205 x 205 мек повез

Тони Димков (1969)
Тони Димков (1969, Скопје) работи како новинар од областа на културата и уметноста од 1990 година, активно следејќи го творештвото на македонските уметници од повеќе области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во државата. Автор е на четири книги од областа на публицистиката: „Зборот остава траги“ (2016), „Кантар со метафори“ (2017), „Културен печат – интервјуа и разговори“ (2021), „Огледало на живата мисла“ (2022), сите четири во издание на издавачката куќа „Магор“ од Скопје. Збирката со интервјуа и разговори „Рефлексии“ е негова петта книга и прва соработка со издавачката куќа „Бегемот“. Добитник е на најзначајните награди од областа на новинарството и достигнувањата во културата, како наградите „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ (2016), наградата на МНК ИКОМ (2017), за професионален ангажман во афирмацијата на културата и музејското работење, наградата „13 Ноември“ на Град Скопје (2020), наградата од Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ во чест на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ и др.
