Мигел де Унамуно – Последното предавање

À propos

Ќе победите, но нема да убедите

Текстот се заснова на записот на Луис Портиљо, очевидец на oпишаниот последен говор на Унамуно. Во 1934 Портиљо станува професор по граѓанско право на Универзитетот во Саламанка, каде што се спријателува со ректорот Мигел де Унамуно.

Најеминентниот шпански поет, филозоф, романсиер и есеист од модерното време, дон Мигел де Унамуно, во 1901 беше назначен за ректор на Универзитетот во Саламанка, каде што предаваше грчки јазик, но во 1914 беше разрешен од политички причини (во 1920-тите, диктаторот Примо де Ривера го испрати во егзил на Канарските Oстрови). Повторно избран во 1931, со подемот на Републиката, тој во 1934 беше назначен за доживотен ректор, а во 1936 влезе во парламентот како независен републиканец.

Најстариот од „генерацијата од  ’98“ (новиот бран во литературата и политиката кој се појави по Кубанската војна), тој себеси се опиша како „сејач на сомнеж и агитатор на совеста“. Воениот удар во јули 1936 го затекна разочаран од Републиката, во Саламанка, срцето на националистичката територија.

На почетокот поддржувач на воениот револт, верувајќи дека тоа е обид да се „воведе ред одново“, за три месеци тој ја разбра вистинската природа на франковиот Нов поредок. Како почитувач на младите фалангисти, тој придонесе финансиски кон востанието, но по 12 октомври неговиот став се промени. Тој стана, како што подоцна рече, „ужаснат од карактерот кој оваа граѓанска војна го заземаше, навистина стравично, како резултат на колективна ментална болест, епидемија на лудило со патолошки супстрат“.

Кога големиот национален фестивал на 12 октомври беше прославен на Универзитетот во Саламанка – на стотина јарди од франковото седиште (неодамна основано во бискупската палата во Саламанка, на покана од бискупот) – беше претпоставено дека тој е само уште еден од заробените интелектуалци…

Церемонијалната сала на Универзитетот во Саламанка е пространа соба користена само за формални прилики, свечена, строга, со таписерии закачени по ѕидовите. Низ огромните прозорци продира поплава од блескаво светло кое се прелева, продлабочувајќи го килибарниот отсјај на вековните камени столбни плочи.

Ваков беше амбиентот.

Драмата се одигра на 12 октомври 1936, кога шпанскиот фашизам беше во неговата прва триумфална фаза. Утрото беше полуодминато. Се славеше патриотскиот фестивал на шпанската раса.

Ете ги таму на пиедесталот: виолетовата калота, прстенот од аметист и блескавиот граден крст на Пресветлиот Пла и Дениел, бискуп на епархијата, црните мантии на судиите, прекумерниот сјај на воената златна плетенка непосредно до крстовите и медалјоните изложени на вообразено надуените гради, утринскиот капут поставен со ревери од црн сатен на Неговата екселенција, гувернерот на областа, и сите овие го опкружуваа – за да му оддадат чест или да го придушат? – човекот чија гордост на својата неподмитлива шпанска совест беше безрезервна и права: Мигел де Унамуно и Хуго, 72-годишниот ректор.

Од централниот ѕид беше симната алегоричната слика на Републиката и со дрско блекаше засводената икона на Генералот. Лево и десно од него, од диваните покриени со пурпур, свилата на тогите на докторите и нивните капи со светли црвени, жолти, светлосини и темносини перчини ги симболизираа Правото, Медицината, Книжевноста и Науката.

Меѓу учените мажи имаше и неколку дами; на почесно место седеше дона Кармен Поло де Франко, славната сопруга на Човекот на Провидението.

Од преполната публика свртена кон подиумот со заштитната балустрада од темно полирано дрво, се разлеваше шепот на исчекување. На далечниот крај од долгата сала блескаа заоблените лимени инструменти на воениот ансамбл, подготвен да ги отсвири задолжителните химни.

Церемонијата започна. Дон Мигел ја отвори според ритуалот, говорејќи со тој негов незаборавен глас, тенок и јасен. По воведните формалности, следуваа говорите на доминиканскиот отец Висенте Белтран де Хередиа и монархистичкиот писател Хосе Мариа Пеман. Двајцата одржаа вжештени говори, исто како и дон Франциско Малдонадо, низок, дебел професор по книжевност и земјопоседник во Саламанка, кој жестоко ја нападна Каталонија и Баскиската држава: „Каталонија и Баскиската држава се два рака во телото на нашата нација. Фашизмот, кој го носи здравјето на Шпанија, ќе знае како да ги отстрани и двата, сечејќи во живото, здраво месо како одлучен хирург, ослободен од лажна сентименталност, а бидејќи здравото месо е земјата, Фашизмот и Армијата ќе го истребат заболеното ткиво на оние кои живеат на неа и ќе ја вратат таа земја на светото национално ткиво.“

По него, на говорничкиот подиум пристапи дон Хосе Мариа Рамос Лосерталес од Сарагоса, висок и виток, со течно движење, светнати очи, трезвен и со прецизен говор, неговото лице во постојано движење, покажувајќи суптилна и енигматична ироничност. Тој зборуваше за смртничката борба која беснееше во тоа време – уште еден говор за околностите. Неговата теза: енергиите на Шпанија се вжештени во леарницата на искушението – и како златото од леарницата, Шпанија ќе се појави најнакрај, прочистена и без дамка, во нејзините вистински бои, кои ги одбиваа дамките вештачки наметнати на неа. Бурна овација!

Потоа стана генералот Милан Астрај, во тоа време значаен, неофицијален советник на Франко. Неговиот црн превез на окото, неговата една рака, неговите ампутирани прсти го направија херој на моментот. Со лажна понизност, тој одбра да зборува од неговото место во публиката. Неговиот изглед беше впечатлив. Генералот беше тенок,  со исцрпеност преправена како виткост. Тој ги изгуби едното око и едната рака, а неговото лице и тело ја носеа неизбришливата тетоважа на ужасни лузни. Овие дивјачки осакатености и длабоки расекотини асоцираа на злокобен карактер; неговото луто и злобно држење го убиваше сето сочувство што неговите повреди можеби би го предизвикале. Тој беше организаторот на „Терцио“, Странскиот легион на Шпанија, за операции во Африка; изумителот на железна, неумолива дисциплина под која невнимателните дезертери од другите социјални дисциплини се потчинуваа по сопствена волја. Се имаше здобиено со тие рани, кои на многумина им делуваа величествено, во фантастичните марокански војни, кои беа најлошиот кошмар за Шпанците за време на ужасното владеење на  кралот Алфонсо XIII, своевремено нарекуван „Африканецот“. Сепак, неоспорливиот ореол кој го опкружуваше ликот на Генералот потекна од морничавата оригиналност, мистериозниот парадокс на неговиот борбен крик Viva la Muerte!  — „Да живее смртта!“

Одвај се имаше исправено на своите стапала Милан Астрај, кога одѕвони неговиот продорен глас, небаре прсна од тие херојски гради накитени со галаксија од крстови, доказ и награда за јунаштвото.

Најпрвин рече дека повеќе од половината Шпанци се криминалци, виновни за вооружен бунт и високо предавство. За да отстрани секаков сомнеж, тој продолжи објаснувајќи дека под овие бунтовници и предавници тој ги подразбира граѓаните кои и останаа лојални на Владата. Воден од ненадејна искра на интуиција, некој од публиката се инспирира да ја зграпчи беспрекорната логика на слоганот кој обични умови го сметаа за производ на епилептичен мозок. Вресна со жестокост: Viva la Muerte! – „ Да живее смртта!“ Непробоен, генералот направи пауза и фрли деспотски поглед над публиката. И виде дека сите му беа робови. Тие беа хипнотизирани од човекот. Никогаш дотогаш некоја од неговите тиради до толку не ја беше покорила волјата на неговите слушатели. Очигледно, сега беше во елемент… Го освои Универзитетот! Продолжи, понесен од себеси, несвесен за суптилната и презрива насмевка на усните од ректорот.

„Секој социјалист, секој републиканец, секој од нив без исклучок – и, непотребно е да се нагласува, секој Комунист – е бунтовник против Националната Влада која многу наскоро ќе биде признаена од тоталитарните држави кои нè помагаат, освен Франција – демократска Франција – и перфидната Англија. И тогаш, или можеби уште поскоро, кога Франко ќе посака, и со помош на галантните Морисци, кои, иако вчера ми го уништија телото, денес ја заслужуваат благодарноста на мојата душа, бидејќи ја бранат Шпанија од Шпанците – мислам, од лошите Шпанци – бидејќи ги даваат своите животи во одбраната на Шпанската света религија, како што докажува нивното присуство на мисите, придружувајќи го Генералот и закачувајќи свети медаљони и свети срца на нивните наметки.

Генералот се изгуби себеси во лавиринтот на својот сопствен жесток изблик. Тој се поколеба, надразнет и провокативен едновремено. Во ваквите маки, еден ентузијастичен фашист му пријде на помош извикувајќи: ARRIBA ESPAÑA! („Шпанија горе!“)

Толпата ги наведна главите помирливо. Човекот продолжи непоколебливо: ESPAÑA!

Механички, толпата одговори: UNA! („Единствена!“)

ESPAÑA! – повтори. GRANDE! – презеде покорената публика. ESPAÑA! – инсистираше Сината кошула неумоливо. LIBRE! – повторија сите, заплашени. („Шпанија, Единствена, Голема и Слободна“ е задолжителниот фалангистички слоган, кој на сите свечени прилики се сканира во одговор на водачки говор.)

Постоеше очигледно отсуство на топлина во бездушноста на овие вештачки произведени одговори. Неколку Сини Кошули скокнаа на нозе како да беа турнати од невидливи пружини и нагло ги кренаа десните раце во римски салут. И ја отпоздравија фотографијата на предниот ѕид.

ФРАНКО! ФРАНКО!

Публиката стана, безволно, и скандираше, папагалски: ФРАНКО! ФРАНКО! ФРАНКО!

Но сликата на Франко не се помести. А ниту пак ректорот, дон Мигел, не стана на нозе. Публиката се стиши и седна.

Говорот на дон Мигел

Сите очи беа нервозно и со напнатост приковани на благородната глава, на бледото, мирно чело, врамено во снежно бела коса. Несигурниот израз во неговите очи беше прикриен од блесокот на очилата.

Меѓу фината контура на неговиот нос и неговата сребрена кихотска брада, усните му беа извиткани во горчлива гримаса на нескриен презир. На луѓето почна да им станува непријатно. Неколкумина наеднаш почуствуваа како им се враќа старата злобна одбојност. Други се восхитуваа на спокојната бестрашност на Учителот и се исплашија за неговата безбедност. Повеќето беа зграпчени од соблазнивата возбуда на неизбежната трагедија.

Најпосле, дон Мигел бавно стана. Тишината беше огромна празнина. Во оваа празнина, дон Мигел започна да го сипува потокот на неговиот говор, како да му се насладуваше на секој одмерен збор. Ова е суштината на она кое тој го кажа:

„Сите вие чекате да се потпрете на моите зборови. Сите ме познавате и сте свесни дека не можам да премолчам. Не научив како тоа се прави во седумдесет и трите години од мојот живот. И сега не посакувам да го научам тоа повеќе. Понекогаш, да се премолчи значи да се излаже. Бидејќи тишината може да биде протолкувана како согласност. Не би можел да преживеам развод помеѓу мојата совест и мојот збор, партнери на кои отсекогаш им било добро заедно.

Ќе бидам краток. Вистината е највистинита кога е гола, ослободена од украси и претерана речитост. Дозволете да ја отпишеме личната навреда инсинуирана во ненадејниот излив на груб прекор кон Баскијците и Каталанците воопшто од страна на професор Малдонадо. Јас, секако, сум роден во Билбао за време на бомбардирањата во Втората карлистичка војна. Подоцна, се венчав со овој град Саламанка, кого длабоко го сакам, сепак не заборавајќи го мојот роден град. Епископот (овде Унамуно покажа кон растреперениот епископ кој седеше до него), без разлика дали тоа му се допаѓа или не, е Каталонец од Барселона.

Би сакал, како и да е, да коментирам на говорот – така да го наречам – на генералот Милан Астрај, кој е овде меѓу нас.“

Генералот се здрви и погледна провокативно.

Унамуно подзастана. Побледеа лицата. Кратката пауза беше напната и драматична. Очекувањата го допреа врвот.

„Само што слушнав некрофилен и безумен извик, „Да живее смртта!“ Мене тоа ми звучи како еквивалент на MUERA LA VIDA! – „Смрт за животот!“ И јас, кој го потрошив животот обликувајќи парадокси кои предизвикаа неразбирлив гнев кај други, морам да ви кажам, како авторитет со експертиза, дека овој вонземен парадокс ми е одвратен. Бидејќи беше извикан во чест на последниот говорник, можам да си го објаснам само преку претпоставката дека му беше упатен нему, иако во многу чудна и мачна форма, како сведоштво на тоа дека тој самиот е симбол на смртта.

А сега, една друга работа. Генерал Милан Астрај е инвалид. Да го изговориме тоа без навредлив призвук. Тој е воен инвалид. Истото тоа беше и Сервантес. Но крајностите не го прават правилото: тие го избегнуваат. За жал, има премногу инвалиди во Шпанија сега. И наскоро ќе ги има уште повеќе ако Господ не ни дојде на помош. Ми предизвикува болка помислата дека генералот Милан Астрај треба да ја диктира психологијата на масите.

Тоа би било страшно. Инвалид кому му недостига духовната големина на Сервантес – човек, не суперчовек, силен и комплетен и покрај неговата осакатеност – инвалид, реков, кому му недостасува таквата возвишеност на умот, е склон да бара злокобна утеха во предизвикувањето осакатеност околу себе.“

Неговите зборови одѕвонија кристално јасно. Тешката тишина им даде ек.

„Генералот Милан Астрај не е еден од префинетите умови, иако е непопуларен, или можеби, токму од таа причина. Бидејќи е непопуларен, генералот Милан Астрај би сакал да ја создаде Шпанија одново – негативна креација – според неговата сопствена слика и прилика. И затоа тој сака да ја види Шпанија осакатена, како што несвесно ни објасни.“

Во тој миг, генералот Астрај не можеше да се воздржи повеќе и диво се развика: MUERA LA INTELIGENCIA! – „Смрт за интелигенцијата!“

„Не, долу лажните интелектуалци! Предавници!“, го исправи Хосе Марија Пеман, новинар монархист од Кадиз, вознемирено сакајќи да ги прикрие пукнатините во националистичкиот фронт. Неколку гласови го поддржаа; многу дланки беа стиснати во тупаници за да спречат безобразен импулс за аплаудирање на стариот ректор. Сините кошули беа во искушување да станат насилни, верно на тоталитарната процедура. Избувнаа кавги околу имињата на академици кои исчезнаа или беа стрелани. Гневни шепотења се слеваа од различни страни. Некои фигури во тоги се имаа собрано околу дон Мигел, Сини кошули околу нивниот озлогласен херој.

Најпосле, викотниците спласнаа како звукот на далгата врз брегот и групите се распрснаа.  Дон Мигел повторно стана видлив за собраните, исправен, со прекрстени раце и поглед фиксиран право напред, со стоички став. Уште еднаш неговиот збор ја запоседна салата:

„Ова е храм на интелигенцијата. И јас сум неговиот највисок свештеник. Вие ги профанизирате неговите свети ѕидини.

Јас отсекогаш, без оглед на поговорката, сум бил пророк во својата земја. Вие ќе победите, но нема да убедите. Ќе победите бидејќи поседувате повеќе од доволно груба сила, но нема да убедите, бидејќи да се убеди значи да се увери. А за да уверите некого, ќе ви треба тоа што ви недостасува – разум и право во борбата. Сметам дека е залудно да ве наговарам да мислите на Шпанија. Завршив.“

Контровезноста повторно се распали, прекината од ненадејни бранови на едногласна тишина.

Дон Естебан Мадруга, професор по општо право, искрен и добар човек, тогаш го потфати дон Мигел за раката, ја понуди својата друга рака на дона Кармен Поло де Франко и ги поведе надвор од салата. Унамуно чекореше достоинствено – блед и смирен. Сопругата на Франко беше толку стаписана што одеше како автоматизирана.

Резултатот

Хунтата во Бургос беше консултирана; потоа дојдоа неминовните наредби од Франко. Ако навредата се сметаше за доволно сериозна, тогаш ректорот од Саламанка требаше веднаш да биде погубен без одложување. Навредата навистина се сметаше за таква, но некој подобро поткован имаше сфатено дека таквиот чин фатално ќе ја наруши меѓународната репутација на „Движењето за национален спас“ кое беше во зародиш, па егзекуцијата не беше изведена.

Дон Мигел се повлече во својот дом, кој оттогаш остана постојано опкружен со полиција.  Мигел де Унамуно умре ненадејно на последниот ден од 1936 од мозочен удар, достигнувајќи траен мир.

 

Романот „Магла“(1914) – едно од клучните дела на дон Мигел де Унамуно – е достапен во издание на Бегемот.