„(…) (Бес)конечни модели на расказот содржи 80-ина куси раскази поделени во неколку циклуси и тоа: почетнички раскази, иритирачки, деликатесни, ситни, патувачки, вселенски, функционални, опасни, раскази за засолнување, среќни, несреќни, раскази со среќен почеток, а тажен крај и минијатурни раскази за пополнување страници. Веќе самите наслови укажуваат на креативноста и инвентивноста, оригиналноста и игривоста на нивната авторка. Имено, во средиштето на оваа книга се тринаесетина (според бројот на циклуси) модели на раскази, варијанти на пишување куси куси раскази; тоа се раскази за расказот, еден вид луцидни упатства и сугестии за тоа како се пишуваат раскази и какви сѐ облици и модели на краток расказ можат да постојат, како и кои се нивните парадигматични обележја. Фасцинира, притоа, богатството на аналогии и асоцијации на творечкиот чин со најобични, дури и банални ситуации и објективни предмети од непосредната реалност.“ „(…) Ефектни, енергични и динамични, минијатурите на Михајловиќ-Костадиновска се одликуваат со една згусната форма, нагласена сликовитост и висок степен на култура на изразот. Истите нудат мошне впечатливи, интересни и возбудливи коментари за видовите нарација кои, несомнено, ќе ја разиграат читателската фантазија и ќе понудат неповторливо читателско искуство. Авторката вешто си поигрува со поривот за раскажување/нарација на еден мошне инвентивен и оригинален начин.“ Лидија Капушевска-Дракулевска
Број на страници: 136
Едиција: Наше маало| Формат: 185×120
Сања Михајловиќ-Костадиновска e доцент по шпанска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Докторирала на Универзитетот Комлутенсе во Мадрид. Активно се занимава со превод и пишување прозни дела. Добитничка е на повеќе награди за кратки раскази, како и на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите“ за 2015 година што ја доделува издавачката куќа „Темплум“. Авторка е на збирките куси раскази „(Бес)конечни модели на расказот“ (Бегемот, 2018) и „Во кратки црти“ (Бегемот, 2021), како и на една книга за деца („Сонувалко“, Бегемот, 2019).

Препорачај ја книгата