Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски - „Градоначалникот на Хипнополис“

Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски - „Градоначалникот на Хипнополис“

К

нигата „Градоначалникот на Хипнополис“ од нашите еминентни книжевни теоретичари и историчари на книжевноста, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и проф. д-р Владимир Мартиновски, опфаќа компаративни студии, есеи и осврти за книжевното дело на еден од најзначајните македонски писатели, Влада Урошевиќ. Во оваа книга, авторите нудат свое автентично читање на прозното и поетското творештво на Урошевиќ преку една двојна перспектива. Имено, текстовите во книгата, од една страна, разјаснуваат некои од клучните аспекти на поетиката на Урошевиќ, а од друга страна, тоа е еден вид теориски дијалог за творештвото на авторот и меѓу Капушевска-Дракулевска и Мартиновски. Во книгата се анализирани и претставени некои од главните творечки преокупации на Влада Урошевиќ: сонот како неисцрпен поттик за создавање и креативно преобликување во литературата, идејата за поезијата како чин на игра и комбинација, опседнатоста со поетската слика и односот на авторот кон модерното сликарство, релациите меѓу творештвото на Урошевиќ и поетиката на надреализмот, автопоетичките согледувања за уметноста и умешноста на пишувањето поезија, жанровските елементи во неговите романи, како и различните теми опфатени во неговите кратки раскази. Станува збор за луцидна, акрибична, теориски внимателно напишана книга, во која освен што мошне прецизно се прикажани различните слоеви од опусот на Влада Урошевиќ, тие се анализирани и толкувани со еден вид поетска страст за неговото творештво. Затоа книгата ги надминува обичните стандарди на теориското истражување и навлегува во сферата на текст што се чита како еден вид „весела теорија“, текст во кој авторите го следат и својот дискурс го сообразуваат на пристапот и дискурсот на авторот за кој пишуваат. Владимир Јанковски

Број на страници: 317

Едиција: Перископ | Формат: 190 x 120 тврд повез

Извадок од книгата

 

Нарачај дома

 

 

 

Лидија Капушевска-Дракулевска (1962) е редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Член е на македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија; на Здружението за компаративна книжевност на Македонија, на Европската мрежа за компаративни проучувања (REELC) и на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност (AILC). Објавува есеи и студии од областа на книжевната фантастика, толкувањето на поетски текстови и компаративното проучување на книжевните феномени. Авторка е на девет книги („Во лавиринтите на фантастиката“, 1998/2004; „Поетика на несознајното“, 2001; „Поетика на изненадувањето“, 2003; „Маргарита по трагите на Мајсторот“, 2006; „Калеидоскоп“, 2011; „Созвучја“, 2015; „Мозаик од гласови“, 2018; „Авторот во огледало“, 2021; „Свет зад светот“, 2023), како и е приредувач на неколку домашни и странски изданија.

Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) e поет, раска­жувач, есеист, теоретичар, книжевен преведувач, антологичар. Работи како редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Докторирал на Универзитетот Париз III – Нова Сорбона. Автор е на десет книжевно-теориски студии: Од слика до песна – интерференции меѓу современата македонска поезија и ликовните уметности (2003), Споредбени триптиси (2007), Слики за читање – аспекти на екфразиската поезија (2009), Споредбени диптиси (2011), Зоон поетикон – аспекти на современата македонска поезија (2013), Narro ergo sum (2015), Поетски (ре)визии (2018), Далеку, а блиску (2020), Век со Конески, мигови со Блаже (2022) и Песнапат (2023). Автор е на книгите поезија: Морска месечина (хаику и танка, 2003), Скриени песни (хаику, 2005), И вода и земја и оган и воздух (хаику, 2006), Квартети за читање, гледање, пеење и слушање (2010), Побрзај и почекај / Harry up and Wait (песни во проза, 2011), Пред и по танцот (2012), Вистинска вода (2014), Внатрешни планини (2016), Сонувани и будни песни / Dream and Awake Poems (2017) и 101 сонет од една чудна пролет (2020), како и на три книги хаибуни: Ехо од бранови (2009), Мачка во магла (2016) и Небо без ѕвезди (2016). Автор е на три книги за деца и на збирката раскази Зоостории (2019). Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици. Приредил десетина антологии. Неговата поезија е застапена во неколку меѓународни антологии, а е објавувана и во голем број списанија. Добитник е на прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ (2009), на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2010), на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика на ДПМ (2013), на признанието „Витез на македонскиот пишан збор“ (2014), „Лирата на Орфеј“ (2020) и „Антев златник“ (2020). Се занимава и со други уметности. Многу сака да патува, но и да чита книги поврзани со патувања.

Препорачај ја книгата