Николина Андова Шопова - Улица „Скопски фланеризам“ ББ

Николина Андова Шопова - Улица „Скопски фланеризам“ ББ

 

Кон стихозбирката „Скопски улици“ на Васко Марковски

Секогаш кога отвораме нова книга од Васко Марковски, можеме да бидеме сигурни дека нѐ очекува интересна и возбудлива прошетка. Ова не е само игра на зборови – имајќи предвид дека зборуваме за книга што го носи насловот „Скопски улици“ – туку многу повеќе коментар на авторовиот сензибилитет и однос не само кон литературата и градот, туку и кон светот воопшто. Васко Марковски во својата најнова книга како да го обединува најдоброто од својот творечки ангажман – во песните ги забележуваме и Васко хаику-мајсторот, Васко туристичкиот водич, Васко фотографот, Васко музичарот, Васко репортерот, па дури и Васко преведувачот.

Во „Скопски улици“, градот е распослан пред читателот како лавиринт што треба да се истражи, но за кој сепак имаме одредени патокази. На родниот град Васко Марковски му пристапува како на место што го посетува за првпат – ретка, но толку потребна вештина за да се избегне баналноста кога се пишува за градот. Авторот го изострува своето око како објектив кој го пронаоѓа само она што не е видливо на прва. Понекогаш тоа е некаква асоцијација или аналогија, сцена, слика, референца од музиката или поп-културата… Но секогаш резултира со мала урбана епифанија.

Тонот во песните понекогаш е хумористичен, па дури и црнохуморен, понекогаш емотивен, критички, па и „мрчаторски“. Присутна е големата доза емпатија кон луѓето и феномените кои го опкружуваат; Васко Марковски сочувствува со џандарите што амалски чекаат леб во комбето, со непознатиот Јапонец кој има иста мака и не може да се разбере со ќерката пубертетлика, со изморените градежни работници кои го јадат својот блузерски оброк…

Стилски и поетички, „Скопски улици“ е прилично хетерогена книга, на што упатува и големиот број циклуси на кои е поделена. Во нив има место за урбана хаику хроника, коментари на дневни актуелности, посвети на починати драги поети, духовност, хумор, на мигови повишена емотивност, голема доза урбофилија, но и бегство кон природата или она што останало од неа во градот или околу градот… Па дури и за „римејк“ на песни од други поети, како што е песната „Огледало“ посветена на Орхан Вели.

Но, среде оваа поетичка разноликост, јасно ни се прикажува она што е својствено на стиховите на Васко Марковски: неговата поезија е лишена од непотребното китење и мртвите метафори. Во неговите стихови нема изнасиленост ниту помодно следење на актуелните книжевни тенденции. Стиховите на Васко Марковски се осмислена естетска провокација, шлаканица на бесмислата, заблудите, нелогичноста, креативно артикулиран човечки бунт против баналноста и поразителната површност што нѐ опкружува… Важно е да напоменеме дека Васко Марковски со задоволство се оградува од позицијата на „мудрец“, но останува луциден и прониклив набљудувач на стварноста, дури и кога е фрлен среде неа. Таква е поетиката на Васко – топла и навидум едноставна, искрена и човечна, спонтана, непосредна, честопати афористична и духовита. А „Скопски улици“ е куса поетска тура во која подеднакво ќе уживаат и оние кои за првпат го посетуваат поетскиот свет на Васко Марковски, како и оние кои веќе се запознале со неговата книжевност.

Николина Андова Шопова

 

Број на страници: 149

Едиција: Поетите од наше маало| Формат: 185 x 120 мек повез

Извадок од книгата

Нарачај дома

Васко Марковски

Васко Марковски е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Завршил студии по турски јазик и книжевност со чешки јазик и книжевност. Дваесетина години работел како новинар, патеписец и уредник во петнаесетина медиуми (радио, печатени и мултимедија). Се специјализирал во патеписното новинарство и документаристички серијали. Во периодот 2008–2011 бил главен уредник на месечникот „Free Time Guide – Macedonia“, каде што за неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година. Соработува со неколку консултантски куќи и маркетинг агенции, а од 2018 целосно се посветил на професијата туристички водич. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“ (2013), на монографијата „Урбани легенди“ (Бегемот, 2018) и збирката репортажи „Непозната Македонија“ (Бегемот, 2020). Застапен е во неколку антологии на современата македонска поезија. Реализирал самостојна изложба на фотографии во услови на пандемија, со наслов „Комши камераџик“ (КЦ 750, 2020). Како литературен преведувач, има преведено од турски на македонски јазик пет романи и избор од сто песни од знаменитиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, Антолог, 2014).

Препорачај ја книгата