Очудувања #1

Новости

101 година откако Виктор Шкловски го воведе поимот „очудување“ (остранение) во мислата за книжевноста, определувајќи го како скршнување од автоматизмот на рецепцијата на книжевниот текст преку постапка на создавање особено, необично видување на неговиот предмет. Наместо вообичаеното приближување на „значењето“ кон сознанието на читателот, поетиката на очудувањето повикува човекот, предметот или појавата што уметникот ги набљудува да се претстават небаре првпат видени. Се работи за раскин со култот на авторската приземност заради освежување на уметничкиот текст. Определбата на поимот е дескриптивна и не ја заклучува постапката во фиксни рамки: на располагање е неограничен спектар наративни зафати преку кои може да се постигне очудување.
Цело столетие од освестувањето (ословувањето) на раскажувачкото очудување, го свртуваме погледот кон она што денес на македонската книжевна сцена може да го понесе тој епитет. Распишувајќи го првиот конкурс „Очудувања“, сакавме да ги препознаеме и да им дадеме поддршка и публицитет на што поголем број квалитетни македонски писатели кои ѝ се опираат на зачмаеноста, но и да откриеме нови смели пера, на кои би им отвориле можности за учество во македонскиот и во меѓународниот книжевен свет. Единствениот зададен критериум беше да се поднесуваат кратки прозни текстови напишани на македонски јазик. Иако очекувавме да добиеме пред сè кратки раскази, предвидовме простор и за прозни изрази кои се пресекуваат со лирското и драмското, но и оние кои кратката фикција ја приближуваат до соседните дискурзивни регистри: есеистичкиот, журналистичкиот, речничкиот… Всушност, таквите експерименти ги согледуваме како дел од проектот на очудувањето.
Првиот обид за свртување на завртката е пред вас. На конкурсот пристигнаа 49 кратки прозни текстови од триесет и еден автор, кај кои беа оценети стилската оригиналност, креативноста на наративната стратегија и инвентивноста на односот кон темата. Во првата збирка вклучивме текстови од дванаесет автори. Некои од нив се веќе етаблирани очудувачки гласови на македонската млада книжевна сцена, а други го привлекуваат вниманието кон себе со свежината и необичноста на својата творечка постапка. Стерилното око на традиционалниот суд – кој при сета своја непроникливост и претенциозност бара исполнување на химерични и едноставно некнижевни задачи (дидактичност, миметичност, задоволување национални интереси…) – веројатно би ги отфрлил ваквите плодови на слободното писмо. Нам ни причинува огромно задоволство што можеме да дофатиме дел од нив!

Андреј Јованчевски

Очудувања#1.pdf